Додека му подготват пријава, Беќир Асани ја напушти земјава

Ранетиот во изборниот инцидент во Чаир го продолжува лекувањето во Турција

Многу контроверзии предизвика 23-годишниот Беќир Асани, активист на ДУИ, кој во неделата беше ранет во изборната престрелка во Чаир, откако ја напушти државата за да се лекува во Турција. Асани успеа без проблеми да излезе од земјава, иако, според најавите на МВР, тој требаше да биде под кривичен прогон поради учество во неделната престрелка, што значи дека скопјанецот не смеел да излегува надвор од Македонија. Полицијата, судството и Обвинителството имаат различни гледишта на случајот. Додека првите велат дека кривичната пријава ќе биде поднесена во секој момент, другите две институции тврдат дека Асани воопшто не е предмет на кривичен прогон.

„Кривичната пријава против Беќир Асани формално не е поднесена и МВР не се откажува од неа. Истражниот судија и заменикот-обвинител разговараа и со него и со другиот учесник во престрелката и судбината на случајот е во нивни раце“, вели Иво Котевски од МВР.

За разлика од полицијата, Седат Реџепагиќ, кој е портпарол на Основниот суд Скопје 1, тврди дека во судот воопшто нема заведено судска постапка против Асани, така што судијата воопшто и не бил консултиран дали тој да биде пуштен на лекување во странство.

Речиси идентични се зборовите и на Обвинителството.

„Пријава за настанот има, но против Беќир Асани не се води никаква постапка. Кривична пријава има само против Бушат Асани, кој учествувал во инцидентот и тоа за кривично дело спречување службени лица во вршење должност“, вели Стерјо Зиков од скопското Обвинителство. Бушат Асани беше приведен веднаш по пукањето во Чаир, по што истражен судија му одреди и еден месец притвор.

Инцидентот се случи во дворот од ОУ „Даме Груев“ кога се случила престрелка меѓу активистот на ДУИ, Беќир Асани, и активистот на ДПА, Бушат Асани. Беќир Асани беше ранет во стомакот и со тешки повреди беше префрлен во Градската болница. Директорот на Градска, д-р Виктор Камиловски, вчера за „Утрински“ потврди дека Асани завчера бил пуштен од болницата по барање на неговите роднини. Камиловски тврди дека за пуштањето на Асани го известил и истражниот судија, кој го води случајот.

Министерството за здравство, вчера со допис реагираше дека не дало никаква препорака за Асани да се лекува во странство. Тие тврдат дека во Градската болница бил извршен успешен оперативен зафат врз него и немало потреба од дополнителни интервенции во странство.

„Исклучиво по барање на семејството на Асани, тој е префрлен на лекување во болница во Турција и од нивна страна ќе бидат покриени сите трошоците за неговото натамошно лекување“, велат од Мнистерството.

Во неделниот инцидент беа повредени уште петмина случајни минувачи, кои се надвор од животна опасност. При обидот да се интервенира, беше нападнат и еден полицаец, а беше пукано и врз полициско возило. Неколку часа по инцидентот, МВР најави кривични пријава и за Бушат и за Беќир Асани. (Г.А.)