Си велам

Имаме ли претседател

Ерол Ризаов

Ѓорге Иванов се откажа од позицијата претседател на сите граѓани

Претседателот Ѓорге Иванов успешно ја одработува својата мисија да докаже дека на Македонија не и' треба шеф на државата.

Ако внимателно го слушате премиерот Никола Груевски и ги следите неговите изјави, мошне лесно ќе откриете дека претседателот не ни соопштува ништо поразлично. Тоа е конечниот производ на партиското единство меѓу извршната, законодавната, судската власт и институцијата претседател на државата. Кога сите овие четири власти што ги сочинуваат главните конститутивни столбови на државата мислат, зборуваат и одлучуваат исто во меѓусебен договор и координација, тоа во Македонија се вика обединување. А во демократскиот свет тоа се вика едноумие. Македонија влегува во зенитот на политичка криза поради целосно запрениот развој на демократските процеси во изминатите четири години. Нашата демократија е формална. Лажната слика дека има некаков плурализам се создава од неколкуте медиуми и невладини организации кои се' уште ги согледуваат злоупотребите и грешките на власта. Сите тие од поодамна се прогласени за предавници и непријатели. Изложени се на жесток економски, политички и полициски притисок.

Привид создава и парламентот каде што нема ни милиметар измена на волјата на извршната власт иако опозицијата внесува нови елементи на политичка и демократска борба, исмевајќи ги грешките на Владата. А организира и големи митинзи и маршеви. Волшебните зборови единство и обединување прават чуда на политичката сцена во руралните и незрели демократии, затварајќи ги вратите на различното мислење.

Во еден ваков амбиент, претседателот на државата, Ѓорге Иванов, прв ни ја честита Новата 2011 година во традиционалното новогодишно обраќање. Тој самиот ја омаловажи и деградира институцијата претседател на државата, преселувајќи ја во помошен извршен орган на Владата под нивото на министер без портфељ. Ѓорге Иванов, дефинитивно, се откажа од уставната позиција да биде претседател на сите граѓани на Македонија. Тој ја избра заветрината на ВМРО-ДПМНЕ. Таму се чувствува најкомотно и најбезбедно. Претседателот на Република Македонија не се изјаснува за најкрупните прашања што го потресуваат општеството иако тоа му е должност и работна обврска. А за она што се изјаснува редовно по својот став оди во Владата кај премиерот Никола Груевски. Тоа е единство и обединување.

Тоа во дневнополитичката практика на власта изгледа вака: и претседателот и премиерот се истомисленици дека Македонија постигнува извонредни резултати во економските и во политичките реформи. Успешно се одвиваат евроатлантските интеграции на Македонија. Нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО. Прифаќаме заемно компромисно решение со Грција. Не прифаќаме промена на името што засега во македонскиот идентитет, во македонскиот јазик и во Уставот на Македонија. Сите обврски да ги почнеме преговорите со ЕУ и да станеме членка на НАТО се завршени. Се' што е до нас е готово и стокмено. Само Грција и грчките политичари не' кочат. Во тоа им помага домашната петта колона. Странците и големите сили ги подмитува Грција и затоа не ни се наклонети. Додека Иванов и Груевски се претседател и премиер на Македонија, ќе го зачуваме националниот идентитет и јазикот.

Ако ова се преведе на обичен разбирлив македонски јазик, тогаш станува многу појасно дека економските и политичките реформи во Македонија воопшто не го подобрија стандардот на живеење на граѓаните во изминатите четири години. Тоа го потврдуваат и статистичките показатели, а уште посилно животот и нашето мачно секојдневје. Безработицата и сиромаштијата и натаму се најголеми во Македонија споредени со цела Европа. Тоа значи нема реформи. Или, во најмала рака, тие се неуспешни и не се однесуваат на квалитетот на животот на граѓаните. Како живеат граѓаните е основното мерило на успешноста во владеењето на една власт. Вистина е дека нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО, ама вистина е и тоа дека шест години сме кандидат за ЕУ без почнување преговори. Шест години стоиме во место. Вистина е дека Грција не' блокира. Но, не е вистина дека за нашата позиција во ЕУ и во НАТО се виновни само Грците и странците. Македонските позиции во преговорите секоја година се послаби и послаби и поради наши грешки. Вистина е и дека се' повеќе ги губиме пријателите и поддржувачите во светот по сопствена вина. Последни најилустративни примери за тоа беше настапот на Влатко Ѓочев во Европскиот парламент и неговите вчудовидувачки навреди на европскиот амбасадор во Македонија, Ерван Фуере. Уште попоучен беше јавниот настап на двајца осведочени македонски пријатели, Словенците Јелко Кацин и Звонко Талер. Засега и власта и нејзините медиумски чувари молчат за добронамерната лекција што ни ја одржаа нашите главни словенечки поддржувачи во Брисел. Јас црвенеев како и голем број граѓани на Македонија кога тие зборуваа одмерено со висока политичка култура за грешките на нашите политички лидери и водачи. Гледам претседателот на државата не го засега тоа. Тој и премиерот се убедени дека се безгрешни. Виновни се само Грците. Повремено, според дневните потреби, виновни се и Албанците, Бугарите, Србите.... Власите, Турците со векови, странците, домашните непријатели и опозицијата.

Треба да се обрне внимание во новогодишниот говор на претседателот Ѓорге Иванов не само тоа што го кажува, туку она што го премолчува, а треба да се подразбере. Кога претседателот Иванов вели дека македонскиот државен врв, како никогаш досега, има јасен став за интензивирање на македонско-грчкиот дијалог и трагање по заемно прифатливо компромисно решение, кое мора да биде во рамките на Резолуцијата 817 на ОН од 1993 година, тоа по нашки значи не прифаќаме промена на името на Р. Македонија само дома. А за целиот свет сме подготвени да го смениме името како ќе се договориме со Грците. Малку срамежливо и кришум, ама јасно за тие што знаат да читаат меѓу редови. Порано викавме Грција нека не' вика како што сака, ама целиот свет да не' вика Р. Македонија. Гледам, лека-полека, државниот ни врв го изедначува ставот за името на државата со непријателите и разните соросоиди. Ќе биде многу интересно кога целосно ќе се изедначат во ставовите за името.

Една мала сугестија до претседателот на државата, Иванов. Велите додека сте вие претседател нема да дозволите засегање во македонскиот национален идентитет и јазикот. Претседателе, низ целата повеќевековна историја имало долги периоди кога Македонија немала ниту држава, ниту претседатели, ниту премиери, ниту парламент, ниту цареви и кралеви, па никој не успеал да им го загрози идентитетот, јазикот и верата на Македонците. Народот знаел како се чува националното самочувство и јазикот. Бидете убедени дека тоа ќе го направи и сега со Вас или без Вас.


#