„Кинескиот ѕид“ споменик на урбанистичката мафија
Седум години од почетокот на изградбата, а никако да се реши мистеријата околу зградата на брегот на Вардар
Билјана Ангеловска
„Фиком“ и „Кинески ѕид“ се поимите што ја отсликуваат немоќта на државата да се справи со урбанистичката мафија. Зградата на брегот на Вардар во Градскиот парк во Скопје, се чини, целосно го оправдува името што и' го дадоа граѓаните, „Кинески ѕид“. Не само што остана нечепната од инспекцијата, и покрај сите проблеми и законски промашувања што ја следеа нејзината изградба, туку според тоа како изгледа и по повеќе од седум години од стартот на градењето, таа и навистина претставува ѕид. Се' уште нема абер од финализирање на работите, а тешко дека набрзо ќе може да се зборува и за евентуално вселување на апартманите.
И, додека во меѓувреме зградата ги менуваше газдите, во нејзина непосредна близина се доизгради арената „Филип Втори“. Уште кога се најавуваше изградбата на северната трибина на градскиот стадион, беше сосем извесно дека зградата, поточно становите во неа ќе ја изгубат целата атрактивност што ја имаа поради локацијата на која се градат. На сите им беше јасно дека трибината толку ќе се доближи до зградата што целосно ќе навлезе во нејзиниот визуелен простор и комплетно ќе го затвори погледот кон Водно. Но, тоа очигледно не ги спречи газдите да продолжат со изградбата. Иако бавно, тула по тула, плоча по плоча, ламелите никнуваа со целата своја должина и висина.
Истовремено се крена и трибината. Сега таа е само неколку метри оддалечена од зградата, од која ја дели буквално само една сервисна уличка.
А, „Кинескиот ѕид“ остана надвор од сите закони, и стари и нови. Очигледно не го допираат никакви рокови за да се заврши изградбата. Но, факт е дека зградата не ја допира ниту која било инспекција, зашто објектот и натаму опстојува без никаков проблем. Ако се почитуваа роковите од претходните закони за градење, тогаш „Кинескиот ѕид“ одамна ќе требаше да биде или урнат или да му биде одземен на сопственикот. Објектот не би можел да се спаси дури и да се примени најновиот Закон за градба, донесен минатата година, бидејќи не постои законска одредба која дозволува изградба на станбен објект подолго од шест години.
Сепак, најтрагично е тоа што никој од надлежните не е сериозно заинтересиран да го реши случајот. Ниту во Општина Центар, ниту, пак, во Министерството за транспорт и врски. Иако пред околу четири години министерот Миле Јанакиески категорично ветуваше дека за една-две години Македонија ќе го реши проблемот со урбанистичкиот хаос во општините, до денеска малку е исполнето од ветувањето.
„Почнавме со зградата зад Градскиот стадион во Скопје, но продолжуваме понатаму. Градоначалниците постојано ни кажуваат каде уриваат нелегални градби, а Владата секои две недели на седници ќе дискутира за урбанистичкиот хаос во општините“, рече Јанакиески во ноември 2006 година, најавувајќи го стартот на војната на Владата со урбанистичката мафија.
Оттогаш минаа четири години. Навистина, тогаш почна да урива, но урна само 80-ина сантиметри од потпокривот на „Кинескиот ѕид“ и тука застана. Крена повеќе прашина со зборови отколку со чеканот. Оттогаш, како сите надлежни да кренаа раце од зградата. Дали некој во меѓувреме вршел инспекциски надзор, што е констатирано, дали ќе се преземат некакви санкции, бидејќи изградбата ги има пробиено сите законски рокови?
На овие и на други прашања, од Општина Центар ни рекоа дека ќе ни одговореле деновиве! Одговор не добивме ниту од Министерството за транспорт и врски. Оттаму ни беше сугерирано да се обратиме до Општина Центар, која согласно со Законот за градење врши инспекциски надзор за објектот.
