Си велам
Последната битка на Александар
Ерол Ризаов
Секогаш кога политиката интервенира во науката, се случуваат големи зла
Првата македонска преродба од крајот на 19 век, предводена од браќата Миладиновци, Прличев, Шапкарев, Цепенков, Жинзифов, Пулевски.... и плејада други големи дејци одигра најзначајна улога во македонското национално будење, самоидентификување и обединување. Иако некои од нив, грчки и бугарски воспитаници, цврсто и гордо потпирајќи се на словенството, преку своето творештво и литература ја осветлија и ја зачуваа посебноста на македонската нација. Тие го изградија најголемиот споменик на македонскиот народ, неговото право на самоопределување и затоа го понесоа епитетот: први македонски преродбеници.
Втората генерација преродбеници Рацин, Шопов, Конески, Јаневски, Поповски, Матевски... иако некои од нив српски воспитаници, ја воздигнаа македонската нација на светско рамниште во литерарните и културните дострели, потврдувајќи го силно националниот идентитет и посебноста на македонскиот литературен современ јазик. Пред овие две генерации и по нив во последните два века 19 и 20 Македонија преку делата на стотици и стотици значајни преродбеници и творци во сите области на науката, културата, уметноста, спортот... доживеа широка меѓународна афирмација и силна самодоверба. Никогаш не бил спорен словенскиот идентитет на Македонците, словенското потекло, јазикот, традицијата и културата. Историјата е полна со докази дека токму тој словенски идентитет и јазик се најголемиот бедем од грцизацијата и еленизацијата на Македонците. Тоа најдобро го потврдуваат Прличев и браќата Миладиновци кога ја осознаваат таа опасност. Нивно најсилно прибежиште и упориште за зачувување на посебноста е словенството. Христијанството, словенството и јазикот стануваат главен темел на македонската нација и на првата национална држава, по единствената голема историска победа, а тоа е победата во Втората светска војна против фашизмот. Круната на таа победа е Антифашистичкото собрание во манастирот „Прохор Пчињски“. За таа победа народите на Македонија дадоа над 20.000 жртви вградени во темелите на првата македонска држава. Можеби најсилната порака за словенското потекло и јазикот ја даде творецот на литературниот македонски јазик големиот Блаже Конески на одбележувањето на една од годишнините посветени на Наум и Климент Охридски, најзначајните преродбеници на Јужните Словени по Кирил и Методи кога рече: „Иконите на Климент и Наум во охридските куќи и кандилцата под нив кои гореа на елбасанско газје, крстењето на нашите мајки пред нив и нивните молитви на македонски јазик ја зачуваа македонската нација и јазикот наш, единствената наша заедничка татковина“.
Во првата декада на 21 век во Македонија се појави една нова псевдопреродба предводена од самонаречени преродбеници Никола Груевски, Горѓе Иванов, Гордана Јанкулоска, Паско Кузман... и нивни следбеници нови дејци кои си дозволија политичка интервенција во науката потпирајќи се на примитивни пориви и страсти стасани од дијаспората во Австралија дека словенството е комунистичка измислица и дека славното македонско потекло е од античките времиња од Филип Втори и Александар Македонски. Ова отровно семе фрлено на плодна почва даде фантастични политички резултати. Потрагата по пославно минато од она што го имаме остави длабоки траги во националниот идентитет, одејќи дотаму да се игнорира и словенското потекло на јазикот, целосно апстрахирајќи дека од тој јазик произлегуваат современите јазици на стотици милиони луѓе припадници на словенските народи. Македонската интелигенција и научна мисла пред оваа наезда на примитивизмот и провинционализмот не го положи испитот. Таа потклекна пред силниот притисок и коруптивниот кариеризам. На ужас на само неколку ретки вистински хроничари на ова време на невреме замолчеа македонските мудреци скриени во ходниците на бесмртните, сквернавејќи ги грандиозните дела на првите преродбеници чиј јазик и буквално го корнеа Елините само за еден збор - славомакедонико.
Македонската политичка опозиција, која се прогласи за наследник на втората генерација македонски преродбеници и на периодот на најголемите дострели на македонската нација, се понесе мизерно и кукавички кон оваа сквернавање. Не иницираа ниту една научна, образовна, едукативна јавна трибина на која гласно ќе кажат - нам не ни треба туѓа историја. Нам не ни треба Александар Велики, ниту Филип Втори. Културното наследство на големите цивилизации им припаѓа на сите народи. Ако Грците сакаат да се китат со туѓи пердуви, еве им ги. Науката и само науката е таа што ја проучува и ја класифицира историјата. За жал, се накотија и инстант-научници на антиката, која ја толкуваат небаре било вчера како од приказните на преживеани сведоци. Секогаш кога политиката интервенира во историјата, се случуваат големи зла. Таа политика на Балканите остави пустош во свеста на сите балкански народи, чии трагични последици и денес се најголемата кочница за нивна европеизација. Од тројанскиот коњ што ни го подметнаа грчките разузнавачки служби среде Скопје, излегоа најновите македонски преродбеници да ни кажат дека сме наследници на најголемиот антички војсководител што ја ширел еленската култура со меч. Боже каква неправда за сите македонски преродбеници и намачени словенски души.
Ете така дојава на скопскиот плоштад Александар Македонски како што порано дојаваа цар Борис, крал Петар, маршал Тито, а вистински на бел коњ на скопскиот плоштад како победник дојавал само генерал Михајло Апостолски со својата македонска војска, точно на 13 ноември 1944 година кога е ослободен главниот град на Македонија од фашистичките окупатори.
Колку поголеми комплекси на малите нации, толку поголеми споменици. Сегашниот најголем Александар на светот, кој со својот меч јавнат на Букефал ќе го пара небото над Македонија за вечни времиња, кој ни го поставија новите преродбеници со наши пари, ќе ни го затвори и видикот кон Европа за вечни времиња. Псевдопреродбениците ја извршија успешно својата мисија за иднината на Македонија. Конечно, со најголемиот тројански коњ, споменикот на Александар Македонски, се враќаме во правта на славното минато каде што е нашата иднина. Александар Македонски, точно по 23 века и 56 години од неговото раѓање и 23 века и 23 години од неговата смрт, ја почнува последната битка за ширење на еленизмот оттаму од кај што тргнал. Едни велат дека тоа било северна, други горна Македонија. Ако се погрчиме, како што се погрчил и Александар, ќе ја освоиме и Европа. Проблемот е што сега Грците се помакедончија, се варваризираа, бетер од Словените. Ете тоа се последните остатоци од балканштината во Европа што ја запечатуваат судбината на граѓаните на Македонија. Очигледно, како што сака Европа, Македонија и Грција сами да го решат проблемот е неможно. Трагедијата е во тоа што единствен губитник врзан во Гордиевиот јазол е Македонија. Нема решение ако не пресече Алаксандар. Сега таков немаме. |