Мислења

Летај Саша

Ѓорѓи Спасов

Ако го прислушувале Бошкоски, дали истите мерки не биле применети и кон Бранко Црвенковски, кон Али Ахмети, Мендух Тачи, Љупчо Георгиевски...

Во Македонија веќе стана практика секој критичар на власта да се соочува со нејзината одмазда. Меѓу првите на удар беше Душко млекарот на кој му најдоа дека „марихуана му расте во нивата со компири“. Потоа беше Велија Рамковски, кому му најдоа дека „произведувал нелегално ’смоки‘ во просториите на телевизијата“. За претседателот на Уставен суд открија дека бил „кодош“. А еден гастарбајтер од Арачиново, според негови кажувања во медиумите, мораше да плати 600 евра затоа што ја опцул мајката на премиерот. Имал среќа сиромавиот што не наишол на некој од обезбедувањето на премиерот кое убива и за помали грешки на само место.

Во таков амбиент, откако Груевски на изборите се стекна со нов легитимитет по пет години владеење, можеше да се очекува да продолжи одмаздата кон критичарите на власта со уште пожестоко темпо. Сите типуваа на „Летај Саша“. Но, никој не веруваше дека тоа ќе се случи првиот ден по завршувањето на изборите. Груевски не дочека ниту да си заминат набљудувачите на изборите, кои оценија дека „изборите биле фер и демократски“, а да не пристапи кон брутална пресметка со својот најсилен критичар за време на изборите. Според веќе испробаниот метод, беше организирано апсење на лидерот на Обединети за Македонија на јавно место, во ексклузивен ресторан, пред очите на неговиот син и многубројните гости и пред камерите на полициските сниматели што потоа се дистрибуираа до медиумите, со цел да се постигне ефектот на јавно застрашување на другите критичари и јавно понижување на уапсеното лице.

За понижувањето и за заплашувањето да биде поголемо, лидер на партија, невооружен, кој не дава отпор, се легнува со груба сила од специјалците на хауба, па на земја и му се ставаат лисици на рацете, како да се апси најопасен криминалец во земјата, а не човек со кого се гушкаше Груевски до враќањето од Хаг.

За министерката за внатрешни работи, која се фали дека е образована на британски универзитет „тоа е дел од стандардната процедура“.

Љубе Бошкоски за време на изборната кампања несомнено многу ги иритираше премиерот и некои од неговите роднини, обвинувајќи ги за криминал, изнесувајќи некакви „докази“ за нивни нелегално стекнати имоти. Во таа негова би рекол дури „фолклорна антикампања“, Љубе Бошкоски најавуваше дека располага и со документи за „криминалот на Груевски и на фамилијата“. Тој покажуваше некакви документи за продажби на имоти во Чешка, кои не се пријавени во Антикорупциска, за купување станови на мајката на премиерот, за некакви јахти купени за потребите на премиерот и за тоа дека сегашната власт ги игнорира таквите „документи“, а го гони криминалот кај политичките неистомисленици. Во атмосфера на општо меѓусебно валкање, каква што владееше за време на изборите, не сум сигурен дека овој вид антикампања имаше некое сериозно влијание врз исходот од изборите. Љубе Бошкоски не успеа да освои ниту еден мандат на изборите и тоа беше доволно голема казна за него.

Но, Груевски и „навредените“ не му простија на Бошкоски за обвинувањата. Тие по апсењето на Бошкоски објавија дека од почетокот на кампањата „применувале специјални истражни мерки“ против лидерот на една опозициона политичка партија. Тоа значи дека Љубе бил озвучен, прислушуван, сниман и следен секој ден во текот на неговата кампања. Основата за тоа било „сомнението дека, можеби, ќе користи нелегални средства за финансирање на својата кампања“. Замислете апсурд. ВМРО-ДПМНЕ, која потроши милиони евра за својата кампања, а пред Антикорупциската комисија имаше регистрирано приходи во висина од само 140 илјади евра на својата сметка за изборите и за која Велија Рамковски тврдеш�� дека ги плаќала своите сметки во кеш и од буџетски средства, нашла човек за кој „се сомневала дека со нелегални пари ќе ја финансира својата кампања и, веројатно, со дозвола на судот му определила специјални истражни мерки - како што се прислушување, снимање, следење...“.

Се поставува прашањето. Ако му го направиле тоа на Бошкоски дали истите мерки не биле применети и кон Бранко Црвенковски, кон Али Ахмети, Мендух Тачи, Љупчо Георгиевски, Стојанче Ангелов, Филип Петровски и кон сите други учесници во изборниот процес.

Кој по ова може да гарантира дека ВМРО-ДПМНЕ, чиј кандидат на изборите е министерката на полицијата, Гордана Јанкулоска не ги прислушувал сите изборни штабови, не ги имал информациите за секој нивни чекор, за секоја нивна изјава, прес-конференција и информација за секоја можна донација или прилог од граѓаните за финансирање на кампањата.

Оттука Љубе Бошкоски е порака. Тоа не е вообичаен полициско-медиумски спектакл на какви што веќе навикнавме со владата на Груевски, туку демонстрирање на стилот со кој Груевски (со ослабен легитимитет) ќе продолжи да се справува со своите најжестоки критичари. Од изјавата на портпаролот на полицијата, Бошкоски е обвинет за „злоупотреба на својата службена положба“. Цела македонска јавност знае дека Љубе моментно не е ниту министер, ниту директор на јавно претпријатие, ниту државен службеник. Тој е само претседател на политичка партија во опозиција. Која „службена положба“ моментно или за време на кампањата можел да ја злоупотреби на сметка на државните интереси. Тоа е нонсенс. Ако можел тој да го направи тоа, тогаш какви ли можности за тоа им стоеле на располагање на министерката Јанкулоска, на премиерот, на директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски и на многу други што беа кандидати за пратеници на владејачката партија... Полицијата признава дека тие го следеле Бошкоски и има податоци дека од некое лице, наводно, прво зел десет илјади евра, па 20 илјади и го „фатиле на дело“ дури по завршувањето на изборите кога „изнудил“ 100 илјади евра што му биле предавани во ресторан, пред неговиот син.

Целата приказна личи на местенка за остварување на други цели. Што би рекол Рикер, „премиерот и оние околу него се пречувствителни на критика“ и се однесуваат одмаздољубиво спрема своите критичари.

Но, што ако Бошкоски навистина располага со доказите за направен криминал од страна на клучните играчи во владата на Груевски. Зарем не изгледа логично специјалните истражни мерки за прислушување, снимање и за следење на Бошкоски да биле одобрени само со цел да дознаат „актерите на посочуваниот криминал“ дали вистина тој располага со такви докази и кој му ги доставува, а апсењето да било извршено со цел да му се одземат, да бидат уништени, а сведоците замолчени?

Затоа ова апсење е порака. До секој што располага со евентуален доказ против власта. До секој што ќе се обиде јавно да проговори за постоење на таков доказ. И до секој што ќе и' се закани на власта дека ќе одговара кога полицијата и судството веќе нема да бидат под целосна нејзина контрола.

(Авторот е универзитетски професор)


#