Наумовски „бркал“ авиони од Брисел до Скопје
Тамара Грнчароска
Вицепремиерот Васко Наумовски е меѓу македонските граѓани кои на своја кожа го почувствуваа хаосот во авиосообраќајот и кој викендов ги „бркаше“ аеродромите низ Европа за на крајот со комбе да се врати од Брисел во Македонија. Откако станало јасно дека бриселскиот аеродром ќе остане затворен и наредните денови, вицепремиерот и делегацијата, кои имаа работни средби во ЕУ, во саботата наутро со комбе и со минибус тргнале за Скопје. Патувањето, кое траело 20 часа, било предвидено да трае пократко, т.е. до првиот „отворен“ аеродром на патот до Скопје, но бидејќи облакот од вулкански пепел се ширел побрзо од патувањето на делегација, сепак, на четири тркала пристигнале во Скопје.
Ваквиот подвиг на македонската делегација покажува дека Европа и не е толку далеку од Македонија и достижна само со авион. Слична, но доброволна авантура минатата година извел и поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин, кој од Брисел стигнал директно на прес-конференција во Скопје, патувајќи со автомобил. Притоа, Ружин без прекин поминал 2.200 километри за 18 часа.
Среќата на македонската делегација во Брисел да најдат алтернативно превозно средство ја немала делегацијата од друго министерство, која се' уште е заглавена на Исланд, и која за да се извлече оттаму треба да најде не само автобус, туку и брод до брегот на Европа. Друга, пак, група Македонци не можат да се вратат во земјава, бидејќи немаат транзит-визи за копнен пат до Македонија. Тие се заглавени во Ирска, а бидејќи немаат британска виза без која не можат да влезат во Велика Британија, нема како да стигнат до европскиот континент. Како што информираат од МНР, амбасадата во Лондон им асистира за вадење транзит-визи. Тие информираат дека во другите амбасади нема македонски државјани што се обратиле за помош. Во Амстердам останаа заглавени група македонски новинари, бидејќи биле продадени сите билети за автобус и воз. |