27.09.2012, 18:15

Иванов бара достоинствено именување на Македонија

Шефот на македонската држава, во својот говор на Ист ривер, им се заблагодари на сите 134 земји што ја признаа Македонија под уставното име

Слободанка Јовановска

Претседателот Ѓорге Иванов побара индиректно од Генерално собрание на ОН да го актуализира статусот на македонското малцинство во Грција, а Атина да престане да го спори и место тоа, да му обезбеди право да се декларира како македонско. Исто така, тој побара од генералниот секретар, Бан Ки-мун, да го употреби својот авторитет за да се деблокираат преговорите за спорот за името во ОН, а како политичко мото Иванов порача дека денес во 21 век изгледа сосема апсурдно да се биде именуван „бивша нација“ или „бивша колонија“.

„Во име на дигнитетот на мојот народ, ја користам оваа можност јавно да им се заблагодарам на сите 134 земји-членки на Обединетите нации кои го признаа уставното име на мојата држава, а тоа е Република Македонија. И да упатам апел до сите вас: обраќајте ни се од аспект на иднината!

Владеењето на правото и човековите права се базични принципи и со нив не може да се прави компромис. Должност на Обединетите нации, и на сите нас, е да не дозволиме да се прави компромис со владеењето на правото и со човековите права. Затоа, побарав од генералниот секретар повторно да се актуализира извештајот на независниот експерт за малцински прашања, госпоѓата Геј Мек Дугал“, изјави Иванов на говорницата.

„Да ве потсетам на препораката од извештајот дека владата на нашиот јужен сосед треба да се повлече од спорењето околу тоа дали има македонско малцинство и целосно да се фокусира на заштитата на правото на самоидентификација, слобода на изразувањето и слобода на здружувањето на таа заедница. Во препораката се повикува нашиот сосед да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права. Пресуди според кои на здружението треба да му биде дозволено да го користи зборот македонски во своето име и слободно да го изразува својот етнички идентитет“, потсети Иванов.

Откако соопшти дека барал од генералниот секретар да го вложи својот авторитет и да се ангажира за да се деблокираат разговорите што се водат под негово покровителство, а се однесуваат на разликата околу името, тој додаде: „Почитувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата ќе значи почитување на меѓународното право и владеење на правото во практика. Верувам во процесот. Верувам дека процесот може да доведе до решение. Но, не можеме да чекаме уште 19 години за да се оствари тоа.

Целосно се согласувам со кажаното од претседателот на САД, Барак Обама, пред неколку дена, од оваа говорница: ’Веруваме дека слободата и самоопределувањето не се уникатни за една култура. Тие не се само американски вредности или западни вредности. Тие се универзални вредности‘.

Во минатото на ОН им се случувало на некои земји да добијат дополнителни услови, но советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 1948 година кажа дека тоа не е исправно. Освен во нашиот случај, досега не се случило некој некому да му ја оспори слободата на самоидентификација. Македонија треба да го добие она што и' припаѓа. Скратувајќи и' го тоа на Македонија, и' се скратува правото да биде еднаква и рамноправна со сите земји-членки.

Тука разговараме и за меѓународното право. Зборуваме за владеењето на правото. Еве ја пресудата на Меѓународниот суд на правдата донесена пред 10 месеци во корист на Република Македонија. Бараме оваа пресуда, донесена од орган на Обединетите нации, да се почитува. Ова го бараме зашто дури и на оваа говорница се случувало да не' спречуваат да го користиме нашето име. Меѓународниот суд на правдата со член 95 од пресудата експлицитно утврди: Македонија има право себеси да се именува како Република Македонија во нејзините односи со другата страна и во рамките на меѓународните организации.

Поаѓајќи од духот на добрососедските односи и силната определба за надминување и решавање на отворените прашања, ја користам оваа можност да го повикам нашиот сосед, заеднички да работиме во таа насока. Од ова место, од срцето на ОН, ги повикувам да ја почитуваат пресудата на Меѓународниот суд на правдата и да ги почитуваат меѓународно преземените обврски“, рече Иванов во говорот.

По обраќањето во ОН, Иванов имаше договорено средба и со медијаторот Метју Нимиц.