Чиновниците ќе имаат ментори
Со брзи законски решенија, може да се создаде простор пред изборите да се расчисти со неподобните кадри
Катица Чангова
Уште не стивнува бурата во парламентот што ја предизвикаа измените на Законот за организација на државната управа со кои Министерството за информатичко општество ќе ја строи и ќе ја брои армијата административци, а веќе се подигна голема прашина со новините во Законот за државни службеници. Европската комисија упатила нонпејпер со повеќе забелешки на овие закони до Секретаријатот за европски прашања.
Дипломатски извори предупредуваат дека вака составените брзи решенија може да создадат простор пред парламентарните избори по легален пат да се исчистат „неподобните“ кадри од администрацијата.
Што предлага Владата? Чиновниците што првпат се вработуваат во државна служба да бидат приправници. Нивната пробна работа во траење од една година да ја следат и да ја оценуваат ментори - секретар, раководител на сектор, советник. Кандидатите за државен службеник покрај испит да полагаат и психолошки тест, но и тест за интегритет исто како што е предвидено за судиите и обвинителите. За несовесно и нестручно работење службениците многу побрзо и поедноставно ќе го губат работното место. Категоријата дипломирани со три години студии можат да се вработуваат во три звања, како виши соработници, соработници и помлади соработници. Досегашната Агенција за државни службеници станува агенција за администрација. Најновите изненадувања за кои Владата бара усвојување по скратена постапка не се прифатливи за опозициската СДСМ, која во нив наѕре многу нелогичности. За вработување се бараат услови како за космонаут, а за отпуштање нема никаква постапка. Секретарот и раководителите добиваат преголемо дискрециско право и моќ. Во намалувањето на периодот за оценување на службениците на шест месеци социјалдемократите гледаат шанса на власта „да расчисти со комуњарите“. Вака дефинираните услови за отпуштање од работа досега беа дел од процедурата за дисциплински прекршок. Агенцијата за државни службеници, барем според надлежностите добива техничка улога, односно ќе биде само декорација на целите процеси, смета опозицијата.
Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците вчера почна со амандманска дебата за измените на системскиот Закон што ја регулира организацијата и работата на органите на државната управа. Собранието во скратена процедура треба да го визира владиниот предлог со двотретинско мнозинство од вкупниот број на пратеници, или со 80 гласови. Со овој закон Министерството за информатичко општество станува главна институција и за јавната администрација, односно за координација на реформите во оваа сфера, потоа за телекомуникациите и за радиодифузијата.
Опозицијата се спротивстави на ова решение предочувајќи дека ќе направи целосна партизација на државната и јавната администрација бидејќи со нив треба да раководи владин орган. Јани Макрадули од СДСМ го прозва министерот за правда, Михајло Маневски да го достави до пратениците документот со забелешки на законот на Европската комисија. Во тој пишан материјал се поставува прашањето дали пренесувањето на ингеренциите на нова институција е навистина приоритетно или овие реформски мерки може да ги спроведе веќе постоечкото тело. Макрадули тврди дека за имплементација на законот се потребни финансиски средства, особено затоа што ќе има дополнителни 68 вработени и нови ингеренции за Министерството за информатичко општество во следната година.
Откако укажа дека реформите во администрацијата се континуиран процес, Маневски предупреди дека оваа тема не треба да се користи за дневнополитички цели. Според него, во Агенцијата за државни службеници остануваат значајни надлежности.
Посочувајќи на политичкиот договор постигнат во 2009 година во врска со Законот за јавна администрација, кој помогна да се донесе препорака за почеток на преговори, координаторот на пратеничката група на СДСМ Цветанка Иванова побара усогласување меѓу владејачките партии и опозицијата за да се спречи, „целосна политизација на јавната и државната администрација“. (К.Ч.)
|