Се спушта рампата за нашето вино

Унијата од почетокот на наредната година комплетно ќе ги затвори сега малку подотворените врати за вината од земјава

Александрија Стевковска


По Нова година, македонското вино ќе може да се продава, ама само во Македонија. Европската унија од почетокот на наредната година комплетно ќе ги затвори сега малку подотворените врати за нашите вина. Забраната за продажба на виното во Германија и во Словенија, за која досега се веруваше дека се однесува само на одредени вина што во своето име го содржат поимот Македонија, како Македонско бело и Македонско црвено вино, всушност, е проблем што ги погодува сите вина произведени во Македонија.

„Од почетокот на идната година ЕУ комплетно се затвора за нашите вина и тоа не само за некои туку за сите. За да влезат на тамошниот пазар, тие мора да имаат назначено потекло, а согласно со измените во Законот за вино, ние во земјава немаме заштитено ниту географско ниту регионално потекло на виното. Во него е испуштено и регистрирањето на Повардарскиот регион, од каде што потекнува голем дел од виното. Се' на се', пласманот на вино во ЕУ се очекува да биде целосно блокиран“, информираат од винарниците.

Производителите на вино се во безизлезна ситуација. Соочени со банкрот, тие не знаат што да прават за да обезбедат иднина на овој наш извозен производ. Најголемиот притисок го чувствуваат оние што извезуваат во Германија и во Словенија.

„Сега извезуваме под ФИРОМ и ги менуваме етикетите. Сепак, тоа претставува голем проблем. Моментално извозот е во застој што поради кризата, што поради притисокот од Грција“, вели Зоран Даневски, од винарската визба „Џумајлија“.

Од нас крева раце и ЕУ. „Европската унија нема дадено налог за повлекување на македонското вино, односно ембаргото за продажба е индивидуален избор на поединечните земји. Причина за тоа е Грција, која прави проблем за продажба на македонското вино, на кое е означено дека потекнува од Македонија. Со оглед на тоа дека во ЕУ потеклото на виното се води по катастарски регион, како што кај нас е Тиквешкиот регион, а Грција веќе го има регистрирано регионот на Македонија, македонското вино по редот на нештата, не може да го користи истиот регион. Значи, Македонија во рамките на тоа не би требало да го користи терминот Македонија за да го означи потеклото на виното, бидејќи тоа е името на државата“, велат од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

Словенија нема проблем со името „македонско вино“, е ставот на словенечкиот министер за земјоделство Дејан Жидан, по информациите дека македонско вино се повлекува од продажба во Словенија по притисокот од Грција.

„Името Македонија не е спорно на виното. Спорен е географскиот термин. Се' настана поради тоа што Грција веќе направи чекори за да го заштити пред ЕУ. Но, одлуката на земјоделската инспекција се' уште не е правосилна и остава простор да се реши овој проблем. Не можам да кажам каква ќе биде конечната одлука зашто тоа е правен проблем. Ќе треба да почекаме да видиме како натаму ќе се одвива овој процес“, вели Жидан.

Информациите од Словенија, пак, говорат дека таму има притисок за повлекување од продажба на нашето вино. Притисоците станале посилни во изминатите два месеца кога Винарскиот инспекторат на словенечкото Министерство за земјоделство неколку пати излегол на терен и укажал дека треба да се повлечат вината што биле назначени како македонски.

Ваквата реакција доаѓа по инсистирање на грчката амбасада во Словенија, која барала повлекување на нашите вина што го содржат зборот „Македонија“, кои тие ги имаа регистрирано како свој бренд уште пред дваесетина години. Слични проблеми нашето вино имаше и во Германија, по што винарниците почнаа превентивно да го избегнуваат овој збор во своите производи.

Според македонскиот министер за земјоделство, Љупчо Димовски, одлуката за повлекување на виното не е правосилна, иако неговиот заменик пред неколку дена изјави дека нашето вино има проблем да се продава во Германија и во Словенија. „Не станува збор за потеклото на виното, туку за името. Импортерот треба да ја обжали одлуката на надлежната институција, во случајот винарската инспекција, до второстепената комисија при Министерството за земјоделство на Словенија. Оваа одлука се' уште нема правно дејство. Се надеваме дека второстепената комисија ќе најде разбирање, дека правилно ќе го толкува европското законодавство, во прилог на македонското вино“ изјави вчера Димовски.

Македонија да биде хомоним

Нашиот јужен сосед се повикува на официјалната банка на податоци на вино на ЕУ, според која, вината од грчкиот регион Македонија се признати како вина со заштитени географски податоци. Од нашето Министерство за земјоделство велат дека единствено решение за проблемот е терминот Македонија да се употребува како хомоним за двете страни, без ексклузивно право на соседна Грција.




#