Лекции од гласањето во Грција

Од нашиот дописник
Миркица Поповиќ


Атина - Првото гласање на македонската дијаспора во Атина помина безболно, но отвори голема дебата за идното организирање избори за дијаспората. Без инциденти и проблеми, во мирни услови 16 од 18 пријавени македонски гласачи го скршија мразот за првото гласање за македонски парламентарни избори во Грција. Гласачкото место 5.014 во Атина од Изборната единица 7 беше регуларно отворено од 7 часот до 19 часот во саботата, 4 јуни, еден ден пред гласањето во Македонија. „Гласањето се одвиваше мирно, без никакви проблеми и инциденти. Одѕивот на гласачите е добар според Избирачкиот список. Пет минути пред затварање на гласачкото место во Атина, гласаа 16 македонски граѓани“, ни изјави Софија Петковска, претседателка на Избирачкиот одбор на изборното место 5.014 во Атина. Освен за македонските државјани, ова гласање беше прво прекугранично набљудувачко искуство и за членовите на Изборната комисија. Меѓутоа, како што не' информираа, пренесувањето на гласачкиот материјал како дипломатска пошта во Грција и надвор од неа поминало лесно, без никакви проблеми или попречувања. Гласањето помина и без негативни забелешки од набљудувачите на граѓанското здружение „Мост“.

Меѓу пријавените гласачи, некои од нив со долгогодишен престој, некои со покус престој за привремена работа, генерално, владееше задоволство за укажаната можност да се дел од изборите без да мора да патуваат до Македонија. Особено задоволни беа граѓаните кои повеќе од една деценија живеат и работат во Грција и поради овдешните обврски биле оневозможени да гласаат на претходните избори.

Сепак, двете главни теми што се иницираа од гласањето на дијаспората во Грција се однесуваа на кандидатските листи, но и како поефективно во иднина би можело да се организира гласањето за дијаспората за да бидат вклучени поголем број гласачи. Во врска со кандидатските листи, речиси сите гласачи забележаа дека не се запознаени со кандидатите од дијаспората и со нивната програма. „За нас што живееме во Атина олеснително е тоа што може да гласаме во амбасада. Сепак, повеќе информации имаме за кандидатите предложени во Македонија отколку за пратениците од дијаспората“, забележува една наша државјанка, која повеќе од една деценија е во Атина. Истиот став, покрај староседелците во Атина, го имаа и граѓаните што се дојдени на привремена работа во Грција. Забележуваат дека би преферирале да може да гласаат за кандидатот од изборната единица на која и' припаѓаат во Македонија, бидејќи имаат поголемо познавање и повеќе информации за нив и за нивните програми. „Би сакал да можев да гласам за кандидат од моето изборно место. Кандидатите од дијаспората, сепак, не ги познаваме“, вели уште еден од 16-темина гласачи во Атина.

Покрај дискусијата за тоа дали во иднина би можеле да се направат посебни кандидатски листи за граѓаните кои се само со привремен престој, дали дијаспората има право да одлучува за кандидатите во шесте изборни единици во Македонија или како подобро би можеле да им се претстават кандидатите од дијаспората, дали преку поинтензивно информирање преку медиумите или преку погласни кампањи на кандидатите, од изборното место во Атина се наметна и прашањето за помасовно гласањето на дијаспората. Бројката на пријавени гласачи беше минимална, но, според многумина, не толку поради необјавениот оглас во грчките медиуми, туку поради локацијата на изборните места. За потсетување, гласањето во Грција беше неизвесно поради неможноста да се објави јавен повик за гласање во грчките весници. Атина беше единственото место каде што гласаше македонската дијаспора во Грција, бидејќи во Солун извиси поради недоволниот број пријавени гласачи. Многумина од македонските граѓани во Грција во контактите со дипломатско-конзуларните претставништва што работат во северна Грција или на грчките острови се пожалиле дека би сакале да дојдат да гласаат, но се откажуваат од идејата и не се пријавуваат токму поради големата оддалеченост на местото на живеење од амбасадата во Атина и од конзулатот во Солун.


#