Словенци ги побиваат рејтинзите на нашите анкетари?!
Анкета на ИФИМЕС од Љубљана покажа тесна разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ
Кога утре би се одржале парламентарни избори, би се водела мртва трка меѓу двете највлијателни партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и би било неизвесно кој ќе ја формира идната влада... Така би било, според анкетата на Институтот за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана. Истражувањето, што е дел од проектот за анализа на демократските капацитети на постранзиционите општества, покажало многу помала разлика во рејтинзите меѓу стожерните партии од власта и од опозицијата, наспроти последните анкети на македонските агенции, според кои соодносот ВМРО-ДПМНЕ - СДСМ главно е од 1,7, до „максимум“ 1,5 спрема 1.
Најголема поддршка и во оваа анкета има ВМРО-ДПМНЕ -22,1 процент, но веднаш зад неа е СДСМ, со рејтинг од 19,2 проценти. За ДУИ, пак, би гласале 8,2 проценти, за ДПА - 3,1, а за Нова демократија -1,9. Обединети за Македонија имаат доверба од 1,3 проценти, додека за НСДП би гласале 0,8, а за ЛДП -0,5 проценти. Оваа анкета укажува и на помал процент неопределени гласачи, во споредба со последните сондажи на домашните агенции. Така, 25, 8 проценти од испитаниците не се определиле за која партија би гласале, а 13,5 рекле дека нема да гласаат. Од друга страна, дури 51,2 проценти од анкетираните рекле дека не веруваат во ниту еден политичар, додека 17 ,3 го поддржале премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. На лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски, пак, најмногу му веруваат 10,5 проценти од испитаниците. Во Али Ахмети од ДУИ доверба имаат 5,7 проценти, во Имер Селмани -2,7, а во Мендух Тачи 1,3. Гостиварскиот градоначалник Руфи Османи има рејтинг од 0,9 проценти, слично како и претседателот Иванов, кому му веруваат 0,8 проценти.
Анкетата е спроведена по телефон од 20 до 25 декември, во повеќе градови во државава, при што биле опфатени 1.204 испитаници.
Со анкета вчера се јави и десничарскиот институт „Димитрие Чуповски“. Според испитувањето на јавноста од 23 до 26 декември, ВМРО-ДПМНЕ има рејтинг од 23,4 проценти, СДСМ - 11, ДУИ - 6,2, ДПА -2,2, а НД - 1,2 проценти.
Пред предвремените избори во 2008, ИФИМЕС прогнозираше многу изборни инциденти, но и победа на тогашните коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, при што Груевски и Тачи беа посочени како најпопуларни политичари. Пред неодамнешните избори на Косово, пак, ИФИМЕС предвиде победа на владејачката Демократска партија и премиерот Хашим Тачи.
Директори на ИФИМЕС, според веб-страницата на Институтот, се Бактјар Аљаф - новинар, инаку ирачки Курд, кој живее во Словенија, и Зијад Беќировиќ, дипломиран економист и магистер по комуникологија. Како почесен претседател е наведен поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ, а Будимир Лончар е претседател на Советодавниот одбор. Од ИФИМЕС наведуваат дека Глобалната мрежа за развој од Вашингтон ги оценила нивните истражувања како 93 проценти релевантни. (А.М.М)
Без малку 100 проценти за НАТО и зa ЕУ
Според словенечкиот Институт, Дури 95,3 проценти испитаници изразиле поддршка за напорите за влез на земјава во НАТО и во ЕУ, иако 63,7 проценти сметаат дека во последните четири години земјава се оддалечила од евроатлантските интеграции. Поддршка за Рамковниот договор дале 75,4 проценти од испитаниците, додека 69,3 биле против проектот „Скопје 2014“. Испитаниците во најголем процент 42,2 рекле дека би поддржале промена на името, ако тоа значи зачувување на националниот идентитет. Исто така 44,3 проценти кажале дека би поддржале решавање на спорот со Грција, ако тоа не значи промена на Уставот. |