Фељтон

Славата, митот и крвта на ВМРО (24)

Атентати во Марсеј, Прага и во Белград

Автомистичката ВМРО ликвидирала повеќе бугарски и српски политичари, меѓу кои и кралот Александар Караѓорѓевиќ

Виктор Цветаноски

Атентатите биле главно обележје на македонската револуционерна борба во подоцнежните години, посебно по формирањето на автомистичката ВМРО на Тодор Александров и особено по доаѓањето на Ванчо Михајлов на нејзино чело. Македонци вршеле атентати во Марсеј, Прага и Белград, врз познати српски и бугарски политичари.

Атентатори на автономистичката ВМРО во почетокот на дваесеттите години на минатиот век извршиле два атентата врз министри на Бугарија. Прво бил убиен министерот за внатрешни работи Александар Димитров, кој претходно Александров го обвинил дека ги собирал околу себе „отпадниците“ на ВМРО кои, според него, вршеле насилства, рекетарство и убиства и од нив формирал чети и ги испраќал во Македонија. Во предупредувачкото писмо до министерот тој подвлекува дека главно оружје на власта бил Ѓорче Петров кого го поставила за претседател на Комисијата за бегалци. Димитров нема сериозно да ги сфати неговите предупредувања и затоа ќе плати со живот. Бил ликвидиран додека патувал со автомобил за селото Козница. Македонски терористи, испратени од Александров, му поставиле заседа при што тој и неговиот возач биле ликвидирани на самото место.

Терорист на автономистичката ВМРО ќе го егзекутира и наследникот на Димитров, министерот Рајко Даскалов. За да го спаси од македонската организација премиерот Стамболиски ќе го испрати за амбасадор во Прага, но и таму ќе терористот на Александров ќе го пронајде. „Даскалов продолжи да живее во чехословачкиот главен град, свесен за фактот дека го демне смртна пресуда од ВМРО. Живееше во една вила во предградието. Едно утро (27 август, 1923 година) тој и двајца негови придружници чекореа од вилата кон градот кога дваесет и двегодишниот џелат од ВМРО се судрил со него да се осигури дека не згрешил. Повлекувајќи се неколку чекори, Македонецот го извлекол својот револвер и го убил Даскалов“, пишува американскиот писател со македонско потекло Стојан Христов.

Атентаторот Јордан Цицонков на судскиот процес изјавил дека тој и други членови на ВМРО во мај 1923 година биле поканети од Александров во едно село на Скопска Црна Гора при што им одржал куса реч, потсетувајќи ги на нивната должност кон македонската револуционерна борба. Потоа им кажал дека владата на Стамболиски ги прогонувала Македонците, по што ВМРО изрекла смртни пресуди за четворица членови од неговиот кабинет. Тогаш го информирал Цицонков дека нему му се паднала ждрепката да го убие Рајко Даскалов. Кога тој му рекол дека не знае странски јазик и дека ќе му биде тешко да ја пронајде жртвата во Чехословачка, Александров го извлекол од торбата Уставот на ВМРО и од него го прочитал извадокот: „Секој член на организацијата кој што ќе одбие да спроведе смртна пресуда ќе биде застрелан не подоцна од дваесет и четири часа“.

Цицонков од прашкиот суд бил ослободен со образложението дека дејствувал како агент на ВМРО и дека се наоѓал под „невозможна принуда“, немал друг избор освен да ја исполни задачата или да умре. Меѓутоа, подоцна одново бил суден во едно провинциско гратче. Го осудиле на 20 години. По две години одлежани во затворот се самоубил.



Александров ќе убива бугарски, а Михајлов српски политичари. Од позначајните е атентатот генералот Михајло Ковачевиќ извршен на 5 октомври 1927 година во Штип. Во него стрелале штипјанецот Ипократ Развигоров и кумановчанецот Благој Кралев, испратени од Софија. Ним им помагал штипјанецот Илија Лилинков. Два дена по убиството српската полиција ги открила. Жив го фатиле само Благој Кралев, а Ипократ Развигоров и Илија Лилинков се самоубиле.

