Иванов барал ниво за посетата на Париз

Претседателот ја откажа посетата на Франција, практично, пред полетување

Од нашиот дописник
Тони Гламчевски


Париз - Претседателот Ѓорге Иванов требаше да биде главниот и највисок учесник на колоквиумот „Национални идентитети, европски идентитет“ денес во Париз, но тоа нема да се случи. Тој беше поканет како главен гостин од, францускиот министер за имиграција, Ерик Бесон, интеграција, национален идентитет и солидарен развој, но откажувањето ги принуди организаторите да ја сменат програмата во последен момент.

Од кабинетот на Бесон веруваа дека откажувањето на учеството е резултат на „презафатеноста на македонскиот претседател и на натрупаната агенда“, кои не му дозволувале да допатува на еден ден во Париз. Тие не беа запознати со некои тврдења дека Иванов ја одложил посетата поради тоа што не добил средба со исто презафатениот француски колега Никола Саркози и според нив, не можат да се поврзат овие две нешта. Од кабинетот, пак, на Иванов објаснија дека биле поколебани од ниското ниво на собирот, кое стигнало до министри, па и помалку од тоа.

Претседателот Иванов ја прифати поканата за учество на овој колоквиум пред неколку месеци при неговата средба во декември со францускиот министер Ерик Бесон, додека тој престојуваше во Македонија. Бесон не го криеше задоволството од средбата со македонскиот претседател и разговорот што го воделе околу националниот идентитет. Имено, во Македонија не се води само наметната дебата за идентитетот, јазикот и името на државата... Бесон и претседателот Саркози отворија ваква јавна дебата во Франција, бидејки темата за националниот идентитет овде доби погрешен и несакан тек, со изливи на исламофобија, кои, според некои аналитичари, доведоа до препород на крајната десница и на Националниот фронт.

На францускиот министер особено му се допаднала теоријата на Ѓорге Иванов по прашањето на идентитетот, по што го поканил да зборува на завршниот колоквиум, кој се одржува денеска во Париз.
Според Бесон, чија изјава ја пренесе „Ле монд“ Иванов ја претставил нацијата „како одбрана против религиозните тензии“, посочувајќи притоа на формулацијата на македонскиот шеф на државата: „Во македонската салата се' е измешано, но секој продукт си го чува својот сопствен вкус“.

Една од можните причини од кои не дојде Иванов, исто така, е што на официјалната програма на колоквиумот беше претставен како претседател на „Поранешната југословенска Република Македонија“, што е удар за идентитетот на состанок на кој треба да се зборува токму за таа тема. Во билатералните дописи Париз го користи уставното име на Македонија со години, а во француската државна администрација се користи зборот „македонски“ за државјанството, националноста и за јазикот. Сепак, во официјалните обраќања на мултилатерален план се користи редовно привремената референца, при што и други наши претходни претседатели прифатиле да учествуваат на таков начин на конференции.

Сега кога врз Македонија се вршат сериозни и тешки притисоци да го смени името, претседателот, сепак, можеше да ја искористипариската трибина пред француската и европската јавност да ги изнесе ставовите на нашето раководство по ова прашање, кое ја кочи нашата евроатланска интеграција. Сега, исто така, Атина ја презеде дипломатската иницијатива, па порачува дека за неа е прифатливо името „Северна Македонија“, кое, пак, официјално, како лапсус беше употребено од поранешниот еврокомесар за правда, Французинот Жак Баро пред десетина месеци.

Иако колоквиумот не е ниво за претседател на држава, претседателот Иванов беше поканет како највисок гостин - учесник во дебатата, што самиот тој го нагласи во интервју за една македонска телевизија. Оваа епизода во македонско-француските односи сведочи дека и покрај повремени политички средби, тие не се на нивото на кое треба да бидат.

Портпаролот на француското МНР, Бернар Валеро, до неодамна француски амбасадор во Македонија, во декември не' уверуваше дека ангажирањето на Франција на страната на Македонија трае со години, дека не треба да се суди и да се донесуваат заклучоци според една или друга изјава на некој од европските совети и дека е потребно да се погледа долгорочно. Долгорочно, според Валеро, ќе забележиме дека Франција отсекогаш била на страната на Македонија и ја туркала нејзината европска определба.

Посетата на министерот Бесон на Македонија беше многу важна, бидејќи со неа тој ја изрази поддршката на Франција за либерализацијата на визниот режим за Македонија. Во Париз се тврди дека нема промена во позицијата на Франција за европската перспектива на Македонија, која како крајна цел го има членството на земјата во Европската унија, нешто што отворено се поддржува. Околу одлуката за почеток на преговорите официјален Париз порача дека Франција посакува ова прашање да биде разгледано колку што е можно побрзо, но дека таа одлука треба да биде донесена едногласно. Затоа Париз посакува да биде најдено прифатливо решение што е можно поскоро.

Декларативните изјави на Кеј Д’Орсеј, сепак, се разликуваат од она што се случува на теренот. Политичките односи меѓу двете земји не се на завидно ниво, па поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски не оствари ниту една официјална посета на Франција за време на неговиот мандат. Премиерот Груевски успеа со голема мака да обезбеди средба со Саркози, но Македонија не ја посетија министрите од првиот ешалон. Последен што дојде како шеф на дипломатијата беше Мишел Барние, додека актуелниот француски министер за надворешни работи, Бернар Кушнер, и државниот секретар за европски прашања, Пјер Лелуш, ја заобиколија Македонија при нивната балканска турнеја.

На сите им е познато, иако сега толку не се кажува јавно, дека претседателот Никола Саркози има повеќе разбирања за грчките позиции отколку за македонските во спорот со името, па Саркози беше и најголемиот бранител на Грција во однос на останатите европски партнери околу помошта што треба да и' се даде на Атина за излез од економската и од финансиската криза. Грција е многу позначаен економски и политички партнер на Франција отколку Македонија и разбирливо е зошто Париз застанува на нејзина страна.

Но, не е само Париз тој што и' врти грб на Македонија, туку и Македонија му го сврте грбот на Париз уште поодамна, а дипломатските грешки направени во минатото не се исправаат толку лесно. Дали и овој потег ќе се доживее на ист начин во Париз, ќе се види наскоро. (Т.Гл.)


#