Здравствениот фонд пишман за платите

Фондот за здравствено осигурување се премислува околу процентот колку платите во здравството зафаќаат од здравствената каса. Иако во Фондот првично се согласија дека со платите се голтаат дури 78 отсто од парите во фондовската каса, вчера директорот на Фондот за здравствено осигурување, Горѓи Тренкоски, излезе со друг податок. Според последниот извештај, од јануари до март годината платите учествувале само со 57 отсто во касата, се вели во реакцијата од Фондот, во која, сепак, се оградуваат дека секоја болница има своја динамика на трошоци.

Директорот на ФЗО се пофали дека Фондот е во добра финансиска кондиција и буџетот од 15 милијарди денари е зголемен на 20 милијарди денари, така што, според него, на Фондот не му се заканува банкрот.

Тој не сака да коментира дали им се заканува банкрот на болниците, со објаснување дека Фондот веќе не е нивен менаџер и оти тие самостојно работат, иако не се откажува од совети за добро менаџирање. Исто така, Тренкоски вели дека Фондот не е надлежен за вработувањата во здравствените установи, иако веќе подели совети како може болниците подобро да работат. (Ј.Ј.)