Директорите се спасија од кривични пријави за компјутерите

Највисоката казна што ќе мора да ја плати училиштето за некористење компјутери е три илјади евра

Жаклина Ѓорѓевиќ


Шеестината кривични пријави што беа поднесени против директори на училишта поради огромните штети и кражби на компјутери се повлечени. Директорот на Државниот просветен инспекторат, Џорџе Арсов, вели дека со разни образложенија судовите ги отфрлиле кривичните пријави за директорите. Но, тие сега се соочуваат со мандатни казни за некористење на училишните компјутери, што според Арсов ќе им бидат изрекувани на директорите на самото место. Просветните инспектори моментно ги чешлаат училиштата и проверуваат дали се користат компјутери во наставата. Од она што инспекторите успеале да го проверат, се тврди дека компјутерите што беа донирани како дел од проектот „Компјутер за секое дете“ се користат во барем шеесетина од вкупно 94 средни училишта.

„Во почетокот имавме четириесетина пријави за директори на училишта каде што имаше големи штети на компјутери. Оваа бројка подоцна порасна на шеесетина, но сите тие беа отфрлени од судовите. Во минатото имаше многу лоша практика од децата да се земаат по 500 денари за да се надоместат штетите и да се санираат компјутерите. Што значи дека неработењето на директорот треба да го покријат учениците, а тоа нема логика“, ни изјави Арсов, кој смета дека целата одговорност за компјутерите треба да ја понесат директорите. „И тогаш и сега сметам дека одговорноста за компјутерите е на директорите. Искуството покажа дека навистина е така. Значи, таму кај што директорот е домаќин и ја знае работата, нема проблем, но таму кај што му е натурено и залутал на местото директор, има проблем“ нагласува Арсов.

Инспекторите досега ги проверуваа средните училишта за тоа дали донираните компјутери се во функција. Нивната анализа покажала дека во повеќето училишта компјутерите се употребуваат во настава, во десетина треба да се интервенира и да се подобри квалитетот на Интернетот или да се дополнат со компјутери, додека во исто толку компјутерите не се во функција од разни причини. Ваков е случајот со неколку средни училишта во Скопје, Гостивар, Тетово, Струга и Охрид. Во наредниот период ќе се скенираат и основните училишта.

Главниот инспектор Арсов тврди дека сега казните за некористење на училишните компјутери ќе бидат мандатни и на самото место ќе им се изрекуваат на директорите. Највисоката казна што ќе мора да ја плати училиштето е три илјади евра, а илјада евра ќе заработи наставник што нема електронски да ја реализира наставата.

Во средното училиште „Јосип Броз Тито“, кое беше посочено од Арсов дека имало милионски суми на штети, велат дека штетата е делумно санирана. Според извештаите што ги објавија медиумите за лани, ова средно училиште важи за рекордер според штетите на компјутерите, што се проценети на 2,5 милиони денари.

„Штетата ја саниравме со наши средства и со спонзорства, но не со пари од учениците“, тврди директорката Снежана Мироновска. Таа вели дека сега се води поголема грижа за компјутерите, кои од годинава ги осигурале.

Надоместени се штетите и во средното училиште „Цветан Димов“, каде што, исто така, биле украдени делови од компјутерите.


#