Разнишана довербата во денарот

Во странска валута се' повеќе се претвораат и денарските депозити што ги имаат граѓаните во банките

Соња Маџовска

Се' поголемиот страв од девалвација ги тера граѓаните да ги претвораат денарите во девизи. Бројките покажуваат дека дел од денарските штедни влогови на граѓаните се претвораат во евра и се чуваат во банка во форма на цврста странска валута, додека дел од овие пари се повлекуваат од банките и со нив се купуваат евра во менувачниците, кои потоа се чуваат дома.

Експертите сметаат дека она што досега Македонија успевала во сите кризни времиња да го одржи, а тоа е макроекономската стабилност, сега се разнишува. Тие предупредуваат дека најстрашното нешто што може да се случи е девалвација, бидејќи тоа ќе удри по џебот на најсиромашните. Единствено корист можат да имаат големите извозници, бидејќи ќе добиваат повеќе девизи за своите извозни артикли.

Вицепремиерот за економски прашања, Зоран Ставрески, само пред неколку дена изјави дека нема да има девалвација во Македонија и дека има доволно девизни резерви, но тоа не ги смири граѓаните.

Последните објавени податоци на Народна банка на Македонија за јануари се алармантни и велат дека значително била зголемена побарувачката за девизи. Таа во јануари годинава пораснала за речиси 50 отсто. Се топат и девизните резерви.

Поранешниот министер за финансии, Никола Поповски, смета дека стравот од девалвација, кој е проширен и меѓу населението и меѓу деловниот свет, не е неоснован. „Тоа создава притисок луѓето да ги заменуваат своите денарски депозити во девизни. Стравот не е неоснован, бидејќи подолг период македонската економија покажува знаци на исклучително болна состојба. Имено, високиот буџетски дефицит и ниските даночни приходи моментно, како и растечките дефицити на трговскиот биланс и тековната сметка на државата се во насока на ослабување на фиксниот курс на денарот во однос на еврото. Доколку овие трендови продолжат на ист начин до крајот на годинава, сегашниот психолошки страв ќе се претвори во реален и денарот нема да може да ја задржи својата стабилност. Особено е важно да се види каков ќе биде трендот на нивото на девизните резерви во државата. Доколку девизните резерви и оваа година се намалат за 300-400 милиони, евра како и минатата година, тогаш последиците ќе бидат неизбежни“, вели Поповски.

Според изјавите на сопствениците на неколку менувачници, овој тренд кога сите бараат да купат, а никој не продава евра, особено е изразен во последнава недела. Едно евро се продава по 61,8 денари, а се откупува по 61,5 денари. Овој курс важи и во банките.

Во странска валута се' повеќе се претвораат и денарските депозити што ги имаат граѓаните во банките. И овој тренд потврдува дека вербата на граѓаните во денарот е разнишана. Тие во јануари ги префрлале своите денарски влогови во девизни, иако за нив добиваат двојно помали камати. Според податоците на Народна банка на Македонија, денарското штедење во јануари падна за 3,5 отсто, а заштедите во евра пораснаа за 1,9 отсто. Во бројки, денарските депозити во јануари во однос на декември лани се намалиле за 53 милиони евра. Девизните депозити, пак, покажале пораст за 26 милиони евра, што претпоставува дека овие пари биле заштеда во денари, но се претвориле во девизи и пак се вратиле во банките.

Вкупниот обем на депозитите во банките, пак, во јануари во споредба со декември, се намалил за 27 милиони евра. За овие средства може да се даде претпоставка дека граѓаните ги извадиле од банките и ги чуваат дома во девизи.

Вкупните депозити на граѓаните и на компаниите во македонските банки и штедилници заклучно со јануари изнесува 2,8 милијарди евра.

Од Комерцијална банка велат дека во последниве два-три месеци клиентите се' повеќе се интересираат за тоа дали има опасност од девалвација и што да прават со заштедите. „Се зголеми интензитетот на контакти на штедачите со нашата банка, со цел правилно и навремено да се информираат за случувањата во македонската економија, а како резултат на информациите што се пласираат во јавноста околу можната промена на девизниот курс и случувањата во светската економија. Притоа, не се забележува значителна активност од нивна страна во правец на претворање на денарските депозити во девизи“, велат од Комерцијална банка.