Марти ја подели македонската делегација во Стразбур

Мехмети-Деваја од ДУИ изјави дека некoи формулации
од извештајот на Дик Марти звучат прејудицирачки

Парламентарното собрание на Советот на Европа вчера ја усвои Резолуцијата за истрага на трговијата со човечки органи во Косово на Дик Марти. Македонската парламентарна делегација во Стразбур замина со неединствен став како ќе гласа. Игор Ивановски од СДСМ пред гласањето изјави дека тој ќе гласа во прилог на Резолуцијата, нешто што претходно го најави и Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од нашата тричлена делегација само пратеничката од ДУИ, Ермира Мехмети-Деваја, говореше пред Парламентарното собрание на СЕ при што настапи со став дека некои формулации од извештајот на Марти звучат „прејудицирачки“. „Мислам дека имаше потреба да се оспорат некои тврдења што со право се протолкуваа и доживеаја како тенденциозни, кои се однесуваат на улогата и мисијата на меѓународната заедница во постконфликтно Косово“, изјави таа по обраќањето. Пред заминувањето таа најави дека ќе гласа против извештајот на Марти, во согласност со ставот на нејзината партија.

Предлагачот на Резолуцијата, Дик Марти, рече дека нема вистинска правда без вистина, одговарајќи им на делегатите кои изразија сомневање во вистинитоста на неговиот извештај. „Ние најдовме сведоци. Тие се кредибилни и ни дозволија да бидеме прецизни и затоа тоа ги плаши. Тие не се со Србите, тие сведоци го сакаат Косово, но се плашат бидејќи немаат доверба во нивното и во меѓународното судство, кое не знае да ги заштити сведоците“, изјави Марти. (Т.Г.)


#