Донациите на медиумите за партиите мирисаат на корупција

Зошто има неверојатни попусти, каков е ќарот и која е регуларноста, се прашањата кои логично се наметнуваат

Катица Чангова
Светлана Унковска



Во Македонија медиумите се најголеми донатори на политичките партии. Тој факт сам по себе значи голем скандал, но кај нас тоа се прима зачудувачки спокојно. Финансиските извештаи на Државниот завод за ревизија за кампањите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА во три изборни циклуси - парламентарни, претседателски и локални, покажаа малку, но открија многу. Политичките партии добро се изверзираа и прикажаа чисти изборни сметки пред контролорите. Но, тоа е само малиот видлив дел на големата санта. Валканата игра е под вода.

Загрижувачко е откритието на ревизорот дека најголеми донатори на партиите се електронските и печатените медиуми. Врховната институција обелодени податок според кој за рекламирање во само едни избори телевизијата Канал 5 и' дала попуст на ВМРО-ДПМНЕ од фантастични 97 проценти! Овој бонус во пари изнесува 1,8 милион евра. Какви биле донациите што им ги дале на партиите за изборно рекламирање на погледаните телевизии А1 и Сител може само да се претпостави, бидејќи тие не доставиле документи за ревизорот. Ова избегнување само го зголемува сомневањето дека теренот на донациите и отсуството на цврста законска рамка се големо минско поле, кое е подготвено да експлодира ако некој згази по него. Дотолку повеќе што е плодна почва за Продолжение од 1 страница



злоупотреби, манипулации и корупција во медиумите.

Велија Рамковски, сопственик на телевизијата А1, која од ревизијата беше прозвана дека не ги презентирала документите за платените кампањи на политичките партии, тврди дека не знае дали службите на телевизијата ги доставиле или не. Но, затоа, пак, вели дека медиумите не се офајдиле од изборите, бидејќи не можат да ги наплатат побарувањата од партиите, па најчесто се случува да ги отпишуваат долговите.

„Тргнете од обратен редослед и кажете ми еден медиум што добил пари од која било партија. Би ги поставил работите по обратен редослед. Генерално, ревизијата нека провери колку и кои медиуми зеле пари од политичките партии. Преживување е тоа што сме го наплатиле од партиите. Конкретно, А1 наплати нешто ситно од ВМРО-ДПМНЕ, но од СДСМ - ништо“, се пожали Рамковски. Прашан дали поради тоа што се отпишуваат побарувањата, потоа парите ги компензираат на друг начин, односно дали конкретно со партијата на власт е договорено наместо наплата на побарувањата, телевизијата да ги добие владините кампањи, Рамковски тврди дека немаат таков договор, но признава дека и тој е принуден да ги отпишува побарувањата.

„Од владините кампањи имаме добиено пари и тоа ни е навреме исплатено. Но, од изборите ништо немаме наплатено и, во основа, се' е сведено на пиши-бриши. Би сакал да видам телевизија и весник да ги наплатат побарувањата од партиите и со тие намалувања што ги даваме како медиуми“.

Сопственикот на телевизијата Сител, Љубисав Иванов-Ѕинго, одби да одговори зошто тие не сакале да ги достават сметководствените документи до ревизијата и дали и тие им дале попуст на партиите.

Сите оние кои барем еднаш вклучиле телевизор за време на изборна кампања добро знаат за бомбардирањето со пораки од пратеничките, претседателските и локалните кандидати на партиите наменети за потенцијалните гласачи. И затоа е неверојатно кога се чита ревизорскиот извештај - се добива претстава која воопшто не се совпаѓа со изборниот амбиент, кој за волја на вистината го распламтуваа платените политички програми на телевизија и огласите во печатените медиуми.

Голем проблем е тоа што во Македонија донацијата не е прецизно регулирана. И во тој законски вакуум медиумите играат со дампинг-цени. На прв поглед е неразбирливо зошто медиумите ги даваат парите во донации на партии. Зошто има такви неверојатни попусти, каков е ќарот и која е регуларноста од бонуси во износ од 97 проценти, се прашањата кои логично се наметнуваат. Веќе одамна е јавна тајна дека сопствениците на најголемите и најкомерцијални телевизии имаат тесни партиски и политички интереси, но и значајни деловни мотиви. Тоа што го даваат како донација го добиваат повеќекратно како учество во власта, или како милионски износи во владините кампањи, која стана најголем огласувач во државата. Со тоа се корумпира новинарството, се создава нерегуларен медиумски пазар.

Најодговорните луѓе на „Медија принт - Македонија“ тврдат дека изданијата на ВАЦ не даваат никакви донации за политичките партии, односно се' е сведено на пазарните односи во поглед на отстапениот простор и цените.

Несомнено е дека за донацијата мора да има строги правила, како да се третира, а посебно донацијата на политичките партии. Не е само проблемот во висината на донацијата, туку проблемот е во етиката и моралот. Како е можно за 100 евра, колку што чини една секунда на телевизиски медиум, да се плаќа 1 евро, или страница од 500 евра во печатен медиум да се дава за 5 евра. Таквите дампинг-цени го нарушуваат пазарот и конкурентноста. Така се задушува медиумскиот простор. Рекламирањето на Владата и на јавните претпријатија е строго селективно. Сите медиуми кои критички ја опсервираат власта не добиваат ни реклами ни тендери.

