Топ 9 македонски милионери

Овие луѓе или се директори на најголеми фирми или поседуваат најголем број акции

Соња Маџовска
Маја Томиќ

Кој се вбројува меѓу најголемите македонски милионери? Колку тежат и каде ги чуваат парите? Најбогатите најчесто одбиваат да зборуваат за своите милиони. Сопствениците во компаниите не сакаат јавно да коментираат за своите милионски заработувачки, за разлика од светските богаташи, кои се тркаат да излезат што погоре на ранг-листите на „Форбс“.

Листата што ја направи „Утрински весник“ вбројува само девет македонски милионери, за кои можевме да најдеме податоци. Најбогатите бизнисмени можеби не се на неа, како што се Ристо Гуштеров, Зоран Зелениковски, Трифун Костовски, бидејќи за нив тешко може да се соберат податоци со оглед на тоа што дел од капиталот им е надвор од земјава.



Минчо Јорданов

Најбогат човек во Македонија моментално е Минчо Јорданов, убедени се познавачите на состојбите на нашиот пазар на капитал. Според официјалните податоци, познато е дека неговата самостојна бизнис-кариера започнала во 1992 година кога бил ангажиран во фирмата „Дуферко“ С.А. од Лугано, компанија од челичниот сектор. Од 1994 година, Јорданов е член на Бордот на директор и одговорен за земјите на поранешниот Советски Сојуз, а од 1997 година е претседател на Управниот одбор на „Макстил“ АД Скопје и член на Бордот на „Дуферко“.

Тој поседува и дел од капиталот на градежната компанија „Бетон“, во која „Репро уан лимитед“ има 23,22 отсто од акциите. Според Централниот депозитар, Јорданов преку своето капитално учество во „Макстил“, „Репро уан лимитед“ или лично е сопственик и на дел од капиталот од други фирми. Јорданов е сопственик на 21,3 од акциите и во РЖ „Интер трансшпед“, „Макстил“, пак, поседува 21,37 отсто од акциите на РЖ „Економика“, додека „Репро уан лимитед“ поседува 80,96 во РЖ КПОР. Неговото семејство се јавува и како сопственик на клиниката „Ремедика“ и на дневниот весник „Нова Македонија“. Јорданов неодамна ја отвори и винарниицата „Стоби“ во која инвестираше 20 милиони евра.


Штерјо Наков

Втор на листата е бизнисменот Штерјо Наков. Тој и неговото семејство поседуваат шпедитерска компанија, брокерска куќа, винарска визба и повеќе хотели.

Во шпедицијата „Фершпед“ доминантни акционери се синовите, Драган Наков има 11,83 отсто од обичните акции, а неговиот брат Сашо Наков има 11,04 отсто од обичните акции на „Фершпед“.

Со вкрстување на податоците од Македонската берза и од Централниот депозитра, моменталната вредност на акциите на Накови се проценува на 3,5 милиони евра.

Ова е само дел од она што ги прави Накови едни од побогатите луѓе во Македонија. „Фершпед“ поседува и брокерска куќа - „Фершпед брокер“, како и 96,69 отсто од винарската визба „Сковин“. Компанијата е доминантен сопственик и на хотелите „Александар палас“, „Фершпед Маврово“ и на охридските „Метропол“ и „Белви“. На лично име, или преку капитално учество на „Фершпед“ и фирмите во кои компанијата е мнозински сопственик, Штерјо Наков поседува капитал уште во најмалку десетина компании. Неофицијално, Наков има капитал и во Солунското пристаниште и во дел од пристаништето во Драч.

Кочо Анѓушев

Кочо Анѓушев е еден од основачите на „Брако“ од Велес и има богато професионалното искуство во повеќе области.

Во 2003 година го основа друштвото за вработување на инвалидни лица за производство, трговија и услуги „Фероинвест“ ДОО експорт-импорт - Велес. Тоа е дел од конзорциумот што доби концесија за изградба на 21 мала хидроелектрана во Македонија. Во истата година „Фероинвест“ станува сопств��ник на 50 отсто од капиталот на компанијата „Брако“. Исто така, во 2003 година Анѓушев го основа претставништвото на швајцарската групација ЕФТ, а подоцна и фирмата „ЕФТ Македонија“, добива лиценца за трговија со електрична енергија. Како резултат на добиениот грант од Холандија од 1,5 милиони евра, во 2007 година е основана фирмата „Брако веигхпак“, чиј управител е Анѓушев. Фирмата претставува заедничко вложување меѓу „Брако“ и холандска компанија што се занимава со производство на метални делови.


