„Партизанска“ - булевар на стравот
Само во изминатите шест месеци се случиле 41 незгода, а биле повредени 56 лица
Снежана Калабакова
Многумина кои дошле во Скопје рекле дека никаде не се вози полошо. Но, скопјани си знаат дека најлошо се вози на булеварот „Партизански одреди“. На оваа сообраќајница како да важат спротивни правила од пропишаните, па наместо на пешачките премини да чекаат автомобилите, стојат пешаците. Тие им даваат предност на оние што седат зад воланот, кои постојано брзаат некаде. Нивното невнимание е причина за честите сообраќајни несреќи во кои страдаат пешаци и тоа токму на обележаните пешачки премини. Само годинава во изминативе шест месеци се случиле 41 незгода, а биле повредени 56 лица.
Во сообраќајните билтени на полицијата на оваа сообраќајница стои забележано дека брзото возење е главна причина за несреќите. Ваквите немили настани се случуваат речиси и пред очите на Сообраќајната полиција, која многу често е присутна на булеварот. Оваа сообраќајница можеби треба да биде постојан предмет на анализа на сообраќајните инженери, кои треба да бараат можни решенија за заштита на пешаците.
Најголем дел од опасните преминувања од едната на другата страна на сообраќајницата се случуваат на потегот од зелениот пазар „Буњаковец“ до постојката кај „Симпо“. Токму на овој потег најчесто на пешачките премини страдаат прво пешаците, најчесто повозрасни лица, но и млади луѓе. Не ретко на налетот на брзината жртви се и велосипедистите кои се обидуваат да поминат од едната на другата страна на улицата. Брзото невнимателно возење се практикува и од споредните улички во Дебар Маало од каде што возилата се вклучуваат на „Партизански одреди“. И тука на тие делови пешаците треба да поминуваат внимателно.
Поради брзото возење по „Партизанска“, незгоди се случуваат речиси секој втор ден. Токму затоа овој булевар е улица на стравот, а секое невнимателно поминување на пешачките премини може да биде кобно. За возачите не важи правилото дека треба да застанат штом забележат дека стапнал пешак на пешачкиот премин.
Од МВР потврдуваат дека брзото возење на „Партизанска“ е причина за сообраќајните несреќи во повеќето случаи. Поради невнимание и брзо возење, во текот на 2009 година на булеварот „Партизански одреди“ се случиле 85 сообраќајни незгоди, а во нив пет лица го загубиле животот и 130 биле повредени. Заклучно со јуни годинава, се случиле 41 незгода во кои 56 лица биле повредени. А само во јуни биле евидентирани 10 сообраќајки, а 12 лица биле повредени.
Од СВР - Скопје објаснуваат дека освен по „Партизанска“, брзо се вози и по булевар „Едвард Кардељ“. Статистиката за минатата година покажува дека на оваа сообраќајница се случиле 44 сообраќајки во кои две лица загинале, а 66 биле повредени.
|