Хрватска прва во ЕУ, Македонија дури по 2015
Лондон и понатаму искрено и' препорачува на Македонија да најде решение за името
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Британската дипломатија која и натаму останува силен приврзаник за одржување на процесот на проширување на Европската унија, смета на седум земји од регионот на Југоисточна Европа, како на идни членки на ЕУ. Тоа се петте држави од просторот на поранешна Југославија (Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора и БиХ), како и Турција и Албанија, но колку и да се исти универзалните услови што постојат за сите кои претендираат на влез во големото европско семејство, роковите за секоја од нив, како и работите што треба да ги направат и пречките што постојат пред секоја од нив, не се еднакви.
Во Лондон се смета дека Хрватска во тој поглед е најдалеку отидена и дека таа е пред сите другите за влез во Унијата. Во тоа нема ништо изненадувачко, затоа што Загреб кој апликацијата за прием ја поднесе во 2003, а кандидатски статус има од 2004 година, веќе четири години води преговори со Брисел околу влегувањето во ЕУ. Да не беше спорот со Словенија околу правото на Пиранскиот Залив, на кое досега инсистираше Хрватска, сите преговори веќе ќе беа завршени. По решението на хрватската влада да не инсистира на своето право на Заливот, на делот за кој се спореше со Словенците, туку работата да им ги остави на меѓународната арбитража, Љубљана ја укина блокадата, па сега се смета дека хрватските преговарачи би можеле уште до крајот на оваа година да ги разрешат сите други отворени прашања со Брисел и да ги завршат преговорите. Во такви услови, овдешните дипломати веруваат дека Хрватска би можела, сама или со Исланд, веќе следната година, или најдоцна на почетокот од 2011, да биде дел од ЕУ.
Ширењето на Унијата застана по пропаѓањето на европскиот устав во 2005 и по одбивањето на Ирците минатата година да ја ратификуваат Лисабонската спогодба, по што Франција и Германија објавија дека без новиот европски документ, нема да има натамошно проширување. Подоцна под притисок на другите во ЕУ, прифатија дека стариот договор од Ница дава простор за прием „на само уште една земја“, Хрватска, на пример, но не и повеќе од тоа. Гласот на Британците по ова прашање, по заминувањето на Тони Блер од Даунинг стрит 10, како да престана да се слуша, па така и се дојде до ситуацијата се' да се врти околу спогодбата од Лисабон, волјата на ирските гласачи и самобендисаноста на чешкиот претседател Вацлав Клаус или рејтингот кај домашните гласачи на Никола Саркози и на Ангела Меркел. Останува, значи, да се чека на исходот од повторениот ирски референдум (на 2 октомври) и на тоа дали конечната ратификација на документот на ЕУ ќе заврши пред изборите за Долниот дом во Британија.
Како и да се развиваат работите, во Лондон се смета дека Македонија, во овој момент, е втората од седумте земји од регионот што би можела да се најде како триесетта членка на ЕУ. Дури за македонската аспирација се предвидува и нешто пократок рок за завршување на преговорите, па така и како можно време за влез во Унијата, во „најдобар случај“, се посочува крајот на 2012 година, realno toa treba da bide po 2015. За Македонија, која прием во ЕУ побара во 2004, а статус на земја кандидат доби во 2005 година, проблемот е што се' уште нема обезбедено датум за почеток на преговорите со Брисел. Од седиштето на Унијата се инсистира на довршувањето на економските, политичките, судските и реформите на државната администрација, за што притиска и Британија, но земјата, сепак, беше прогласена за најуспешна во регионот кога станува збор за граничната безбедност, па затоа и предложена од нова година да се најде меѓу државите на чии граѓани не им треба виза за влез во зоната што го покрива Шенгенскиот договор. Тој плус за Скопје, изгледа, дека е недоволен за да се елиминира еден друг и многу поголем проблем што постои уште од 1993 година. ��танува збор за спорењето со Грција околу името на државата.
Британската дипломатија, која помагаше на почетокот, последнава деценија главно се држи на страна, без директно мешање во случајот, што овде честопати се означува како ирационален. Но и таков, тој се покажа дека е сопирачка за македонските европски амбиции, на што Британците посочуваа уште во 2005 година, кога на Скопје дискретно му е препорачано да се изнајде решение за спорот, до моментот кога кандидатскиот статус ќе треба да премине во фазата на водење преговори.
Многу потежок, барем од британската страна на гледањето, е случајот со Турција, за чие приклучување во ЕУ официјален Лондон беше и остана силен поборник, иако впечаток е дека тоа сега е помалку транспарентно од порано. Апликација за членство, Анкара има доставено уште во 1987 година, а кандидатски статус доби по 12 години, во 1999 година, додека преговорите официјално почнаа во 2005 година. Брисел инсистира на потемелни реформи на државата, пред се, во областа на човековите права. Анкара е притисната уште и со ситуацијата на Кипар и за давање право на прелет на кипарските (од јужниот, грчки дел) авиони преку турската територија и за слободен пристап на (јужно)кипарските бродови во пристаништата на Турција, што таа одбива да го изврши. Поради тоа беа замрзнати преговорите со Брисел.
Британски дипломати тогаш потсетуваа дека вината за се' уште нерешениот статус на Кипар не е само кај Турците. Токму Грците од јужниот дел на островот, го отфрлија на референдум планот за повторното обединување, на поранешниот генерален секретар на ОН Кофи Анан, додека севернокипарските Турци го прифатија, по што Југот на островот влезе во Европа, а Северот остана во изолација.
За сите другите во Југоисточна Европа, календарот за приклучување, оди во годините по 2015. Србија има само Договор за стабилизација и асоцијација што се' уште не е ратификуван, па во Лондон велат дека доколку се случи до крајот на оваа година Белград да добие кандидатски статус, тоа за нив ќе биде огромен успех. Црна Гора ќе нема одговор на нејзината молба за прием во ЕУ се до 2010, затоа што, како што се вели, во Брисел се' уште не се начисто што да и' одговорат на Подгорица. Албанија остана без препорака за безвизниот режим за нејзините граѓани, а преговорите за стабилизација и асоцијација со властите во Тирана траеја 3, 5 години подолго, отколку со Хрватска и Македонија. За Албанија, како и за БиХ, затоа, се смета дека можноста за влез во ЕУ останува да се реализира („во идеални услови“) за по 2015 година и во времето потоа, при што на Србија и се дава предност во однос на овие две балкански држави.
Како и да е, оваа британска „визија“ за идните членки на ЕУ од југот на континентот може да претрпи измени во следната година, по мајските парламентарни избори , кога евентуалниот нов победник би понудил и ново европско гледање. |