Тричлено семејство загина кај Зајас
Во стравотна сообраќајна несреќа животот го загубија Горан и Весна Стојановски и нивната 13-годишна ќерка
Кичево е завиено во тага по смртта на тричлено семејство во стравотна сообраќајна несреќа што се случи завчеравечер на патот од Кичево кон Гостивар. Во директен судир на две возила, на самото место животот го загубија брачните сопатници Горан (43) и Весна Стојановски (42). На тешките повреди од несреќата подоцна им подлегна и нивната тринаесетгодишна ќерка Евгенија. И покрај брзата медицинска интервенција, лекарите не успеаја да го спасат нејзиниот живот.
Во болница заврши и возачот на БМВ, деветнаесетгодишниот А.А. од селото Зајас. Според првичните претпоставки, тој со БМВ со италијански таблички, со голема брзина се движел по патот. Во еден момент преминал на другата коловозна лента и удрил во „опел корсата“ каде што се наоѓало кичевското семејство. Ударот бил стравотен. Момчето од Зајас се бори за живот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје.
Кичевци тагуваат и сочувствуваат со најблиските на семејството Стојановски, кои загинаа во сообраќајната несреќа. Тие коментираат дека станува збор за многу угледно и почитувано семејство во градот. Горан Стојановски бил раководител на Секторот за екологија во локалната самоуправа во Кичево, додека неговата сопруга Весна Стојановска работела како наставник во основното училиште, а била и советник.
Според неофицијалните информации, несреќата се случила токму кога семејството се враќало од главниот град, каде што студира нивната постара ќерка. Во близина на местото „Сатеска“, во близина на селото Зајас, некаде околу 18,10 часот, од спротивниот правец биле пресретнати од БМВ. Двете возила директно се судриле.
„Тешката сообракајната незгода се случила во момент на директен судар на патничкото возило БМВ со италијански регистарски ознаки, управувано од А.А., кој се движел од Кичево кон Гостивар и ’опел корса’, во која се наоѓало семејството, а се движеле од Гостивар кон Кичево“, информираат од полицијата.
На местото на тешката сообраќајна незгода е направен увид во присуство на истражен судија и јавен обвинител од Основниот суд во Кичево. Извршена е обдукција врз телата на починатите. Првично, причина за несреќата е пребрзото возење.
Во Општина Кичево денеска во 12 часот ќе се одржи комеморативна седница, а еден час подоцна, загинатите ќе бидат погребани во селото Раштани, во близина на Кичево.
За изминативе десет дена 12 лица ги загубија животите на македонските патишта. Дека состојбата е алармантна, укажуваат и предупредувањата од МВР дека од почетокот на година загинале над 140 граѓани, а повеќето од нив се млади и деца.
Како најчесто причина за ставотните сообраќајни несреќи со жртви се непрописно престигнување, преголема и неприспособена брзина кон условите на патот, непочитување на правилата за првенство на минување, непрописно и невнимателно свртување, недржење прописна страна и правец на движење, непрописно разминување, возење под дејство на алкохол... Црниот биланс покажува дека во изминатите десет години, 1.650 животи згаснале на патиштата. (Д.Т.-К.К.) |