Педесет искусни дипломати во МНР тргнати настрана

Додека педесетина најискусни дипломати во Министерството за надворешни работи воопшто немаат конкретни работни задачи, единствен креатор на надворешната политика на државата е премиерот Никола Груевски. Ова обвинување вчера го искажа Стево Пендаровски, член на Дипломатскиот совет на СДСМ, тврдејќи дека МНР е сведено на логистичко-технички сервис на кабинетот на премиерот. Во исто време претседателот на државата, според сопствена волја или не, целосно е маргинализиран во областа каде што има изворни уставни и законски надлежности.

Според Пендаровски, партизацијата на овој важен државен сегмент добива размери какви што досега не се видени во изминативе 20 години: „Статистички, во изминативе четири години бројниот состав на Министерството за надворешни работи е зголемен за над 60 отсто, односно новопримени се над 150 лица, а севкупниот ефект во однос на промовирањето на интересите на државата е послаб од кога било. При внатрешната промоција на кадрите во Министерството за главен критериум е поставена политичката подобност, а не стручноста и знаењето на вработените“. Тој ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека низ скратени процедури, во највисоки дипломатски звања се унапредуваат довчерашни приправници и луѓе со минимално професионално искуство. (Б.Ј.)


#