ДУИ му го расипа планот на Груевски
Министрите на ДУИ одбија да присуствуваат на обраќањето на премиерот за четирите години од неговата Влада
Светлана Унковска
Министрите на ДУИ вчера се заканија дека нема да застанат зад премиерот Никола Груевски доколку тој остане на ставот најавеното обраќање да биде за активностите на Владата во изминатите четири години. Интегративците со ова му ги поматија сметките на Груевски, а скандалот што изби меѓу владините партнери се закануваше да добие поголеми размери.
Во сценариото било предвидено премиерот да и' се обрати на јавноста, при што ќе зборува за четиригодишното владеење, а на говорницата да излезе заедно со целата министерска свита. Токму овој момент го разлути коалицискиот партнер ДУИ, која смета дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ нема четиригодишно владеење туку само двегодишно. Предлогот бил изнесен на владина седница, а за него жестоко реагирал вицепремиерот Абдулаќим Адеми и барал од премиерот своето обраќање да го сконцентрира само на двегодишната коалициска Влада, а доколку Груевски сака да зборува за четирите години власт на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш тоа да го направи само од позиција на лидер на партијата, а не на актуелната власт.
Интегративците велат дека несогласувањето и револтот меѓу раководството и функционерите вчера пораснало до загрижувачки размери, поради што некои од нив децидно одбиле да присуствуваат на пресот заедно со премиерот и министрите на ВМРО-ДПМНЕ. Вчера доцна попладне високото раководство на ДУИ донесе начелна одлука, доколку Груевски, сепак, реши да говори за четири години власт министрите од редовите на интегративците да не се појават, но ако добијат уверување дека тоа нема да се случи, тогаш ќе излезат со комплетниот владин кабинет. Од партијата на Али Ахмети неофицијално велат дека нивната забелешка е принципиелна, бидејќи има разлика меѓу Влада и владеење.
„Владата се менува кога има избори, а последните беа пред две години, а не пред четири. ДУИ е дел од власта по последните избори во 2008 година, што значи дека оваа коалиција има двегодишно владеење, а не четиригодишно. Ние никако не можеме да прифатиме нашите министри да застанат зад премиерот Груевски, а тој да зборува за четири години во Владата. Не можеме да преземаме одговорност за целосното владеење на Груевски. Ако тој сака да зборува за четири години тоа нека го направи на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, а не на владина“, велат извори од партијата на Али Ахмети.
Иако се ближеше закажаниот термин за 13,30 часот, сепак, траеше неизвесноста дали воопшто ќе има обраќање на Груевски или не. Дилемата беше дали тој, сепак, ќе говори како што планирал за четиригодишното владеење или, пак, како што во еден момент брифираа партиски извори дека е договорено премиерот да одржи прес-конференција, но на неа да се задржи на излагањето на лидерот на опозициската СДСМ, Бранко Црвенковски, од претходниот ден. Во последен момент од Секторот за односи со јавност на Владата информираа дека пресот на Груевски се презакажува и тоа за денеска во 14 часот, затоа што премиерот имал обврски, за потоа да го сменат оправдувањето дека тоа е поради „технички причини“. Но, за какви технички причини од владиниот сектор не сакаа да прецизираат.
Од ВМРО-ДПМНЕ не сакаа да го коментираат настанот, а единствено пратеникот Влатко Ѓорчев вчера само кратко одговори дека нема никакви меѓукоалициски проблеми.
„Коалицијата со ДУИ функционира коректно, имаме дневна комуникација и мислам дека во таа смисла нема некакви спектакуларни новости, туку имаме тековно коалициско функционирање“, рече Ѓорчев.
Дека ДУИ му го „скрши филмот“ на Груевски говори фактот дека, покрај големата најава, беше планирано неговото обраќање директно да се пренесува на Македонската радиотелевизија. Во Владата вчера со наместени камери и линкови на МРТ се чекаше да почне преносот, а веднаш по обраќањето во отворена емисија на МТВ да се отвори дебата во која новинари и експерти ќе ги анализираат поентите на неговиот говор. Но, сето ова мораше да се откаже. (Св.У.) |