06.04.2012, 17:03 Полемика
Ако се измешаме со трици....
Ерол Ризаов
Кој е тој силен доказ што го потресе светот што ти го откопа со политичкиот булдужер кој ја побива досегашната историска вистина или ја исправа повеќевековната заблуда
Господине Паско Кузман, ако се измешаме со трици, ќе не' јадат свињите. Дај да се задржиме на предметот на нашата полемика: политичката стимулација и интервенција во потрага по пославно минато, епидемијата со антикоманија, идентитетскиот земјотрес и маргинализација на словенството кои според мое, и не само мое, мислење се случуваат во Македонија со драматична брзина и опсег во што, за жал, имаш и ти своја голема улога. Јас мислам и така пишувам дека таа еуфорија и тој вештачки стимулиран вознес нанесува огромна штета на државата и не само на нејзиниот углед во светот, туку и на нејзината иднина, а ти и твоите истомисленици мислите, пишувате и проповедате дека тоа се големи успеси на власта и на науката. Грандиозните достигнувања на Владата, кои ти ги проповедаш како наше културно наследство, ги гледаме на сите страни. А, твоите научни достигнувања во врска со овие прашања не ги гледам нигде. Паско, ај те молам кажи кој е тој силен доказ што го потресе светот што го откопа со политичкиот булдожер кој ја побива досегашната историската вистина, или ја исправа повеќевековната заблуда како што милуваш да кажеш.
Нашиот обид за полемика би добил некаква смисла и поширока општествено корисна димензија ако дадат свој придонес компетентни луѓе зад кои стојат дела и меѓународно признати вредности. Македонија има одлични познавачи на историјата на стариот век, а во светот постојат грандиозни дела од големи и признати авторитети во науката. Истото се однесува и за средниот век и за историјата на Византија и на Словените, но и за идентитетските прашања кои ги засегаат и многу поголемите народи, не само балканците. Ако некои од нашите научници, историчари и академици се произнесат јавно по овие прашања, се разбира, со сите ризици што можат да произлезат од една новинска полемика, најмалку со тоа да зафаќаат некаква страна , или да се додворуваат на поширокта јавност, или недај боже на политиката, тогаш, сето ова што го правиме јас и ти би имало некаква смисла и оправданост. Потребни се како леб научни авторитети пред пошироката јавност непристрасно да разјаснат некои злоупотреби на политиката, некогаш и се разбира сега, за посеаните заблуди и идеологоизации кои оставаат со децении пустош во свеста на лугето. Во вакви ситуации на опасни делби за идентитетски прашања, за потеклото и јазикот во светот се огласуваат најголемите научни имиња и интелектуалните елити. Тоа го прават и во весниците и во ТВ дебати. Тие тоа го сметаат за своја должност. Кај нас тоа го нема. Тие што знаат најмногу молчат. Стар пријателе, стравувам дека амбиентот кој е создаден во Македонија, е сличен на оној за кој пишува Иво Андриќ за време на Отоманската империја: доаѓаат така времиња, кога мудрите замолкнуваат, будалите зборуваат, а фукарите се богатат. Некако ми се чини дека тој страв завладува со Македонија. Се разбира, има исклучоци и се' уште храбри научници.
Паско, пишуваш дека една од најнедоволно светлите теми во архелошката наука е словенската материјална култура во македонските простори. Авторитетно констатираш дека речиси ја нема. И додаваш дека е тоа исклучително темна тема за потоа широкоградо да констатираш дека ти и твоите не го запоставувате словенскиот елемент во македонската идентитетска маса. И потоа го цитираш Стојан Христов во врска со културното наследство за што веќе два пати ти кажав дека тропаш на отворена врата. Аман бе Паско ти кажав дека културното наследство припаѓа на народите кои денес живеат на територијата на некогашните цивилизации и империи. И пирамидите ги наследија Арапите, и Троја и Кападокија ги наследија Турците, и Грците и Македонците..... сите народи ги наследуваат артефактите и она што ќе се открие како културно и историско наследство на секоја педа земја. Тука рековме нема ништо спорно и не требало да се мачиш да ми докажуваш со цитати . Што правиме сега со твојата темна тема за словенската материјална култура за која велиш дека нема речиси ништо останато. Еве во тоа ја гледам Паско маргинализацијата на словенството за што се обидуваме да полемизираме. Како бе човече ништо нема. А, овој јазик што го зборуваме, ова писмо на кое пишуваме, овие цркви и оваа вера чии живи споменици се тие во генот на