По атентатот српската власт немилосрдно се одмаздувала. Тогаш со стапови бил убиен 75-годишниот татко на Илија Лилинков, а таткото на Михајлов и неговиот брат ги стрелале на мостот на реката Отиња кај Ново Село. Во затворот жандарми со раце го задушиле братот на атентаторот Развигоров. Се смета дека тогаш биле ликвидирани 200 лица. Преживеаниот атентатор Благој Кралев бил осуден на смрт и стрелан.

И атентатот на Мара Бунева врз српскиот службеник Велимир Прелиќ е дел од терористичката стратегијата на ВМРО на Михајлов. За него се подготвувала во Софија. Во Македонија се вратила во мај 1926 година, а од родното Тетово се преселила во Скопје со намера да убие некој од раководителите на српската власт. Се вработила во кројачки дуќан и шиела облека за жените на познатите српски политичари. Живеела под кирија кај семејство кое било во соседство на убиениот Прелиќ.

Атентатот го извршила на 13 јануари 1928 година на кејот на реката Вардар во близина на денешниот хотел „Холидеј ин“. Три куршуми испукала во Прелиќ, а еден во себе. Тешко ранета ја однеле во болница. Починала наредниот ден. Полицијата ја погребала тајно, така што денес никој не го знае нејзиниот гроб. Семејството Буневи биле познато тетовско семејство. Мара имала двајца браќа и три сестри. Постариот Борис станал бугарски офицер и ги подучувал терористите на Михајлов, а помладиот, Лазар, служел во српската војска на Кралска Југославија, исто така како офицер. Неговите потомци денес живеат во Белград.

Најспектакуларен и најголем одглас во светот имал атентатот што го извршил Владо Черноземски на српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Некои тврдат дека најдобриот и најсаканиот атентатор на Михајлов бил роден во едно мало село во Разлошко, во кое неговите родители стасале како бегалци од Македонија. Стојан Христов пишува дека бил роден во 1899 година во штипското село Патрик кое денес не постои. Черноземски најпрво бил лично обезбедување на Тодор Александров, кој го унапредил и го префрлил во казнената дивизија на ВМРО.



Христов пишува дека Черноземски бил тивок човек со променлива нарав, кој секогаш се држел прибрано и постојано нешто читал. Ниту пиел, ниту пушел, ниту пак јадел месо. Кога еднаш го прашале зошто не јаде месо им одговорил дека било свирепо да се убиваат животни. Каква иронија, човекот што секојдневно убивал, сметал дека е свирепо да се убиваат животни!

Откако му завршил многу крвави задачи, Михајлов му го позајмил Черноземски на Анте Павелиќ за да го убие српскиот крал. Атентатот во Марсеј бил извршен на 9 октомври 1934 година. Черноземски покрај кралот го убил и францускиот министер за надворешни работи Луј Барту. Притоа бил убиен и тој од француски полицаец, кој го го исекол со сабја. Дека атентаторот е македонски терорист Французите дознале по четирите букви ВМРО истетовирани на телото на Черноземски.

Пред тоа терористот Иван Момчилов се обидел да го убие српскиот политичар Жика Лазиќ во неговата канцеларија во Белград. Иако во него испукал четири куршуми, Лазиќ преживеал. Станал губернатор на Вардарска Македонија и министер за внатрешни работи на Кралска Југославија.

Македонец, член на ВМРО требало да изврши атентат врз Хитлер. Како што пишува Џулен Емери, човек од британските тајни служби, се' било подготвено за атентатот, меѓутоа, поради обични човечки слабости сите планови пропаднале. Македонецот требало да го убие Хитлер за време на негова посета на австриски град. Атентаторот обезбедил и добро место од каде требало да стрела спријателувајќи се со тамошниот конзул на Бугарија која беше сојузник на нацистичка Германија. На пречекот на Хитлер требало да седи заедно со конзулот во непосредна близина на Хитлер и така да го убие. Меѓутоа, вечерта, непосредно пред посетата на фирерот, навратил во барот на хотелот, испил неколку чаши, при што му испаднал револверот. Го пријавиле на полицијата која го уапсила и го протерала.

Британскиот таен агент не го соопштува името на атентаторот ниту, пак, го споменува местото од каде потекнувал. Единствено нагласува дека припаѓал на македонска терористичка организација. Боледувал од рак и му преостанувале уште два месеца живот и поради решил да го жртвува животот.

(Крај)






#