Зградата во Градскиот парк почна да се гради во 2003 година на местото на некогаш култниот Кампинг во Градскиот парк во Скопје. Претходно привремените објекти на пора��ешниот „Феротурист“ на јавна лицитација ги купија Борче Ристески, газда на фирмата „МЏ Риком“, и Трифун Костовски, но тој уште веднаш се откажа од својот дел. Тогаш се зборуваше дека во игра е и некој инвеститор од Германија, кој бил еден од главните спонзори на ФК „Вардар“. Во тој период, со голема поддршка на поранешниот претседател Борис Трајковски, министерот за одбрана Владо Бучковски и тогашниот градоначалник Ристо Пенов, на инвеститорот му беше доделено и земјиштето по поповолна цена, се' со цел да му се помогне на ФК „Вардар“. Парцелата со површина од 7.385 квадратни метри беше купена за 1.500 денари квадрат, а купопродажниот договор го потпиша тогашниот министер за транспорт, Љупчо Балковски.
Проектот предвидуваше изградба на две катни гаражи на двата краја и спортско-рекреативен објект во средината, како и апартмани наменети исклучиво за фудбалерите на „Вардар“. Но, подоцна во неколку наврати се направени измени со кои катните гаражи се претворија во ламели со апартмани за продажба! Сите измени во проектот и во урбанистичките планови беа завршени во летото 2002 година, кога инвеститорот ја добил комплетната документација и веќе наредната година објектот почна да се гради. Факт е дека инвеститорот навреме ги имаше обезбедено потребните одобренија за зградата, но тоа беше под многу сомнителни околности, бидејќи намената на објектот не постоеше во ниту еден валиден урбанистички документ.
Изградбата почна во 2003 година со одобрение за градење деловен, а не на станбен простор. Инвеститорот уредно си плати комуналиите и тоа по цена за деловен простор, по 120 евра од квадратен метар. Бидејќи според стариот план за Градски парк од 1998 година, кој тогаш беше во важност, а подоцна беше коригиран во согласност со ГУП, но и со новиот и последен ДУП донесен во април 2004 година (значи една година по стартот на изградбата), на тоа место требаше да има деловно-комерцијални и услужни дејности.
Последен пат пред четири-пет години на седница на парламентот беше поставено пратеничко прашање за случајот, а од тогашниот министер за транспорт, Џемали Мехази, беше побаран одговор за тоа кој ќе одговара за изградбата на „Кинескиот ѕид“. Мехази никогаш не одговори. Многу подоцна се јави Антикорупциската комисија со констатација дека ДУП за Градски парк е спротивен на ГУП, што значи по автоматизам дека се' што е градено според тој ДУП е нелегално, па за случајот се заинтересира и Јавното обвинителство.
Во меѓувреме, од проектот се повлече спонзорот на „Вардар“, а се појави нов германски инвеститор, браќата Османи од Ѓаковица, кои со години живееја и работеа во Германија. Се занимаваа со различни дејности, а нивниот капитал се проценуваше на повеќе од половина милијарда евра. Имаа разработен бизнис во Германија, Хрватска, Шпанија, Македонија и во Косово. Во Македонија работеа преку нивен претставник, кој поседуваше агенција за трансфер на фудбалери. Подоцна во Германија изби финансиска афера во која беа замешани Османи, банкари и некои германски политичари, по што еден од браќата заврши во затвор. Кој после ги наследи Османи во сопственоста на „Кинескиот ѕид“, остана непознато за јавноста во Македонија. Сега неофицијално се зборува дека газда на објектот е некој Босанец, кој преку свој адвокат ги продава апартманите по цена од 1.400 евра за квадрат. Како оди продажбата, каков е интересот, дали и колку станови се продадени досега, не се знае. Тоа очигледно не е интересно за надлежните, како општински, така и државни органи, кои е евидентно дека ја изгубија војната со урбанистичката мафија. |