05.09.2012, 16:37 Австралиско-новозеландската епархија се дели на два дела
Австралиско-новозеландската епархија ќе се дели на два дела. Дванаесет црковни општини остануваат под јурисдикција на владиката преспанско-пелагониски Петар, а исто толку црковни општини - 12 кои не го признаваат неговиот легитимитет и се во повеќегодишен судски спор околу црковните имоти ќе добијат нов администратор. Првата епархија ќе се нарекува МПЦ - Епархија за Австралија и Нов Зеланд и ќе биде со седиште во Мелбурн. Втората, пак, ќе се вика МПЦ - Епархија за Канбера, Австралија и Тасманија, а седиштето ќе биде во Сиднеј.
Одлуката е донесена на Епархиското собрание на Австралиско-новозеландската епархија одржано на 24 август оваа година а вчера ја соопшти владиката Петар на прес-конференција во Скопје. Според митрополитот, донесената одлука треба да се потврди на седница на Светиот архијерејски синод, како и на Црковниот народен собир што треба да се одржи од 5 до 7 октомври оваа година.
Надлежниот архијереј за овој континент смета дека била неопходна ваква разврска, бидејќи во изминатите 16 години не можел да се создаде квалитетен литургиски живот во сите црковни општини. |