Општина Центар ќе гради модерен административен објект

На Тодоровиќ не му се исполни желбата да се изгради општинска зграда во барокен стил
Општина Центар ќе гради модерен административен објект, иако градоначалникот Владимир Тодоровиќ посакуваше за потребите на администрацијата да се изгради зграда во барокен стил. Надлежната комисија што го избираше изгледот на новата општинска зграда, одлучи од девет понудени решенија да не избере едно - првонаградено, туку направи рамноправен избор на четири труда. Според објаснувањето на општинарите, сите четири предлози ќе служат како основа за изработка на основниот проект за зградата.

„Иако се разгледуваше опција за повторна објава на повик за да изберат првонагардено решение, сепак, комисијата се одлучи за оваа варијанта. Од четирите труда ќе се направи една компилација што ќе служи како основа за изработка на основниот проект. Всушност, тоа е и следната фаза од проектот“ вели Јовица Ацковски, портпарол во Општина Центар.
Инаку, општинарите се' уште не утврдиле на кој начин ќе ја финансираат изградбата на новиот административен објект. Се размислува државното земјиште на кое би се градела зградата, а тоа е местото на постојните општински бараки, да се отстапи на приватен инвеститор, кој за возврат, дел од објектот без надомест би и' го дал на користење на Општината. Не е исклучена можноста и финансиите целосно да ги покрие Општината, која со продавање или издавање на дел од просториите во новиот објект би ги повратиле вложените средства. Тоа значи дека и во двете опции општинската зграда нема да биде исклучиво административна, туку во неа ќе има и деловен простор.
Според градоначалникот Тодоровиќ, конечната одлука за начинот на финансирање на проектот ќе биде донесена најдоцна до крајот на годинава, а изградбата на објектот би започнала кон средината на наредната година. (Дс.Т.) |