Идниот амбасадор во Турција со скандалозно експозе

За Бучковски, испраќањето на Тасковски е срам
за земјава и навреда за Турција

Тамара Грнчароска


Mакедонија го допре дното во надворешната политика со именување на Горан Тасковски за амбасадор во Турција и најдобро е тој да се повлече пред да и' се нанесе штета на земјата со неговото испраќање, реагираа претставниците на СДСМ во собраниската Комисија за надворешна политика откако го ислушаа скандалозното експозе на новоименуваниот амбасадор во Анкара. Тасковски, кој од својата 25-минутна презентација, десетина минути посвети на опишување на своето патување во Турција за да ја запознае земјата каде што ќе амбасадорува, чувствата што го обзеле притоа, но и да се пофали дека тоа што тој е од Битола, која има специјално место во срцето на Турција, е предност за Македонија. Тасковски многу прозаично го опиша моментот кога го видел плацот каде што ќе се гради македонската амбасада во Анкара и каде што имало табла со натпис „сопственост на Р. Македонија“, на што тој бил горд. Потенцираше дека таму присуствувал на свечени ручеци и вечери, но и дека учел турски. Тасковски на оваа позиција доаѓа од функцијата директор на поштата во Битола и беше еден од оние што мораа да враќаат функции од ВМРО-ДПМНЕ откако го побара тоа Антикорупциската комисија.

Владо Бучковски го нарече срамно именувањето на Тасковски и побара тој да се повлече од позицијата како преголем залак за него и да си ги задржи политичките амбиции на локално ниво. Според Бучковски, во случајот не се виновни поединците, туку политиката на власта, која никаде во „преродбата“ не напишала дека вака ќе ја партизира дипломатијата. Игор Ивановски реагираше уште поостро, велејќи дека со испраќање на Тасковски во Анкара ја навредуваме Турција, која спаѓа во првиот круг земји за Македонија. „Помисливме дека сме во реално шоу и не сакав да поверувам дека тој сериозно го мисли тоа што го зборува“, коментираше тој, според кого неподготвеноста на Тасковски ја надминала и онаа на Треневски. „Со кој акал министерот го одобрил ова“, запраша Ивановски, кој, исто така, побара Тасковски да се повлече пред да и' нанесе штета на земјава како амбасадор. Според него, власта нема кадри штом го испраќа него за амбасадор. За Ивановски тезите на Тасковски се како расказ од прво одделение во стилот: „бело теле, бела крава, бело млеко дава“.

Пред Комисијата вчера својата теза како иден амбасадор во Бугарија ја бранеше и Благој Ханџиски, според кого со земјите со кои немаме отворени големи политички прашања приоритет е економијата. По опширниот приказ на општественото-политичко уредување во Бугарија, Ханџиски ги наведе работите за кои ќе се залага како амбасадор и тоа: информирање на бугарските институции и јавноста за пријателските чувства на граѓаните на Македонија, решавање на статусот на македонското малцинство според меѓународните конвенции, како и потпишување на Договорот за добрососедство како еден избалансиран меѓудржавен акт со кој некои отворени прашања меѓу двете земји ќе станат ирелевантни.

Коментарот на Бучковски за експозето на Ханџиски беше повеќе од персонална отколку од професионална природа, наведувајќи дека го почитува како амбасадор, но не разбира како прифатил да биде амбасадор на оваа влада и политика. Ивановски пак оценувајќи го Ханџиски како еден од луѓето кои придонесоа за спроведување на ригидната надворешна и внатрешна политика на Груевски додека беше амбасадор во Атина, запраша дали тој сега истото ќе го прави и во Софија,т.е. да ги влоши односите место да ги унапредува. Според Ивановски, изјавата на Ханџиски дека Бугарија нема да ја помага интеграцијата на земјава во НАТО и ЕУ наместо да ги приближи земјите, става нови сопки пред тој и да замине во Софија.


#