Јелко Кацин: Александар или ЕУ!

Слободанка Јовановска

Европарламентарецот Јелко Кацин предупреди дека Македонија не е далеку од политичка криза како онаа во Албанија и оти некој ќе треба да ни објасни дека, за еден ден да добиеме датум за преговори, ќе мора да го демонтираме џиновскиот споменик на Александар Македонски. Меѓу редови, тој, исто така, порачува дека не е политички коректно на држава што е во криза наместо да и' се помага, да и' се става прст в око.

„Поставувањето на споменикот среде Скопје е прст в око на соседна Грција, која деновиве е во најтешки политички и економски искушенија последните децении. Место одмерена државотворна политика во добрососедски дух и подадена рака, Владата на Македонија отворено и свесно провоцира на штета на сопствената евроинтеграција“, вели Кацин во изјавата за „Утрински весник“. Тој забележува дека Владата свесно ја прикажува Грција како најголем непријател наместо да овозможи во очите на граѓаните на Македонија да има статус на добар сосед и пријател.

„Таков популистички пристап политички ја убива Македонија, која не е далеку од политичка криза во каква што се најде Албанија. „Прст в око“ во превод предизвикува реакција „заб за заб“. А, никој не е толку мудар за да објасни дека споменикот што се поставува денес ќе мора да биде демонтиран и тргнат за Македонија некогаш да добие датум за преговори. Како ќе го преживее тоа оваа политичка гарнитура? Нема да го преживее. Какво непотребно трошење пари, политички капитал, потоа кредибилитетот на државата и угледот на политичката елита. „Се' во корист на сопствената штета е пораката што Скопје им ја упатува на своите соседи и на ЕУ деновиве“, тврди Кацин.

Јоргос Шацимаркакис со многу избран јазик вели дека Европа гарантира слобода на уметноста, но таа слобода не треба да се злоупотребува.

„Многу нации во светот го изложуваат грчкото културно наследство или повторно го градат. Една од најкопираните згради во светот е Партенон во Атина. Затоа Грците треба да бидат почестени што нивниот северен сосед инвестира огромни суми и уметничка креативност во прифаќањето на грчката култура. Поодговорните луѓе, сепак, треба да се свесни дека Грците може да се почувствуваат испровоцирани. Албанскиот дел од населението очигледно е загрижен од поставувањето на овој и на други споменици. ЕУ ја гарантира слободата на културата и уметноста, но нејзината злоупотреба треба да се избегне“, изјави Шацимаркакис за „Утрински“.

За бронзениот џин вознемирувачка оцена даде Томас Кантримен, заменик-помошник државен секретар на САД. Според него, САД продолжуваат да ги поддржуваат напорите на ОН и на Метју Нимиц за решавање на спорот, но постапки и изјави од која и да е страна што разгоруваат емоции не придонесуваат кон тоа. „Ги поттикнуваме владите во двете земји да покажат лидерство, а медиумите воздржаност“, рече Кантримен, според кого, потребни се директни, одмерени и со почитување преговори за да се дојде до решение од корист за „двата американски пријатела“, кое ќе и' овозможи на Македонија влез во НАТО и во ЕУ. На прашањето како поставувањето на споменикот ќе влијае на односите со Грција, неговиот одговор е - сериозно.

„Доколку имате сосед со кого имате спор од каква било природа и искрено сакате да го решите, тогаш избегнувате се' што тој би го сфатил како провокација. Логиката е едноставна. Очекувам владата во Скопје да избегнува работи што другата страна ги смета за провокации“, порача најдиректно Кантримен, со надеж дека ова не ја намалува решеноста на нашите политичари да го решат спорот со името. „Се надевам дека и луѓето во Грција нема емоционално да ги доживуваат овие прашања и оти ќе се фокусираат врз можностите за надминување на спорот“, додаде тој.






#