Зелениот картон ќе поевтини, ама наесен

Од Владата велат дека летово ќе прават анализи, па ако има простор, тогаш ќе се намали цената на осигурувањето

Соња Маџовска


И ова лето, дефинитивно, ќе одиме на одмор со скап зелен картон, ама, според најавите од Владата, постојат шанси тој да поевтини наесен. Владата прави анализи, поевтинувањето на зелениот картон е влезено во третата фаза од регулаторната гилотина, но тоа дури да се реализира отиде летото.

Ова прашање, кое Министерството за финансии го разгледуваше повеќе од една година и не успеа да донесе одлука, сега е во рацете на вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски. Според него, намалувањето на дополнителното осигурување не се очекува да се заврши летово, туку наесен, кога ќе се знае дали ќе има поевтинување врз основа на тоа што ќе покажат бројките.

„Во рамките на третата фаза од регулаторната гилотина е и прашањето за зелениот картон. Тоа е барање на бизнисот. Откако ќе ги видиме бројките, за тоа колку е наплатена премија, а колку е исплатена штета, како и тоа колку возила патуваат во странство, ќе донесеме одлука. Анализите на Министерството за финансии покажале дека сегашните цени на зелениот картон се добри. Ништо не кажувам однапред, додека не ги видам конкретно бројките. Ако постои простор, реално врз основа на анализите, ќе има намалување на зелениот картон “, вели Пешевски.

Осигурителните компании не се многу задоволни од оваа мерка за евентуално намалување на цената на зелениот картон. Очигледно е дека осигурителниот бизнис си ги штити своите интереси.

Тие упорно опстојуваат на тврдењето дека се наплатуваат високи цени на зелениот картон поради големиот број нерегистрирани возила, над 30 проценти, и на тоа што мал број автомобили патуваат надвор од земјава. За нив најголем проблем се транспортерите. Од осигурителните компании велат дека анализите што ги испратиле до Националното биро за осигурување имаат негативни резултати, во однос на тоа колку исплатуваат за штети, а колку од тоа им покрива наплатата од премиите.

Сепак, тие сметаат дека не е така лоша идејата ако се оди на варијантата сите при регистрација на возилата да плаќаат плус 10 евра, односно тие се согласуваат да дојде до спојување на зелениот картон со премијата од автоодговорност. Тогаш сите граѓани при регистрацијата на своите автомобили ќе треба да плаќаат плус десет евра и ќе можат да излегуваат од земјава колку пати сакаат во текот на годината, но ќе мора да платат и оние што воопшто не патуваат во странство.

Вакво решение имаат речиси сите земји во соседството, освен во Албанија, Турција и Македонија. Додека кај останатите годишниот зелен картон е околу 10 евра, македонските граѓани за зелен картон со важење од еден месец плаќаат 2.450 денари, за три месеци 3.670, за половина година 5.500 денари и за цела година 9.760 денари.

Според информации од Националното биро за осигурување, годишно во просек се издаваат по 100 илјади зелени картони.


#