Поглед
Нема кина? Е па, нема
ТИНА ИВАНОВА Нема киносали. Нема, зашто нема гледачи. Гледачи нема, зашто нема добри и популарни филмови. Филмови нема, зашто нема дистрибутери. Дистрибутери нема, зашто нема гледачи.
Тоа би бил кругот во кој очигледно се затворени констатацијата дека во Скопје и земјава нема киносали и прашањето зошто е тоа така. А, одговорот. Дали тој би бил, исто така, едноставен: нема гледачи, нема за кого да се дистрибуираат филмови, па зошто тогаш, и за кого, би имало празни или полупразни киносали. Вакви и слични одговори се провлекуваат кога помина времето на „златните години“ на филмот и на кината во Скопје, па и во Македонија од пред дваесетина години.
Во почетокот телевизијата, па потоа видеата, па сега на крајот ДВД-та, а сите силно и за сето време поддржувани од пиратеријата, се виновниците за изумирање на културниот чин - одење на кино.
И за сиве овие години кинокризата е, главно, лоцирана кај нас и можеби уште во некои од околните држави со сличен менталитет или со идентична ментална криза. За цело време државата си го гледа овој филм во кој нема киносали, нема гледачи, нема добри и популарни филмови зашто нема дистрибутери, а дистрибутери нема зашто нема гледачи. Таа, нејзините надлежни институции, Министерството за култура пред се', уште се во затворениот круг на тој филм. Во „кинофотелјите“ на своите кабинети уште никако да се сетат за тоа, што е тоа субвенција.
За да се поврати кинокултурата, нужни се субвенции или покривање на разликата до пазарните трошоци за киносалите, за дистрибутерите, за добрите филмови. А гледачите? Па, тие се тука, со години чекаат на вас да го сработите потребниот киноамбиент.
|
|