Две момчиња загинаа во сообраќајка во Скопје

Момчињата се возеле во „хјундаи“, кој излета од коловозот, удри во бетонски рабник и се заби во киоск

Две момчиња загинаа во сообраќајна незгода што се случи вчераутро кај Тобако 2 во скопската населба Аеродром. Автомобилот во кој се превезувале, излетал од коловозот и удрил во околните трафики. Возачот Никола Димов (26) починал на самото место, додека сопатникот Владимир Малев (23) им подлегнал на повредите в болница. Нивните тела се дадени за обдукција, а причините за несреќата допрва ќе се утврдуваат.

Трагедијата се случи околу 6,20 часот на раскрсницата од улицата „Кузман Јосифовски-Питу“ и булеварот „Јане Сандански“.

„Автомобил ‘хјундаи‘ со скопска регистрација, управуван од Никола Д. од Канада, со престој во Скопје, излетал од коловозот и удрил во објект“, соопштуваат од полицијата.

Сопатникот Владимир Малев (23) од Скопје покажувал знаци на живот, итно бил пренесен во Ургентниот центар, но по кратко време, починал.

Очевидци на трагедијата не можеа да се соземат од шокантните сцени. Како што вели еден од нив, возилото во кое биле момчињата возело со голема брзина.

„Од Центар идеа накај Аеродром. Го минаа семафорот, колку што видов, пешак им излета и тие да не удрат во него, свртија десно, удрија во бетонскиот рабник, а потоа се забија во трафиките“, вели очевидецот.

Смачканиот автомобил и разбиениот киоск уште неколку часа сведочеа за големата несреќа. Жителите на Аеродром се жалат дека по булеварот „Јане Сандански“ се вози како на трки. (Г.А.)


#