Канал 5 и А1 во битка до истребување

Војната не се води поради концепти, туку поради владините реклами

Светлана Унковска


Медиумската војна меѓу Канал 5, Сител и МТВ од една страна, и медиумите на Велија Рамковски - А1, „Време“ и „Шпиц“ од друга страна, е тема со која деновиве се отвораат вестите и се полнат насловните страници. Тоа што граѓаните се сведоци на примитивизмот на медиумите е исклучиво резултат на уште попримитивната битка што ја води политиката.

И наместо медиумскиот етер и печатот да презентираат што повеќе информации, мислења и анализи, нивната публика е принудена да биде сведок на безмилосната битка за економски интерес. Владата, како најголем рекламер и со тоа најголем финансиер, не само што ги влече конците во уредувачката политика туку придонесува за поделба на медиумите, кои се однесуваат како гладни кучиња што ќе се раскинат за парче месо. Секако дека економскиот профит е приоритетен за сопствениците, но цената на нивното разнебитување и разобличување, сепак, е превисока. Поделбите не ги заобиколи ниту медиумите.

Експертите по комуникологија оценуват дека е жално што медиумската војна не се води поради концепти, уредувачка политика или привлекување своја публика, туку се води исклучиво за економски интерес. Ако константно се забележуваше дека политиката настојува постојано да има влијание во медиумите, сега самите радикално се вмешуваат во политиката.

„Најбитен момент во оваа војна е профитот, односно нивниот комерцијален интерес, а не интересот на публиката, која, инаку, бара квалитетна програма. Од друга страна, ваквата конфронтација и' одговара на политиката на власт, која сака на полесен начин без многу јавност да ги реализира своите интереси. Мислам дека овој период е клучен политички момент, пред се', поради многуте нерешени прашања и преку инструкции во одредени медиуми се обидува да го сврти вниманието“, смета професорот по комуникологија, Сефер Тахири.

Меѓусебните обвинувања и вадењето на валканите алишта за тоа кој бил поблизок до власта или е негова продолжена рака, кој во кое време и колку пари добивал за владините кампањи, кој не плаќа даноци, социјално и пензиско осигурување или кој какви судски спорови има, е јасна слика за тоа до каде се' се способни да одат медиумите во меѓусебното оцрнување и деградирање за да се придобие власта.

Провладините медиуми Канал 5, Сител и МТВ бараат институциите да постапуваат против, како што тврдат, „економските нелогичности“ на медиумите на Велија Рамковски. Во реакциите на А1, „Време“ и „Шпиц“, пак, велат дека зад нападите на овие конкурентски телевизии стои „нивниот налогодавач, премиерот Никола Груевски“ и дека Владата одвоила еден милион евра за телевизиите чии сопственици се дел од владината коалиција. Но, кршењето на Законот за радиодифузија, со кој е забрането лидер на политичка партија да има медиум, поминува неказнето со години, исто како што поминува и толерирањето на нелојалната конкуренција, односно еден сопственик да има повеќе медиуми.

Според Жидас Даскаловски од Центарот за истражување, последните случувања ги спуштија новинарските стандарди до мизерија и сега состојбите се доведени до тој степен што власта повеќе не ги придобива медиумите, туку тие се борат да ја придобијат неа.

„Сите можни забелешки што ги добивме од меѓународните институции, како што е „Фридом хаус“, наведуваат политичко влијание на медиумите. Но, наместо да имаме подобрување на овој план, сега имаме радикално вмешување на телевизиите во политиката, а оттука и нивна инструментализација“, оценува Даскаловски. Тој додава и дека власта секогаш тежнее да се служи со својата економска силина во однос на медиумите, но прашање е дали и веќе не се преминува границата на едно нормално однесување. Мотивите на медиумските газди и уредниците да започнат таква битка на самоистребување е несфатлива, додав�� Даскаловски, според кого, интензитетот со кој се води таа борба е поради зголемената активност на опозицијата, но и падот на рејтингот на премиерот.

И професорот Тахири смета дека клучен фактор во разединувањето на медиумите игра власта, според кого, не е нормален начинот на кој реагираат конкиурентските телевизии.

„Едноставно е несфатливо една владејачка политичка партија да реагира врз напис што не и' одговара, односно содржи голема доза на критичност на потезите на власта. Мислам дека со ова се покажува колкав ни е демократскиот дефицит и колку медиумската комуникација ја разбираат многу тоталитарно“, вели Тахири. (Св. У.)


#