Се сушат палмите крај Вардар

Градските власти се надеваат дека дрвјата ќе издржат барем до крајот на летната сезона

Деспина Трајковска



Палмите на градската плажа „Камен мост“ издржаа едвај еден месец и очигледно им нема спас за враќање во живот. И лаик ќе забележи дека 15 тропски растенија засадени покрај новата плажа од ден на ден го губат својот изглед. Со голо око е видливо сушењето на гранките, а, дефинитивно, нешто им се случува и на стеблата, кои наместа потемнуваат. Некои палми, пак, веќе се со овенати и пожолтени гранки.

Градските власти не признаваат дека егзотичните дрва, кои ги одбра токму градоначалникот Коце Трајановски оти асоцирале на море и на плажа, се сушат. Не даваат директен одговор дали побарале итна интервенција од ЈП „Паркови и зеленило“ за да ги спасат палмите ниту, пак, кажуваат дали вршат редовни контроли на зеленилото на плажата. Единствено, велат дека екипите на „Паркови и зеленило“ ги преземаат сите мерки за заштита на палмите.

„Очекуваме дека овие прекрасни медитерански растенија ќе ја красат плажата до крајот на летната сезона, по што ќе бидат оставени во посебни депоа до следната сезона“, одговараат градските власти.

Со оглед на сегашната состојба со палмите, неизвесно е дали тие воопшто и ќе го дочекаат крајот на сезоната, во што од Градот, сепак, се надеваат.

Неофицијално, пред десетина дена надлежните алармирале дека на тропските растенија итно им треба помош. Но, им немало спас со оглед на локацијата и составот на земјата во која се засадени. Особено проблематично е тоа што се поставени плитко во бетонски жардиниери.

Од ЈП „Паркови и зеленило“ не сакаат да коментираат ништо во врска со палмите. Единствено, потврдуваат дека тие се задолжени за нивно одржување, дека редовно ги поткаструваат и полеваат. Признаваат дека од Градот никој не ги консултирал пред да одлучат да засадат таков вид растенија покрај Камен мост, а потоа им ги префрлил како обврска за одржување.

Токму поткаструвањето и полевањето, како што посочуваат од Шумарски факултет е и единственото нешто што може да се направи за палмите да преживеат барем уште некое време.

„Им нема спас, единствено, со полевање и поткастрување можат да се одржуваат во живот извесен период, но наскоро ќе им дојде крајот. Ќе дојде ден кога целосно ќе пожолтат и ќе свиснат, оти, дефинитивно, за тој вид растение Скопје нема погодна клима“, вели еден шумарски инженер.

Тој потенцира дека е точен фактот дека таков вид палми успеваат во Македонија, но во Гевгелија, Струмица и Охрид, меѓутоа, таму климата е поразлична од скопската. „Не ме чуди што палмите веќе по еден месец почнаа да се сушат. Силниот ветер и наглите температурни разлики се главната причина за тоа, а колку што можам да забележам и големината и видот на жардиниерите во кои се засадени има големо влијание што изумираат палмите, што не е толку изразено кај палмите засадени на ланската плажа“, дополнува професорот, кој потенцира дека можеби и палмите во Центар би преживеале, но под услов да се засадени во соодветна земја и размери.

Инаку, за палмите покрај плажата „Камен мост“ градските власти неофицијално платиле околу 22.500 евра.


#