24.10.2011, 18:21

Македонците со бугарски пасош не отидоа да гласаат

Едвај стотина луѓе заминаа преку граница да гласаат на изборите за претседател на Бугарија

Жителите на источните градови на Македонија што поседуваат бугарски пасош не покажаа интерес да гласаат на претседателските и на локалните избори што се одржаа во неделата во Бугарија. Нема официјални информации колку точно граѓани го дале својот глас на гласачките места во блиските погранични градови, како што се Петрич, Сандански и Благоевград.

Во поголемите градови, како што се Штип, Струмица, Кочани, Берово, има илјадници луѓе што ја користат можноста за двојно државјанство и имаат бугарски пасош. Неофицијално дознаваме дека стотина луѓе ја искористиле можноста и гласале на изборите. Според информациите од Струмичкиот регион, најмногу дваесетина граѓани со бугарски пасош заминале да гласаат на избирачките места во Бугарија.

Слабиот одѕив го потврдуваат и македонските погранични органи на преминот Ново Село на македонско-бугарската граница, каде што завчера не е забележана зголемена фреквенција на патници што влегувале во Бугарија споредено со претходните денови.

„Не знам зашто ме прашувате дали бев да гласам во Бугарија. Две години имам бугарски пасош, ама не го извадив од политички, туку од економски причини за да купам поевтин автомобил и полесно да најдам работа во земјите-членки на ЕУ. Ова ќе ви го кажат и најголем дел од граѓаните во нашиот регион што имаат и бугарско државјанство“, ни рече еден струмичанец, кој сакаше да остане анонимен.

Дознаваме дека пред извесно време имало обид од страна на бугарски организации да се отвори избирачко место во Струмица поради наводниот голем број граѓани со бугарско државјанство. Обидот пропаднал уште во старт, бидејќи такво нешто не е дозволено со македонските закони, туку странците во државата можат да гласаат во своите дипломатски претставништва.

Се претпоставува дека само во Струмичко има меѓу две и три илјади граѓани што поседуваат бугарски пасош.

Резултатите од изборите покажуваат дека кандидатите на владејачката партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Росен Плевнелиев, и на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Ивајло Калфин, ќе се натпреваруваат во вториот круг.

Според податоците на Централната изборна комисија (ЦИК), врз основа на 57,32 отсто обработен гласачки материјал, Плевнелиев освоил 39,67 отсто, а Калфин 29,75 проценти од гласовите на избирачите, додека за независниот кандидат Меглена Кунева гласале 14,09 отсто од граѓаните.

ЦИК се' уште не го соопшти процентот на одѕив на вчерашните избори, на кои право на глас имаа околу седум од вкупно 7,3 милиони жители, колку што Бугарија има според последниот попис од февруари оваа година. (С.Т.)