Четврт век ја држел ќерка си во визба и ја силувал

На 28 август 1984 и' дал седативи на ќерката Елизабет, и' ги врзал рацете и ја затворил во визбата на семејната зграда
ВИЕНА - Жена која исчезнала во 1984 година беше пронајдена од полицијата во текот на викендот и изјави пред иследниците дека нејзиниот татко ја чувал во визба, каде што постојано била силувана и родила најмалку шест деца, јави полицијата. Властите јавија во неделата дека таткото на познајниците и на роднините им кажувал дека неговата ќерка се приклучила кон некоја секта и исчезнала.
Франц Полцер, шеф на Бирото за криминални прашања на Долна Австрија, изјави за новинарите дека таткото, идентификуван како Јозеф Ф.го признал делото и сега е во притвор. Полицијата јави дека Јозеф и неговата сопруга одгледувале три деца од нивната ќерка. Другите три деца растеле во визбата. „Се соочуваме со мистериозен криминал“, рече министерот за внатрешни работи, Гунтер Платер.
Случајот бил откриен откако на 19 април тешко болна тинејџерка била пронајдена онесвестена во зградата каде што живеат нејзините баба и дедо, и била пренесена во болница во градот Амштетен. Со оглед на тоа што мајката на болната 19-годишна тинејџерка била исчезната, властите јавно апелирале да се појави. Полицајците добиле информација и ја пронашле мајката во близина на болницата во саботата, јави полицијата.

Мајката, која властите ја идентификуваа како Елизабет Ф., им рекла на полицајците дека тогаш била ослободена по две децении заточеништво од нејзиниот татко. Таа рекла дека на 28 август 1984 година нејзиниот татко и' дал седативи, и' ги врзал рацете и ја затворил во просторија во визбата на семејната станбена зграда.
Во интервју за вестите на телевизија „Асошиетед прес“, Полцер рече дека Јозеф Ф. ја известил полицијата за шифрата за да ја отклучи скриената врата, и на тој начин го откриле местото каде што биле држени Елизабет и децата. Во визбата имало неколку простории, нерамен под и многу тесен ходник, рече Полцер, додавајќи дека вратата била многу мала и дека требало да се навали главата за да се влезе. „Се' е многу, многу тесно , а самата жртва ни рече дека просторот бил постојано прошируван, со текот на годините“. Во визбата, исто така, имало санитарен јазол и мали решоа за готвење, додаде Полцер. На веб страницата на ОРФ е објавено дека просторијата била висока најмногу 1,70 м и дека имало телевизор. Исто така, во визбата имало „ќелија со меки ѕидови“, рече Ханс-Хајнц Ленце, висок претставник на округот Амштетен, во коментарите што беа емитувани во неделата навечер.
Елизабет изјавила дека нејзиниот татко сексуално ја злоупотребувал уште од нејзина 11 годишна возраст. Според изјавата во полицијата, Елизабет и нејзините деца добивале храна и облека само од нејзиниот татко, а нејзината мајка Розмари не била инволвирана.
Полицијата јави дека Елизабет Ф. изгледала „мошне вознемирено“ за време на сослушувањето и се согласила да разговара дури откако властите ја увериле дека не ќе треба и понатаму да контактира со нејзиниот татко и дека ќе се погрижат за нејзините деца. Полицијата јави дека Јозеф (73) и Розмари одгледале три од децата на Елизабет во нивниот стан во двокатна зграда во Амштетен, мало место околу 130 километри западно од Виена. Јозеф и Розмари ги пријавиле децата, дека ги пронашле надвор од нивниот дом во 1993, 1994 и 1997 година, најмалку едно со порака од Елизабет дека не може да се грижи за него. Другите три деца наводно останале во визбата со Елизабет, јави полицијата. „Елизабет Ф. ги учела како да зборуваат“, јави Австриската новинска агенција, цитирајќи го Полцер.
Полицијата јави дека дека 19-годишната Керстин била пронајдена во бесвесна состојба на 19 април во станбена зграда, со порака наводно потпишана од Елизабет, во која бара да биде згрижена. Откако Керстин била примена во болница, Јо��еф Ф. ги ослободил Елизабет и другите две деца од визбата и ја известил сопругата дека нивната ќерка и децата им се вратиле. Агенцијата јави дека, покрај Керстин, другите деца се три момчиња и две девојчиња, од кои најмалото има пет години. Сите се на психијатриска нега, заедно со Елизабет и Розмари, јави полицијата. Се очекува ДНК испитувањата да покажат дали таткото на децата е Јозеф Ф.
Полицијата ја цитираше Елизабет дека родила близнаци во 1996 година, но едното бебе починало после неколку дена бидејќи не било соодветно згрижено, јави полицијата, која спроведува истрага. Тогаш Јозеф го отстранил телото од визбата и го запалил, се вели во полициската изјава. Не е познато дали наводно починатото бебе близнак се вбројува во вкупниот број шест деца.
Овие настани се потсетување на случајот со Наташа Кампуш, што ги шокирапе Австријците пред помалку од две години. Кампуш имаше 10 години кога беше киднапирана во Виена на пат кон училиште во март 1998 година. Таа беше 8,5 години во заложништво на Волфганг Приклопил, кој ја затворил во мала подземна визба во неговиот дом во тивка населба на Виена. Приклопил се фрли под воз само неколку часови по драматичното бегство на Кампуш на 23 август 2006 година. (Асошиетед прес)
|