Грчките војници сопрени на Богородица ги разбрануваа страстите

Надлежните во НАТО утврдиле дека Грците не ја почитувале процедурата за влез во нашата држава
Тамара Грнчароска
Грчкиот контингент на војници во состав на КФОР, кој во вторникот не бил пропуштен од македонските погранични власти да влезе и транзитира низ Македонија, не поседувал целосна документација, е официјалното објаснување кое го даде вчера македонското Министерство за надворешни работи за овој инцидент.
„Согласно со договорот СОФА за движење на вакви воени контингенти, неопходен е патен налог од НАТО и документи за идентификација, при што од нашите надлежни органи е утврдено дека војниците поседувале национални патни налози, напишани на грчки, а списокот на луѓе и опрема не одговарал на фактичката состојба“, изјави портпаролот на МНР Васко Андоновски.
За настанот вчера реагираше и шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани, која изрази уверување дека Македонија без оглед на тоа што во тек е формирање влада, разбира колку е сериозно блокирањето на мировните сили, чие присуство е неопходно во Косово. „Верувам дека тоа прашање наскоро ќе биде решено“, изјавила Бакојани .
Контингентот составен од 124 војници и 26 возила не бил пропуштен на граничниот премин Богородица во вторникот наутро. Како што се дознава од извори од МВР, најпрвин на граничниот премин пристигнал автобус со 46 грчки војници од составот на КФОР, кои по проверката од македонските служби не поседувале валидна документација од НАТО. Кратко време по нив, на граничниот премин пристигнале 25 грчки воени возила со уште 78 војници, кои исто така немале соодветна патна документација.
Освен тоа, од 25 возила само 14 имале заверка дека може да транзитираат низ нашата земја. Додека македонските служби работеле на случајот и им укажале на Грците каква е процедурата и оти таа треба да се почитува, водачот на контингентот, како што дознаваме, почнал да ги навредува им да вика на македонските гранични службеници, по што донел одлука контингентот да се врати назад.
Непропуштањето на контингентот, кој од страна на Атина веднаш беше оценет како прекршување на НАТО-договорите и самоволие на нашата земја, според Андоновски, е очекувана работа со оглед на практиката на нашиот сосед постојано да се обидува да ја претставува нашата држава како страна која иницира проблеми, „па дури и во случаи кога реалноста и фактите го зборуваат спротивното“.
Како потврда на тоа доаѓа вчерашната изјава на Бакојани, која случајот со контингентот го искористи да упати критика на сметка на нашата земја како „држава во период на транзиција“. „Многу слабости се појавуваат и се предмет на строга процена на сите европски држави. Би било добро раководството во Скопје да разбере дека ќе биде потребно да вложи напори за да ги увери Европа и НАТО“, изјавила Бакојани.
Македонија, како што рече Андоновски, нема да чека Атина да го информира НАТО за ова. „Тоа веќе го стори висок претставник на нашето МНР, кој во Брисел разговараше за целиот случај и со надлежните во НАТО е утврдено дека станува збор за непочитување на процедурата за влез во нашата држава“, рече портпаролот на МНР, според кого за нас овој случај, кој не е случај, е завршен.
Андоновски информираше дека во тек е процедурата за комплетирање на документацијата за влез и транзит на грчкиот контингент на КФОР низ нашата држава. |