Можат ли полничките жени во Македонија да бидат модерни?

Облините и модните трендови кај нас не одат рака под рака. Поголеми конфекциски броеви - исклучиво, по нарачка

Катерина Шекеровска

Може ли полничките жени во Македонија да бидат модерни? Ако светот, на пример, ја има Елена Миро, дизајнерка, која оваа година прославува 25 години од својата работа и креира исклучиво за жени со облини, домашните дизајнерски имиња во своите колекции нудат модели (речиси) за сечиј вкус, но за оние пополните се прават исклучиво преку специјална нарачка. Значи, ако сакате да бидете модерни и тренди, а живеете во земјава, тогаш заборавете на нормален шопинг и купување модерна гардероба од прва.

Колекциите што се претставуваат на ревиите се првенствено наменети за оние со (по)малку килограми, што претставува проблем за поголемите жени што имаат тешкотии со следењето на модата. За разлика од земјава, во светот се' повеќе доминираат продавниците и веб-сајтовите, кои нудат облека со потпис на познати креаторски имиња наменети за пополнички припаднички на понежниот пол. Елена Миро, која редовно настапува на најголемите модни случувања во Парис, Њујорк, Милано... ги урива бариерите и стереотипите за перцепцијата на полничките жени. Дали ерата на анорексични модели полека завршува? Сакаме да им помогнеме на вистинските, реални жени да се чувствуваат самоуверено и да најдат внатрешен мир“, изјави Миро на крајот на ревијата на Модната недела во Милано 2010. Тоа е видливо од нејзините парчиња наменети за жена што е тренди, динамична и добро информирана и која нема намера да се лиши од сето она задоволство што го нуди модната индустрија во стандардни величини.

Каков е ставот на нашите креатори? Дали во нивните колекции може да се најдат парчиња за полнички жени? Што им нудат на своите позаоблени клиентки? Креираат ли во големи конфекциски броеви?

„Апсолутно да! Во моите колекции, дефинитивно, постојат модели за покрупни, а посебно имам побарувачка од жени со т.н. меѓуброј. Инаку, кај нас не постои супер модерна облека за жени со поголем број, што сметам дека не е в ред. Во Англија, на пример, има прекрасни модели за жени со покрупна линија“, објаснува модната креаторка Лиле Корубин. Таа смета дека е погрешно сфаќањето дека не може да се биде модерен, ако си со облини. „Па и јас имам облини, па сум модерна, нели, ха, ха, ха!“

„Ревиите, презентацијата на новите модели, во принцип, се прават според манекенките и најчесто е во конфекциски број 36. Натаму, моделите се изработуваат во повеќе големини, а просечен конфекциски број, барем што се однесува до мојата работа, е 42-44, што е дефиниран според потребите на моите клиенти. Значи, полничките жени никогаш немале проблем со наоѓање модерна гардероба, барем кога станува збор за моите креации. Се согласувам со констатацијата дека послабите жени имаат многу поголем избор во продавниците, а оние со малку повеќе облини мора да се снаоѓаат сами, ако сакаат да изгледаат тренди. Токму затоа тие никогаш и не биле занемарени во моето ателје“, додава Ненад Секирарски, дизајнер и сопственик на ателје „Секирарски“.

За креаторката Росица Мршиќ, дизајнирањето за полнички жени не е многу возбудлива тема. „Засега не сум фокусирана на дизајнирање за пополни жени, иако ми се има случено некоја од креациите, специјално нарачана да биде приспособена и направена во поголема величина. Во овој момент не ми е близок тој дел од креирањето за поголеми жени и во него моментално не гледам предизвик. Којзнае со тек на време доаѓаат и нови предизвици, па можеби натаму ќе се насочам и во тој правец. Инаку, некако, барем во светски рамки, искуството покажува дека креаторите што го прават тоа тргнуваат првенствено од сопствени потреби и побуди“, додава Мршиќ.

Нејзината колешка Бојана Неткова потенцира дека и таа во своето студио на Водно ги прави поголемите броеви исклучиво по нарачка. „Креирам и за пополнички и за постари, во колекциите досега немало поголем конфекциски број од проста причина што сите биле шиени за ревија. Инаку сум имала ситуации од некој модел од колекцијата да сошијам поголем конфекциски број по нарачка... Секој може да се облекува модерно, без разлика дали е слаб, дебел, пополнет или нормален... Има продавници кај нас што нудат облеки и за постари и за пополнички жени... Не се многу, но ги има...“

„Не може сите да изгледаат како манекенки“, смета креаторката Билјана Каран. „Слободно може да кажам и дека поголемиот број клиенти ми се полнички жени, така што креирам за дебелки, но тоа е исклучиво по нарачка. Сепак, моделите што се прават за ревија или фотосесија се уникатни и се во помал конфекциски број, но тие може да се направат во поголем крој. Сепак, ние сме тука за да ги исполнуваме желбите и потребите на нашите клиенти.“

Дебелки на насловни страници

Дека свеста за моделите и нивниот изглед во светот од ден во ден се менува, докажува и тоа што се' почесто полнички модели одат на насловни страници. Последна е онаа на магазинот „Ел“, кој по голите модели и актерки без ронка мејкап, фотографираше дебелки жени. „Ел“ доаѓа еден месец откако „Вог“ посвети цел еден дел на модата и убавината за пообемни жени. Во јануари американското списание „В“ имаше специјално издание Облини напред!, а со промените се согласи и уредничката во „Вог“, Ана Винтоур, која го инспирираше главниот карактер во филмот „Ѓаволот носи ’Прада’“: „Мора нешто да се менува во облеката, која едвај одговара и на 13-годишно девојче“, додаде уредничката.

Како и да е, и покрај трендот, познавачите сметаат дека главната модна елита е далеку од менување на својот ум кога станува збор за поголеми модели. А знаете зошто? Затоа што облеката не изгледа толку добро на големи луѓе, сметаат познавачите. Којзнае, на крајот, сепак, се' може да се сведе на неодамнешната изјава на индискиот дизајнер Шантану Мехра: „Ако го имате вистинскиот модел, величината не е важна“.


Лиле Корубин

„Кај нас не постои супер модерна облека за жени со поголем број“


Ненад Секирарски

„Просечен конфекциски број во мојата работа е 42-44“



Росица Мршиќ

„Искуството во светски рамки покажува дека креаторите тргнуваат првенствено од сопствените потреби и побуди“



Бојана Неткова

„Секој може да се облекува модерно, без разлика дали е слаб, дебел, пополнет или нормален“


Билјана Каран

„Не може сите да изгледаат како манекенки!“


#