Хорор игра и пораз против Грците

Македонските кошаркари не можеа да објаснат што им се случи во дебаклот од 86:54 на стартот од ЕП

Од нашиот известувач
Наум Котевски

ПОЗНАЊ - „Секоја божја недела можеш да победиш или да загубиш како човек“, порача Ал Пачино во филмот на Оливер Стоун, „Any given Sunday“, ама кошаркарската репрезентација на Македонија на отворањето на Европското првенство во Полска немаше доволно меморија во својот хардвер за да се присети на таа позната реплика на „скарфејс“. Загуби од Грција, најкратко речено, нечовечки, со минус од 32 коша (54:86), излегувајќи од Арената во Познањ со длабоки лузни на душата. Периодот на надеж, но и на страв, како ќе одиграме против европскиот шампион од 2005 во домашната атмосфера што ја направија околу 500 македонски навивачи, на крајот се претвори во хорор. Тоа беше класичен пример како може и емотивно и физички да се изгори во првиот настап на една европска смотра по цели десет години пауза.

Дефинитивно, без разлика на исходот од вчерашниот клучен меч со Израел, избраниците на Арсиќ оставија материјал со вознемирувачка содржина. Кристално јасно демонстрираа дека се класи и класи далеку од репрезентациите од европскиот крем, иако некои од кошаркарите тврдат дека емоциите донеле драстично намалување на менталните лимити. Несигурност, нервоза, бегање од одговорност, беа главните одлики на нашите кошаркари. Не видовме ништо од напаѓачкиот потенцијал за кој зборуваше Арсиќ, а за дефанзивата глупаво е и да се зборува по меч во кој ќе примиш 86 коша, а ќе дадеш 54.

Плејмејкерот на Грција, Василис Спанулис, како и Николас Зисис им покажаа на нашите надворешни играчи како се напаѓа зона и како се игра човек на човек. Под кошот, пак, царуваа Бурусис, Фоцис, Куфос и Скорцанитис (или Бејби Шек, како што го нарекуваат Грците), кои херметички го затворија својот рекет, дрско бркајќи ги надвор Гечевски, Антиќ, Самарџиски. Додека нашиот јужен сосед разновидно го градеше својот напад, ние практициравме игра на „осамени“ и само шутиравме за три. Но, и во тој елемент бевме катастрофални, реализирајќи само пет удари од 26. Во скок-играта исто така бевме смешни - имавме дури 17 скока помалку од Грците, а ударот за два ни беше со 44-отстотна реализација, за разлика од 73 проценти на кошаркарите на Јонас Казлаускас.

Селекторот Арсиќ по натпреварот кажа дека такви нешта се случуваат кога квалитететот е лимитиран.

„Тоа е нашиот состав. И ние да ги имаме Зисис или Спанулис, приказната ќе биде поинаква. Тоа се репрезентации со огромен квалитет и со алтернативи на секоја позиција. Нашата шанса против тој профил на национални селекции е да дадеме пет тројки уште од старт, па потоа да држиме некаков егал. И одбраната ни беше катастрофална“, смета Арсиќ, кој, објективно, и пред натпреварот со Грција беше крајно умерен во изјавите, како да знаеше што не' чека.

Од известувачите за македонските медиуми Арсиќ доби провокативно прашање дали репрезентацијата не дошла доцна во Полска, само еден ден пред првиот натпревар, на што кратко одговори: „И да дојдевме месец дена порано, ова можеше пак да ни се случи“.

Неговиот помошник Марјан Лазовски вели дека македонските репрезентативци потфрлиле на психолошки план.

„Искрено, ги немам видено во такво лошо издание. Како да немаа душа. Да речеме, на подготовките на Златибор летаа на паркетот, во споредба со она што го покажаа против Грција. Не верувам дека некој го видел Врбица Стефанов со така тешки нозе, да не може да направи ни лев ни десен дриблинг (н.з. имаше неверојатни 1/10 од поле, односно 0/4 за два и 1/6 за три поена). Или Гечевски да паѓа и при лесни дуели. Се надевам дека се' ќе се подобри во наредните натпревари“, кажа Лазовски.

Македонија - Грција 54:86

По четвртини: 13:28, 15:24, 9:17, 17:17. Сала: „Арена“ во Познањ. Гледачи: 1.900. Судии: Долинек (Чешка), Белошевиќ (Србија) и Замојски (Полска).

Македонија: В. Стефанов 3, Мираковски 3, Соколов, Р. Стефанов 2, В. Стојановски 6, Блажевски, Тасовски, Гечевски 9, Антиќ 9, Д. Стојановски 2, Мејси 12, Самарџиски 8. Селектор: Јовица Арсиќ.

Грција: Калампокис 5, Бурусис 11, Зисис 8, Спанулис 17, Калатес 4, Фоцис, Принтезис 6, Глинјадакис 5, Кајмакоглу 3, Куфос 6, Перпероглу 10, Скорцанитис 11. Селектор: Јонас Казлаускас.

Стефанов: Рацете и нозете како да не беа мои

Искусниот Врбица Стефанов, кој требаше да го разгази патот до, од оваа перспектива гледано, некоја научнофантастична интересна завршница на дуелот со Грција, долго по натпреварот не можеше да сфати што му се случи и нему и на неговите соиграчи.

„Не знам што да ви кажам. Рацете и нозете како да не беа мои. Ова е еден од моите најлоши натпревари во кариерата. Тешко е да се зборува по ваков дебакл. Не знам ни да ви кажам дали сето ова е последица на преголемите емоции или, пак, на еуфоријата што се создаде пред натпреварот. Сега треба да се стабилизираме и да го направиме она по што дојдовме. Барем една победа и пласман во втората фаза“, порача капитенот.

АнтиЌ: Ова не е реалната слика

Како и сите останати репрезентативци, така и Перо Антиќ, кој реализира девет коша, беше скршен по поразот.

„Како поинаку може човек да се чувствува кога ќе загуби со 32 разлика. Повеќето играчи беа уморни, барем така кажаа по мечот. Тврдам дека ова не е реална слика на нашиот квалитет. Тимската игра треба да биде подобра, како и скокот и додавањата“, смета Антиќ, кој не сакаше да коментира за организацијата и доцното доаѓање. „ Ако почнеме за организација и за тоа колку порано требаше да се дојде, ќе останеме тука пред салава четири дена. За тоа ќе зборуваме подоцна, кога се' ќе заврши“, порача Антиќ.

Издвоен инцидент пред ноЌен бар

Иако постоеше страв од некои потешки инциденти меѓу македонските и грчките навивачи, тоа не се случи. И пред и за време на натпреварот беше ослободена позитивна енергија. Македонската репрезентација тука во Познањ е бодрена од околу 500 навивачи, а Грците беа околу стотина. И двете групи беа на иста трибина, а меѓу нив немаше ниту полиција.

Бледа дамка на добрата атмосфера фрли вербалниот судир и малото туркање меѓу две помали групи навивачи пред еден ноќен клуб. Додека паѓаа навредливи зборови и од едната и од другата страна, докажувајќи си притоа кој е впрочем Македонец (и Грците тврдеа дека се Македонци), стигна полиција.

„Ајде сега одете на спиење. Доста беше карање“, им кажа еден од полицајците.

Навивачите не го послушаа веднаш, решија да се дотуркаат, па да заминат.


#