Претседателот на Советот за радиодифузија, Зоран Стефановски, вели дека Советот како регулаторно тело уште во самиот почеток на кампања имале забелешки. Според него, паѓа в очи начинот на кој се дефинирани донациите во однос на платеното време кое, реално, и она што е наплатено и таа разлика меѓу вистинската цена и платената, всушност, е донација.

„Имаме индиции да се сомневаме и да се плашиме при ваква недефинираност, при што може да дојде до манипулации со одредени медиуми. Кога на ова ќе додадам дека имаше многу владини кампањи што траат цела година, наведува на помислата на злоупотреба на медиумите за партиски цели. Со ваков вакуум во законската регулатива, само се стимулира работење на граница на законот и на граница на независност на медиумите“, забележува Стефановски. Тој упатува на потребата од итни измени во Изборниот законик кои би ја регулирале недореченоста со финансирањето на изборната кампања. Тој посочува дека доколку не се направи тоа, тогаш нема да изостане корупцијата во медиумскиот простор.

„Апелирам до сите институции, особено до ДКСК, ДИК и СРД, во најкраток рок да седнеме и заедно да го разработиме уште еднаш овој закон. Длабоко сме загрижени за оставениот простор што предизвикува манипулација и корупција на медиумите“, вели Стефановски.

Но, во целава оваа работа, секако, е очекувано вклучувањето на Обвинителството и на Антикорупциската комисија, кои треба да утврдат дали постои незаконитост и корупција.

Првиот човек на „Транспарентност - Македонија“, Сашо Ордановски, констатира дека испреплетеноста на сопствениците на некои од главните медиуми со политичките партии во земјава, потоа бизнис и политичките констелации, придонесува на суштински искривувања на демократските и медиумските практики на добро однесување и професионален однос во информирањето на јавноста. „Сопствениците на голем број медиуми се директно материјално зависни од финансирањето, особено од страна на власта, што е во спротивност со сите основни начела на слободата на печатот и лојалната конкуренција на медиумскиот пазар. Примерот на давањето попусти придонесува за избегнување плаќање даноци, па дури и на случаи на перење пари за време на избори. ’Транспарентност – Македонија‘ одамна предупредува дека ваквата корупција низ медиумите е мошне опасна за здравјето на целиот наш демократски систем и за логиката на партиско-медиумските односи“, забележува Ордановски.

Ревизорскиот извештај покажува дека правила за донацијата не постојат, дека се корумпира информативниот простор, дека некои телевизии кријат податоци. Власта се однесува селективно во однос на рекламите, некаде воопшто ги нема, некаде се дозирани, а во медиумите блиски на власта ги има премногу. За демократските земји е несфатлива работа медиумите да донираат политички партии. Затоа што така се купува партиска припадност, а во медиумите се инволвираат политички партии.

„Медиумите се сопственост на бизнисмени на кои медиумите не им се основен бизнис. Оттаму, телевизијата или весникот се средства кои бизнисмените ги наплатуваат за фаворизирање други би��ниси. Во спротивно, би биле во загуба“, вели поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, за кого рекламирањето на партиите во избори со така високи бонуси не е ништо невообичаено. Затоа што медиумите, кои се помошно средство, им служат на сопствениците да добијат предности во други сегменти од бизнисите. „Медиумот е добра алатка за да се напаѓа или да се фали власта, па и да се уценува. Владата промовира бесплатна кампања, на партиите им се даваат бонуси, но за возврат добиваат многу повеќе, од погодности во лесно добивање дозволи до ослободување од даноци. Можеби ова не е видливо за јавноста, но тој синџир добро функционира“, објаснува Хајредини, потенцирајќи дека тоа е системот на корупција. Како резултат на овие односи, се намалуваат буџетските приходи, а тоа, всушност, се парите на граѓаните.

Меѓу црните точки во Македонија кои во последниот извештај ги забележува организацијата „Фридом хаус“ е слободата на медиумите. На скалата од 1 до 7 (каде што седумката е најлоша оценка, Македонија е рангирана со 4,25 во однос на слободата на медиумите). Ваквиот рејтинг земјава го има уште од 2004 година, за разлика од 2000, кога состојбите со медиумите беа оценувани како многу поповолни.

„Финансирањето и политичкото влијание остануваат и понатаму најголем проблем во земјава, бидејќи многу локални радиостаници и списанија беа затворени поради недостиг од финансии. Сепак, неколку национални телевизиски канали започнаа да емитуваат програма во текот на 2008 година. Сопственоста на водечките печатени медиуми е мошне концентрирана“, се оценува и во последниот извештај на „Фридом хаус“.

Во него се заклучува дека за време на парламентарните избори во јуни 2008 година, медиумите не ги третирале еднакво сите политички партии, а имаше и неколку примери на насилство врз новинарите.


#