02.11.2012, 17:21 Нема чудо, туку хемија
„Очекував експертизата да покаже дека станува збор за процес на зголемување на влажноста што предизвикало чистење на фреските“, вели Коста Балабанов
Катерина Богоева
„Се' уште не може со сигурност да се каже од што настана ’чудото’ со фреските во црквата ’Свети Димитриј’“, потенцира Ема Петрова, директорката на Конзерваторскиот центар - Скопје, кој работи на научното објаснување на промените на дел од фреските што настанаа пред и по Велигден годинава. Фреските тогаш ја добија својата природна боја што од страна на верниците и дел од црковните лица беше протолкувано како „прочистување“. По објавените информации во дел од медиумите дека промените на фреските се резултат на кондензацијата и влагата во црквата, Петрова демантира дека започнатите анализи се завршени и дека токму влагата е единствената причина за „чудото“.
„Се' уште не е готов официјалниот извештај на комисијата која ги прави анализите, а тоа го изјавил и нашиот колега хемичар Никола Ангелов. Очекувам комисијата на крајот на ноември да го комплетира извештајот по претходно разгледување на досега добиените резултати, а дури потоа тој ќе биде доставен до надлежните институции и ќе се презентира во јавноста. Но, ние ќе продолжиме да ги следиме промените на фреските за да видиме што ќе се случува и што е она што ја предизвикало влагата. Потребни се подолгорочни истражувања во различни периоди од годината за да се следи како и зошто е настанат тој процес“, рече Петрова.
Ниту таа ниту хемичарот Ангелов не сакаа да ги потврдат ниту да ги демантираат неофицијално презентираните досега добиени сознанија дека во наводното „прочистување“ на фреските не се користени органски и неоргански растворувачи, дека за тоа ќе треба да се почека извештајот.
А Скопската епархија сепак вчера ги поздрави напорите на експертите од Конзерваторски центар за научно докажување на појавата со фреските во храмот „Свети Димитриј“, искажувајќи и задоволство што „експертите им докажале на многумина злонамерници дека ниту човечка рака, ниту, пак, некое средство учествувало во чистењето на фреските“. Ги поздрави напорите, иако Конзерваторскиот центар го нема изготвено, ниту пак го има доставено до МПЦ официјалниот извештај.
„Но од друга страна, изразуваме и огромно чудење и сомнеж во резултатот од истражувањата на оваа наша реномирана установа, иако разбираме дека под притисок на јавноста мораше да се изнесат какви-такви видувања. Многу аспекти ни наведуваат на нашиот заклучок, зашто како е можно со толку произволен пристап да се донесуваат конечни решенија. Имено, заради поподробно запознавање на пошироката јавност, ако причината за самочистењето на фреските е влагата, која доаѓала од тоа што ’подот се трие и се чисти со плискање вода од кофи’, (цитиран извадок од весник н.з.), веднаш укажуваме дека подот не се чисти на тој начин, бидејќи храмот нема одвод, туку се чисти со помошно средство-џогер кое само се навлажнува во вода. Оттаму, толку ли е големо ова количество на вода, па да придонесе до таков степен на влага и кондензација, односно да покрие толку голем простор. Второ, храмот не се чистеше на овој начин само пред минатогодишниот Велигден, тоа се случува откога тој постои“, стои во соопштението од Епархијата, од каде што меѓу другото се прашуваат дали за самочистењето биле „виновни“ „обилните дождови и новоградбите кои ја спречуваат циркулацијата на воздухот“ бидејќи процесот продолжил и кога немало ни дожд, ни влага и зошто сето тоа не се случило порано... И, дали ќе следат објаснувања или повторно ќе се постават дилеми околу појава на нова нијанса на бојата и др.
Иако беше формирана и комисија во МПЦ која ја разгледува појавата на „чудото“ се' уште во јавноста не е презентирано ниту ова официјално видување и оценка за промените на фреските во скопскиот храм.
А историчарот на уметност Коста Балабанов кој пролетва, непосредно по појавата на „чудото“ за „Утрински весник“ го изнесе своето стручно мислење дека појавата беше непосредно врзана со претпразничното генерално велигденско чистење на храмот, вчера потенцираше: „ Фактот што стручната експертиза која ја врши одговорниот Конзерваторски центар досега покажува дека не станува збор за некакво чудо туку за процес на зголемување на влажноста која ја предизвикало чистењето на дел од ореолите на светителите насликани главно во секо техника, за мене беше очекуван. Под претпоставка настанатиот проблем да се третира чесно и стручно. Мислам дека сега не треба да се бараат некакви кривци и сторители на ова дејание, бидејќи од почеток беше јасно дека тоа било врзано за редовното годишно чистење на храмот кој за разлика од претходните, оваа година се мешаа некои посериозни метеоролошки услови кои доведоа до зголемување на концентрацијата на влага во објектот“, изјави Балабанов.
|