Овации за Тоше на „Сунчане скале“

Проески постхумно ја доби наградата за животно дело

Со силен аплауз, овации, на првата вечер на интернационалниот музички фестивал „Сунчане скале“ што се одржува на кулата Канли во Херцег Нови, беше поздравена одлуката наградата за животно дело годинава постхумно да ја добие трагично загинатиот македонски пејач Тоше Проески. Во отсуство на неговите најблиски, признанието го прими амбасадорот на Македонија во Црна Гора, Стефан Николовски.

- Замина млад, но остави многу зад себе, а присутните на кулата Канли се' уште се сеќаваат како ги разнежни со извонредните балади „Тајно моја“ и „Сонце во твоите руси коси“, истакнаа водителите на фестивалот додека во заднината одеше интерпретацијата на Тоше на антологиската тема „Зајди, зајди“.

Публиката го поздрави Тоше со долг аплауз, а директорот на фестивалот, Слободан Бучевац, уште еднаш потсети дека токму на „Сунчане скале“ уште во неговите почетоци умееле да го препознаат талентот на Тоше.

На завчерашната вечер во Херцег Нови беа доделени „Принчеви награди“ во 16 категории, а меѓу номинираните се наоѓаа и македонските пејачи Елена Ристеска, Тијана Дапчевиќ и Владо Јаневски, кои, за жал, не успеаја да триумфираат во своите категории.

Четиринаесеттото издание на „Сунчане скале“ помина во знакот на црногорскиот пејач Сергеј Ќетковиќ, кој освои награди за најдобар албум и за интерпретација, за група на годината беше прогласена „Ван Гог“, најуспешни дебитанти- „Бјути квинс“, Јелена Томашевиќ- најдобар фестивалски настап...

Вчера, според фестивалската програма, се одржа вечерта на Нови ѕвезди, а за вечерва е закажано финалето т.н. „Песна на летото“, на кое покрај Маја Оџаклиевска, групата „Луна“, „Бјути квинс“, Јелена Розга..., како единствен претставник од Македонија ќе настапи Маријан Стојановски, кој ќе ја изведе темата „Доцна е“ што ја напишаа Григор Копров, Огнен Неделковски и Владимир Дојчиновски.