Живко Мукаетов

Главниот менаџер на „Алкалоид“ е трет во списокот на најбогати Македонци. Живко Мукаетов поседува на свое лично име 6,58 отсто од вкупно издадените акции на компанијата. Кога тие ќе се помножат со вкупниот број обични акции и ќе се поделат со 100, а потоа ќе се помножат со просечната цена на една акција на Берзата, која изнесува 4.400 денари, или 71 евро, се добива сума од 6,7 милиони евра. Над 5 отсто во „Алкалоид“ поседува и лицето Биљана Јованова. Нејзините акции моментно на берзата вредат околу 5 милиони евра.



Шефки Идризи

За еден од најбогатите тетовци се смета семејството Идризи. Во 1992 година Шефки Идризи ја отвори фирмата „Ренова“ во село Џепчиште, Тетово, како трговско- услужна фирма. Бизнисот денес го водат браќата Шефки и Ќенан Идризи. „Ренова“ произведува ренофиџ-малтери. Со своите производи направи револуција на домашниот пазар, а се' поголемата побарувачка придонесе да никне и првиот производствен капацитет на готовите малтери. Во 1999 година „Ренова“ почнува да ја гради втората фабрика во „Гуреза–Косово“ со двапати поголем капацитет.

Во 2002 година фирмата го купи најголемиот рудник во регионот за бел вар „Нењ Лепенци“ во Качаник – Косово, а во 2004 година и рудникот и фабриката за производство на кварц и перлит во Битола. Во истата година „Ренова“ ја купува и најголемата фабрика во регионот за преработка на кожа и на крзно, како и 10 хектари земјиште во Албанија за третата фабрика за ренофиџ. Фирмата е генерален претставник на боите на „Карбон“ од Загреб.


Сашо Давитковски

Сашо Давитковски е првиот човек на „Скопски пазар“, но, всушност, овој синџир маркети е во рацете на семејството Давитковски. Тоа поседува најголем број акции во СП. На свое име Тодорка Давитковска има 13,12 отсто од вкупниот број обични акции, а синовите Сашо и Тошо имаат по 8,68 отсто, односно 6,56 проценти, според последните податоци на ЦДХВ. Заедно Давитковски поседуваат 28,36 отсто од акциите на компанијата, вредни, според актуелната просечна цена на Берзата, речиси 2 милиона евра.

Душко Туџаров

Групацијата „Реплек“ АД Скопје содржи повеќе фирми-ќерки во својата структура: „Реплек“ - веледрогерија, „Реплек-фарм“ фабрика за лекови и хемиски производи и „Реплек“ и „Хубо интернационал“ и ресторанот „Ден и ноќ“. Според податоците од Централниот депозитар, во „Реплек“ најголем акционер е компанијата „Хенделс“ со 20,24 отсто, но веднаш потоа следуваат Славица Туџарова-Трајковска со 11,57 отсто од акциите и Иван Туџаров со 11,32 отсто. Компанијата „Реплек“ поседува 9,95 отсто од акциите. Акциите на Туџарови вредат 4 милиони евра.

Кристина Тодоровиќ

Кристина Тодоровиќ е генералниот директор на синџирот „Тинекс“ и новиот синџир дрогерии „Космо“. „Тинекс“ маркети има 40-ина во 10 града во земјава. Кристина Тодоровиќ буквално ги држи сите конци во свои раце во однос на работењето на маркетите откако нејзиниот татко Владимир Тодоровиќ стана градоначалник на Општина Центар. „Тинекс“ е 100 проценти негова сопственост. „Тинекс“ годишно има обрт од околу 80 милиони евра, а дел од него се наменува за развој и проширување на бизнисот.

Благој Механџиски

Благој Механџиски е основач на „Зегин“, која е првата приватна компанија за продажба и производство на лекови во Македонија, регистрирана во 1989 година. Тој е сопственик на „Зегин фарм“ или мрежата на преку 70 аптеки во земјава, потоа на „Зегин медика“ – поликлиника за здравствена нега, како и „Зегин шпедиција“. Се' до 2006 година компанијата опстојува со 100 отсто учество од основачот, додека во 2006 година во компанијата влегува странски капитал со 50 отсто учество на странските партнери. Странскиот партнер е „Мајлстон“ од Исланд. Од 2007 година е сопственик на винарницата „Лозар“.


#