25.01.2012, 18:42

Георгиев пријавил докторски труд, а ќе го оценуваат колеги од партијата?!

Потпретседателот на СДСМ пријавил докторат на Правниот факултет, а според неофицијални информации, во комисијата за оценка членува Ана Павловска-Данева

Еден од потпретседателите на СДСМ, Гордан Георгиев пријавил докторски труд на Правниот факултет, а според неофицијални информации, во комисијата за оценка на темата и кандидатот меѓу другите се наоѓа неговата партиска колешка, потпретседателката на СДСМ, Ана Павловска-Данева. Другите двајца номинирани членови се Борче Давитковски и Гордана Силјановска. В петок, Наставно-научниот совет треба да се изјасни околу составот на комисијата.

Георгиев потврди дека поднел тема за докторски труд, но дека не зависело од него кој ќе биде член на тричлената комисија која за трудот ќе треба да реферира пред Наставно-научниот совет на факултетот. Тој не е расположен да даде изјава на оваа тема и дали членувањето на неговата колешка, Павловска-Данева, од етичка гледна точка со коси со ангажманот во комисијата каде би требало да се оценува подобноста на темата и на кандидатот.

Од Правниот факултет демантираат дека се избрани членовите на комисијата. Деканот Борче Давитковски негира дека веќе се знаат имињата, кои, според него ќе се утврдуваат в петок, за кога е закажана седница на Наставно-научниот совет.

Ана Павловска-Данева вели дека нема добиено известување од Правниот факултет дека е член на комисијата која ќе одлучува во врска со предложената тема за докторски труд на Георгиев.

„Не знам дали сум член на рецезентската комисија за оценка на подобност на кандидатот, м-р Гордан Георгиев бидејќи таква одлука од мојот факултет немам добиено досега. За ова прашање одлучува Наставно-научниот совет на факултетот, кој, досега, колку што знам, не донел одлука дека сум член на ваква комисија“, коментира Павловска-Данева.

Таа вели дека е неизбежно да биде член на комисија ако се работи за пријавена докторска дисертација на скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ ако темата е од областа на јавната администрација од проста причина што само таа и деканот на Правниот факултет, Борче Давитковски се единствени професори по јавна администрација на факултетот и универзитетот. Тие, како што рече, се и единствените акредитирани ментори за оваа област од страна на Министерството за образование и наука.

„Оттука, кој било кандидат да пријави докторска дисертација од областа на јавната администрација на Правниот факултет Јустинијан први, нема други професори кои се експерти за оваа област. Од правна гледна точка, нема никаков судир или кршење на законот доколку Наставно-научниот совет на Правниот факултет донесе одлука дека јас треба да бидам член на таа комисија. А, ако ме прашувате за етички аспект, исто така, не постои никаква пречка луѓето со иста политичка идеологија да бидат професори, ментори и членови на комисии на канидати како што не постои пречка да бидам ментор и член на комисија, а сум била, и на истакнати партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ“ тврди Павловска-Данева. (П.Р.)