ЛИЧНОСТ НА ДЕНОТ
Јусеин Болт
И новиот крал на спринтот доаѓа од Јамајка. Јусеин Болт не го спречи ни лошото време со грмежи на атлетскиот митинг во Њујорк да го подобри за две стотинки светскиот рекорд на 100 м на сонародникот Асафа Пауел. Со влажниот тартан можеби ќе се вади најголемиот ривал Тајсон Геј од САД, кој беше само нем(оќен) набљудувач на историските 9,72 сек. што ги истрча 21-годишното чудо од татковината на регето. Подвигот го прави уште пофасцинантен фактот дека трката во Големото јаболко му беше само четврта официјална во најкусата тркачка дисциплина!
Болт во Њујорк му се реваншира на Геј за поразот во финалето на 200 м на минатогодишното Светско првенство во Осака, каде што освои сребрен медал и како дел од штафетата 4х100 м на Јамајка. Во 2004 стана прв јуниор со резултат под 20 секунди на 200 м, поставувајќи светски јуниорски рекорд од 19,93 сек. На првенството на Јамајка, пак, лани го „спушти“ за 11 стотинки државниот рекорд на Дон Квери, стар 36 години. Новиот е 19,75 сек.
Дека може да биде еднакво добар и на двојно пократката делница, Болт навести во почетокот на мај годинава, кога во домашниот Кингстон го забележа во тој момент второто време во историјата од 9,76 сек. (Р.Д.) |