Подвиг на Грабулоски во Бугарија
Квалификантот Димитар Грабулоски го приреди најголемото изненадување на стартот од тенискиот фјучерс во бугарскиот град Добрич, кој се игра на земјени терени и за награден фонд од 10.000 американски долари, елиминирајќи го првиот носител Ивајло Трајков од Бугарија. Репрезентативецот на Македонија, кој неделава е 1087. на АТП-листата, со 6-2, 6-2 го декласира Трајков, моментно 446., а во 2003 година беше 211. тенисер во светот! Популарниот Грабул во второто коло ќе се сретне со уште еден Бугарин, Тодор Енев (799.).
Подвиг во Добрич оствари и Васко Здравкин, кој заедно со Србинот Милјан Зекиќ се пробија до полуфиналето со победата од 6-3, 1-6, 10-3 над првите носители во двојки, Украинците Глеб и Вадим Алексеенко. Со пласманот меѓу најдобрите четири дубла, Здравкин првпат во кариерата ќе осамне и на АТП-листата во оваа конкуренција.
Во првото коло во сингл на истиот турнир македонскиот квалификант Шендрит Деари (1596.) загуби од Кузманов (1744.) со 7-5, 6-2.
Александра Јосифоска, пак, со партнерката Ема Бургиќ од Босна и Херцеговина се пласираа во четврт-финалето во двојки на фјучерсот во босанскиот град Брчко (земја, 10.000 долари), победувајќи ги Камелија-Елена Христеа од Романија и Далија Зафирова од Бугарија со 6-4, 6-3. (Р.Д.) |