лугето. Има ли посилен идентитетски доказ од јазикот, писмото и верата. Јазикот и христијанството и црквите нели се фундаментот на кој израсна современата македонска нација. Паско, ова се докажани и потврдени научни вистини за кои е глупаво воопшто да се разговара. За да ги прогласиш за заблуди и измислици не е доволен само „научен романтизам“ и шарлатанство кое секогаш преаснува во национализам и шовинизам повеќе со крвави последици, отколку со научни стимулации како што ти се обидуваш да прикажеш. Ако мислиш на материјални пагански остатоци. Е, тоа веројатно речиси нема. Тукашните Словени многу рано го примија христијанството и како што знаеш со тоа речиси завршува паганштината. Или пак и ти како некои инфицирани од антикоманија, повеќе им веруваш на некои институти од Швјцарија кои им делат за 100 долари сертификати на нашите пациенти колку според нивната ДНК во плуканката имаат античка крв. Чиста генетика. Боже, боже. Јас веќе одамна плукнав на тоа. А, ти. Тоа ли е научниот доказ. Или доказот со кој демек ме навлекуваш е дека македонскиот јазик е татко на сите јазици, па според тоа и на словенските јазици затоа што некој идентификувал 83 збора во Илијадата на македонско-старословенски јазик. Зошто, само 83 збора, па сите се наши, древно македонски, кои ни ги украла целата индоевропска група на јазици, а заедно со нив и словенските варвари ни го присвоија древниот македонски јазик и затоа сега зборуваат со јазик сличен на нашиот. Аман, аман, веруваш ли во вакви будалштини. Дај наведи барем пет – древно македонски збора од тие 83 да се посмееме малку, бидејќи јас некаде веќе видов еден таков толковник и се умрев од смеење.
Шегата на страна. Паско, те разбирам што си лут и бесен на себе, па ми префрлаш мене во врска со Киро Глигоров и Љупчо Георгиевски. И добро е што им се извини на некој начин и им искажа јавно почит. Ти ги нападна и навреди не јас. Ти ме праша дали не ги сметам за научници некои поети политичари и првиот преседател на Република Македонија оти тој со својот авторитет изјавил и ставил „научен капак“ на конечната вистина „ дека ние сме Словени“. А и Георгиевски по твој вкус нели премногу врти на кај словенството. А сега викаш дека всушност си ги пофалил политичарите поети и политичарите претседатели за нивната силна „словенска антитеза.“ Какво салто мортале. Браво бе Паско. Така се полемизира. Тоа што вчера го кажа не важи денес. Само не чини што почна да подлажуваш. Велиш дека јавно сум му се заканувал со „тупаничење“ на Љупчо Георгиевски. Дај ти се молам биди сериозен. Па добро ме познаваш. Никогаш немало таква закана или било каков муабет од тој тип. Напротив, нашите јавни несогласувања се едно, а личните односи се крајно коректни и џентлменски при сите средби и полемични настапи и дебати. Тоа барем можеш да го провериш лично. Но она што е подло, не те знам како таков, е што манипулираш со како го нарекуваш моето „исламско родољубие“ и моето бедно „христијанско мракобесие“. Затоа што ја спомнав твојата улога во уривањето на остатоците од „Султан Мехмед“ џамијата изградена на Имарет во Охрид пред пет века. Велиш сум му се обратил на мртвиот Димче Коцо за тоа. Да, Паско му испратив јавно затворено писмо на мојот ценет професор и голем македонски историчар на уметноста Димче Коцо со мото „кога живите молчат покојните се погласни“ . А, еве и зошто неговиот труд „Раскопката на Имарет и Св Пантелејмон“ беше злупотребен како божем пред два дена да сте откриле дека во темелите на џамијата имало црква што ја изградил Св.Климент кога тоа беше историска вистина која одамна ја открил Коцо. Затоа ли требаше да се минираат остатоците на царската џамија. Паско, кога царевите, диктаторите и политичарите наредуваат уривање на историски споменици тоа е за секаква осуда, но кога тие што претендираат да бидат научници дигаат во воздух објекти под заштита на државата тоа се безмалку Т��либанци. Така ли се стасува до директор на Управата за заштита на културното богатство. Со уривање ли на тоа наследство се стасува до таму. Ете, тоа е човечко мракобесие. Паско, ако наш Охрид е духовен центар на Македонија, град на Унеско, и ако е славен по пресекот на сите култури нели ќе беше поубаво да се возобноват и св. Пателејмон и џамијата на „Султан Мехмед“ каде што со векови се делела милостина и храна на секој без оглед на неговата вера. Паско на Имарет, или на Плаошник сеедно ти направи злосторство кое не смее ни на сон да го помисли еден археолог.
|