Дипломатска битка за Мајка Тереза

Македонија или Албанија во трка кој да го има главниот збор во одбележувањето на 100 годишнината од смртта на „граѓанката на светот“

Билјана Јовановска

Која од двете земји, Македонија или Албанија, ќе го има главниот збор во одбележувањето на 100-годишнината од смртта на скопјанката Мајка Тереза, која се навршува на 26 август? Секоја ќе може да ја чевствува онака како што знае и умее. И не само тие, а бидејќи станува збор за хуманистка што му припаѓала на светот, најлогично е нејзиното раѓање да се слави на сите континенти, но најмногу во Индија каде што поминала над половина век од својот живот и каде што починала.

Нашата држава и Албанија, секоја одделно, го поканија папата Бенедикт Шеснаесетти како главен гостин на 100-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза, но светиот отец, најверојатно, нема да се појави на овие две дестинации. За Ватикан, а со тоа и за поглаварот на Римокатоличката црква, многу поважен ќе биде денот кога блажената хуманитарка ќе биде прогласена за светица. Кога ќе се случи тоа, никој официјално не може да потврди, бидејќи Конгрегацијата за блажени и свети при Ватикан, која го заврши својот дел од работата по прогласувањето на Мајка Тереза за блажена, сега го чека она најважното - да се случи чудо, кое е директно поврзано со светската мисионерка, која беше во служба на сиромашните, болните, напуштените....

На минатонеделната средба на претседателот на Собранието, Трајко Велјановски, кардиналот Тарчизио Бертоне, државен секретар во Светата престолнина, изразил желба да присуствува на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на Мајка Тереза. Меѓутоа, дали ќе дојде во таа пригода или на 5 септември, или можеби и подоцна, се' уште не е потврдено.

Во секој случај, засега е јасно дека Македонија ќе го стави акцентот во прославувањето на денот на раѓањето, додека Албанија и Косово, на пример, ќе го одбележат упокојувањето. Да се води расправа околу тоа кому повеќе му припаѓала најголемата мисионерка е илузорно, зашто и самата за себе велела дека е граѓанин на светот. Па, сепак, незаобиколлив е фактот дека таа е скопјанка родена за време на Отоманската Империја, дека тука минала 18 години од живот и кога станала позната во светски рамки, својот град го посетила четири пати и била прогласена за почесен граѓанин на Скопје. Од друга страна, нејзините постојани обиди да влезе во Албанија и да ги посети мајка си и сестра си, кои таму се преселиле, останале попусти, зашто тогашниот режим не и' дозволил да стапне на албанска почва.

Деновиве и Си-Ен-Ен потсети дека од денот на смртта на Мајка Тереза постојано се водат дипломатски расправи околу нејзиното завештание. Тие не ги коментираат минатогодишните барања на Албанија да и' бидат дадени моштите на Мајка Тереза за таа да биде погребана покрај својата мајка и сестра во главниот град Тирана, но потенцираат дека Индија го отфрли тоа барање со образложение дека таа е индиски државјанин.

Индија, каде што таа цел живот работеше, јасно стави до знаење дека Мајка Тереза, која е погребана во центарот на Калкута, нема да го напушти своето последно почивалиште. „Мајка Тереза е државјанин на Индија“, рекол Вишну Пракаш, портпарол на Министерството за надворешни работи, и со тоа ова нереално барање доби своја завршница.

Оваа глобална ТВ-мрежа, исто така, заслужено место му дава и на Скопје, бидејќи токму во него, на улицата „Кочина“ број 13, во тогашното влашко маало, Агнеза Гонџа Бојаџиу го имала првиот контакт со верата и била крстена во католичката црква „Пресвето Срце Исусово“. „Иако многумина сакаат да ја присвојат Мајка Тереза за своја, меморијалната куќа во Скопје е важен потсетник за Македонците дека нивната земја имала значајна улога во годините на нејзиното формирање“, беше речено на Си-Ен-Ен. (Б.Ј.)


#