09.02.2012, 17:12

На продажба се само АБ телевизија и „Вечер“

Сопственикот на Европскиот универзитет, Бојо Андрески тврди дека не пропаднал туку ќе го ширел бизнисот и во Оксфорд

Жаклина Хаџи-Зафирова


Бизнисменот Бојо Андрески ги продава АБ телевизија и весникот „Вечер“ за добра цена, а за зградата на Европскиот универзитет, чиј сопственик е, планирал да ја урне, а не да ја пренамени во хотел, како што првично најавуваше. Тој демантира дека се сели во Чикаго и тврди дека професорите и студентите на Европскиот универзитет не треба да се плашат дека ќе останат без работа и без дипломи. Андрески вчера на прес-конференција тврдеше дека не банкротира, туку дека го проширува својот бизнис со Универзитетот во Чикаго, Лондон и во Оксфорд.

Сепак, Андрески пред извесно време, во изјава за нашиот весник, изјави дека се соочува со финансиски тешкотии со Универзитетот. Поради тоа, најави дека е можно дел од објектот да пренамени во хотел за да има и други приходи и редовен прилив на пари за Универзитетот.

Андрески вели дека му е нанесена огромна штета со шпекулациите за затворање на Универзитетот, и тоа не само нему, туку и на неговите бизниси и на вработените во неговите фирми во земјава и надвор од неа. Тој вчера ги прозиваше професорите на Европски да станат и да кажат кој е незадоволен од условите во кои работат.

„Како може да банкротирам? Ниту еден професор не дошол кај мене да каже дека нема плата. Вложувам многу поголеми пари во државата и надвор од неа, каде што имам и други фирми. Вложувам да ја промовирам и нашата држава која ја сакам повеќе од себеси. И ако Бојо банкротира со толкави огромни средства колку што ги вложувам, дај боже сите да банкротираат како мене. Тогаш сите ќе бидат богати“, рече Андрески на вчерашната прес-конференција, на која презентираше каде ќе го проширува бизнисот во странство. Тој ги уверува студентите дека не е можно да останат без дипломи, туку намерата им е студентите да имаат можност да добијат дупли дипломи, и овде и во странство.

Андрески кажа дека при крај е постапката со купување зграда во Чикаго, каде што ќе се прошири Европскиот универзитет. Тој се надева дека ќе успеат зградата да ја средат пред претстојниот самит на НАТО каде што очекува да го посети и македонската делегација која ќе учествува на самитот. Најави и проширување на бизнисот во Лондон и во Оксфорд, каде што, исто така, ќе има посебни објекти.

Сепак, се' уште не е јасно што планира Андрески да прави со постојната зграда на Европскиот универзитет. Порано тој признаваше дека се соочува со тешкотии во работењето поради помалиот број студенти (кој вели дека од неколку илјади сега паднал на 1.500). Тој вели дека сега се испитуваат опциите за уривање на зградата, која, како што кажа, сакал да ја направи поубава, но не кажа каква ќе и' биде намената. Само додаде дека, во меѓувреме, додека се гради зградата, кадарот ќе може да се префрли во објектот во Ченто, каде што сега е лоцирана АБ телевизија.

Нигерски студенти на Европски универзитет

Менаџментот на Европски универзитет најави дека се во финална фаза договорите студенти од Нигерија да студираат кај нас. „Се работи за стипендисти на нигериската влада кои имаат обезбедено работа по враќањето во својата земја“, велат од менаџментот на Универзитетот. Според нив, овие средношколци, кои имале високи резултати, наскоро ќе почнат да го учат македонскиот јазик.