Поглед
СМС-порака до Јанкулоска
Соња Крамарска
Македонските новинари попусто чекаа уште една СМС-порака од портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Иво Котевски, но не ја добија. Очекуваа порака со следнава содржина: „Е па веројатно МВР има проблем со бомбастичното приведување на Заев затоа што тој е пуштен на слобода од страна на судијата, ноќеска на полноќ во Основниот суд“. Новинарите очекуваа и втора СМС- порака со содржината: „Гордана Јанкулоска треба да му каже фала на судот што одлучи Заев да биде на слобода додека да одлучи за делото за кое го товарат“.
Но, мобилниот на Иво Котевски наеднаш замолкна. Новинарите мораа да се информираат од други извори за пуштањето на струмичкиот градоначалник Зоран Заев од страна на Основниот суд 1 во Скопје, каде што тој завчера даваше исказ пред истражен судија.
Зошто овој пат затаи агилниот портпарол на полицијата? И каде беа МВР и Владата експресно да ја демантираат информацијата дека Котевски нашол оригинален начин да ги информира медиумите дека е во тек уште една акција за лов на крупна ѕверка. Опозициска, се разбира.
За тие ѕверки Котевски има специфичен начин за дојава на вестите до новинарите: „Е па Заев веројатно има проблем околу аспирациите за лидер, сабајлево е приведен, за половина саат ќе биде пред основен суд“, гласеше првата порака. „Емилијан Станковиќ треба да му каже фала на Заев оти галантно му ги отстапи пратеничкото место и имунитетот“, е втората порака.
Е, па, МВР, Владата и целата држава веројатно имаат проблем со портпаролот Иво Котевски. Министерката Гордана Јанкулоска и премиерот Груевски треба да му кажат фала на Котевски за досегашната соработка и да најдат друг портпарол. Се надевам дека ќе ја примат поракава иако не е СМС.
|