Не, не се сеќавам... не е точно дека сум ја убил Живана...

Танески во саботата четири часа одговарал пред истражен судија

ГОСТИВАР - Новинарот Владо Танески, во саботата околу четири часа одговарал на прашањата што му ги поставувал истражниот судија во Основниот суд Гостивар, во врска со сомневањата дека ја убил 56- годишната Живана Темелковска од Кичево.

„Изгледаше смирено, беше кооперативен со судот, иако беше изнемоштен. На неговиот лик можеше да се забележи дека е презаморен, два дена и две ноќи не спиел, ништо не јадел“, вели Агим Муслиу, адвокат од Гостивар, кој по службена должност беше назначен да го застапува осомничениот Танески на првиот распит пред истражен судија.

Танески одговарал на прашањата на судијата, иако од негова страна, како и од адвокатот, му било предложено дека може да се брани со молчење. Сепак, се одлучил да соработува со судот. Притоа, како што ни рече адвокатот Муслиу, сите обвинувања ги негирал или пак ќе одговорел дека не се сеќава за настанот. Не знаел зошто тој е осомничен за случајот, ги негирал доказите и ги отфрлил како неточни. Велел дека не е извршител на злосторството на неговата сосетка Живана. Танески не се сеќавал и на годината и местото каде го служел војниот рок во поранешна ЈНА.

Поради големата исцрпеност на новинарот, адвокатот Муслиу ја искористил паузата и со дозвола на истражниот судија му купил бурек, јогурт, кисела вода и чоколада, кои Танески ги изел за да се освежи. (К.К.)