НАТО не се откажува од Македонија

Кушнер порача дека Франција нема намера да се става на страната на Грција или Македонија

Од нашиот дописник
Слободанка Јовановска

БРИСЕЛ - „Македонија има иднина во НАТО“, порача вчера од Брисел американскиот помошник-државен секретар Даниел Фрид, додавајќи дека таа порака е содржана и во завршниот документ од министерскиот состанок на Алијансата.

„Мислам дека Македонија има иднина во НАТО. Жалиме што спорот околу името се' уште е отворен, но се надеваме дека ќе се реши наскоро и дека Македонија ќе може да оди напред. Тој јазик ќе го најдете и во коминикето. Но, исто така, мислам дека Македонија треба да направи се' што може за да го реши прашањето со Грција, работејќи со амбасадорот Метју Нимиц во процесот во ОН, кој ние го поддржуваме“, беше одговорот на Фрид на прашањето дали и новата администрација на САД ќе продолжи со поддршката на членството на нашата земја во НАТО.

Нов повоздржан тон кон Македонија почна да демонстрира и францускиот шеф на дипломатијата, Бернар Кушнер, најавувајќи дека наскоро ќе ја посети нашата држава. Кушнер, всушност, порача дека нема намера да се става на страната на Грција или на Македонија, бидејќи Париз не може да најде решение за спорот за името, туку тоа треба да го сторат двете земји. Кушнер, кој освен Србија и Косово, не покажа досега друг интерес за Балканот, со исклучок на обидите да се стопираат некои од државите во прогресот кон ЕУ, спомена и посета на неговиот заменик Жан Пјер Жује на Македонија, која всушност не се случи, туку разговорите со Жује беа во Париз.

„Не стана збор за Македонија, туку за Балканот, така што не знам што да кажам на оваа тема. Жује пред неколку дена беше во Македонија и, искрено, не можам да се ставам ни на ваша страна ни на страна на Грција. Тука има проблем и тоа не е проблем само за влегување на Македонија во ЕУ, туку проблем сам за себе. Двете земји треба да најдат заеднички прифатливо име, затоа јас не можам да го сторам тоа за нив. Ни треба едногласност и јас планирам наскоро да ја посетам Македонија“, изјави Кушнер, додавајќи дека Балканот генерално е комплексен и дека во него има кршлива рамнотежа.

Албанскиот шеф на дипломатијата, пак, потврди дека Македонија не била сосема игнорирана на состанокот и дека Кондолиза Рајс и други министри ја нагласиле својата цврста решеност да бидат примени во НАТО сите земји од Балканот што го сакаат тоа. Притоа, го повториле очекувањето дека со решавањето на спорот околу името Македонија ќе им се придружи наскоро како членка и ќе стане целосно дел од овој процес.

Грчката шефица на дипломатијата Дора Бакојани и овој пат тврдеше дека Атина не е таа што ги кочи преговорите, туку Македонија и дека на нивна страна има добра волја, а на македонската само реторика. Како аргумент за тоа го употреби дури и менувањето на преговарачот.

„Ние сме во преговорите целосно и сакаме решение. Тука сме, го имаме истиот преговарач од самиот почеток и чекаме. Но, очекуваме и другата страна да учествува на начин како што го правиме тоа ние“, изјави таа, најавувајќи дека очекува некаде во декември да има нови преговори во Њујорк со новоименуваниот преговарач на Македонија. На забелешката дека впечатокот во Македонија е дека Грција, всушност, не сака решение на спорот, Бакојани излезе со истите обвинувања. „Јас не сум таа што прави проблеми, јас не ги менувам преговарачите. За ова ни треба силна политичка волја. Грчката политичка волја е тука. Нашата позиција е дека сакаме БЈРМ да влезе во НАТО, но тоа значи дека треба да ги доближиме позициите. Во Скопје има политичка реторика против Грција, а тоа не е начин да се дојде до решение“, изјави таа во согласност со новата потреба да се воздржува од закани за вета и блокади, бидејќи такво нешто не е пожелно по тужбата во Хаг. Таа потврди, исто така, дека е запозната со писмото упатено од нашите мини��три до Шефер, но со насмевка извести дека за него воопшто не се разговарало.

Генералниот секретар Јап де Хоп Шефер, пак, во јавните настапи не го отвори воопшто проблемот со Македонија, што беше очекувано поради обидот во Алијансата спорот да се стави под тепих што е можно повеќе. Но, тој и овој пат ја искористи прес-конференцијата да ги повика земјите-членки да го ратификуваат приемот на Албанија и на Хрватска, кој досега е завршен само во осум земји, а мора да заврши до самитот во април. Засега тоа се објаснува само со бавноста на ратификувањата и се верува дека нема да има проблеми.

Инаку, во завршниот документ стои дека НАТО „останува на договорот од Букурешкиот самит да и' упати покана на Македонија што е можно побрзо откако ќе се најде заеднички прифатливо решение за името во рамките на ОН. НАТО повикува на поинтензивни напори да ја остварат таа цел. Во исто време ќе продолжиме да ги поддржуваме и помагаме реформите на Владата на Македонија“, стои во заклучоците, со тоа што внатре нормално се користи референцата, а не уставното име.