Сите ветуваа, но никој не го посвои малиот Бошко

Попусти беа најавите на медиумите на разни семејства од државата и од странство дека ќе го посвојат беспомошното детенце

Битола - Малиот Бошко, своевиден херој пред неколку години, беспомошно детенце над чија судбина тогаш трепереше речиси целата нација, сега е веќе пораснат во Домот за доенчиња во Битола. Но, за жал, иако во тоа време беше главна медиумска атракција, се' уште никој не донесе одлука да го посвои тригодишниот Бошко, од кого се откажаа сопствените родители.

Момчето од Битола, кое на 8 јануари 2008 година се роди со тешки аномалии на ’рбетниот столб, поради што беше напуштено од родителите, никако да се удоми. Попусти беа најавите на медиумите на разни семејства од државата и од странство дека ќе го посвојат малиот паталец. Тој на нецели два месеца пред неговиот трет роденден, и натаму е во рацете на државата наместо во топлината на мајчина прегратка.

А таму, во Домот за доенчиња во Битола, заедно со Бошко уште 109 дечиња патат за мајчина љубов и топол родителски дом. Домот е преполн со деца. На едната страна, уште со самото влегување во ходниците, ве разнежнува и во исто време растажува мирисот на бебе, плачот на новородените. Од другата страна се слуша џагорот на повозрасните деца. Учат песни, рецитираат на глас, цртаат и се милуваат со негувателките. Срцето ќе ви се распара со само еден поглед. Но, за да биде несреќата поголема, државата со новите измени во законите со месеци го кочи посвојувањето на овие деца.

Последниве недели низ Битола се пренесе веста дека малиот Бошко, конечно, бил посвоен од семејство во странство, како и тоа дека за неговото посвојување биле платени „дебели“ пари. Но, тоа било само измислена приказна или можеби нечија пуста желба. Откако минатата година спласна медиумската заинтересираност за овој случај, Бошко ниту некој го посетил ниту, пак, посакал да го посвои.

Од Домот за доенчиња во Битола потврдуваат дека малиот херој се' уште е кај нив. За него со посебно внимание се грижат вработените. Велат дека има толку убави сини очи и милост во него како за целиот свет. Убавата вест е дека Бошко го има постигнато нивото што е соодветно на неговата дијагноза и возраста. Се обидува да комуницира на свој начин со останатите штитеници и вработените, а брбори и по некој збор.

„Бошко се' уште нема наполнето три години, возраст која е максимална граница за излегување од нашата институција, што значи се' уште е сместен кај нас. Сите тие шпекулации дека детето е посвоено се невистини. Во изминатиот период, благодарение на поддршката на стручниот тим и медицинските сестри за нега на децата, тој ги има сите предуслови за убав потенцијален психомоторен развој. И со гордост можам да кажам дека во заедничката соработка помеѓу нас и Центарот за социјална работа во Битола, за ова дете имаме остварено максимални резултати“, вели директорката на Домот за доенчиња и мали деца во Битола, Наташа Младеновска-Лазаревска.

На приказната за малиот Бошко секој од нас веднаш ќе се сети. Тоа е бебето чии родители кусо по раѓањето го напуштија поради вродените аномалии на ’рбетниот столб. Државата ја презеде натамошната грижа. По нецел месец од почетокот на неговиот живот, тој беше опериран на Клиниката за неврохирургија во Скопје, а потоа префрлен во Домот за доенчиња и мали деца во Битола. Тамам закрепна, бебето беше дадено на згрижување во семејство во Прилеп, но тоа траеше само десетина дена. Бидејќи семејството го покажа пред телевизиските камери, експресно беше вратено во Домот за доенчиња во Битола. Од личен каприц на некој си државен службеник или поигрување со судбината - малиот Бошко и ден-денес е дел од подстанарите на Домот во Битола. Досега не се случило дете да се врати во Домот од згрижувачко семејство, ама на Бошко и тоа му се случи.

И тука секој би се запрашал што ќе се случи со Бошко по навршувањето на трите години од неговиот живо��. Правилото е токму по оваа возраст децата од Домот за донечиња да ја напуштат оваа институција. Дали Бошко по третиот роденден ќе ја имаа таа среќа да биде посвоен или, пак, згрижен во семејство. Дали некој ја крои судбината на Бошко и каква ќе биде таа, засега не откриваат од Центарот за социјални работи во Битола, кои се старатели врз детето. Директорката на Центарот, Виолета Гаџовска, одби да зборува за овој случај. Што ќе се случи со Бошко по 8 јануари не знаат ниту од Домот за доенчиња. Директорката Младеновска-Лазаревска е категорична дека плановите за иднината на Бошко не се нивна обврска, туку на старателот.

Инаку, до пред десетина години, пред да почне процесот на деинституционализација, децата по три години старост ја напуштаа оваа установа и според нивниот психофизички развој беа сместувани во соодветна институција. Животот го продолжуваа или во Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје или во специјалните заводи во Бања Банско и во Демир Капија. Но, со актуализација на деинституционализацијата и со нејзиното официјализирање како национална стратегија, нема трансфер на деца од Домот за доенчиња во други домови. Новите алтернативни методи претпочитаат децата по тригодишна возраст да бидат сместени во згрижувачки семејства или во мали групни домови.

Меѓутоа, и покрај напорите на центрите за социјална работа да ги исцрпат сите ресурси во пронаоѓањето згрижувачки семејства, тоа се одвива тешко. Во Битола на оваа обврска се нафатиле само шест семејства. Состојбата е малку подобра во Прилеп.

„Тоа е причината што дел од децата и по три години остануваат во Домот за доенчиња. Најчесто тоа се деца што имаат потешки пречки во развојот. Децата кои се со лесни пречки во развојот мошне лесно успеваат да си го најдат својот пат кон згрижувачко семејство“, вели Младеновска-Лазаревска.

Моментно во Домот во Битола се сместени 110 деца. Бројката е висока како никогаш досега, но од ова институција велат дека, сепак, капацитетот не е сосема исполнет. Од вкупниот број штитеници, 65 се здрави деца, а 45 со пречки во развојот, и тоа од лесна преку умерена до тешка ментална и физичка ретардација. Цели пет месеци не е посвоено ниту едно дете. Каде заглавило посвојувањето деца во Македонија?

„Се' уште не чувствуваме некој голем притисок, зашто Домот е со 120 легла. Моментно преадаптиравме и дел од просториите што беа за друга намена. Меѓутоа, направивме контакти и со центрите за социјална работа дел од нашите деца да се сместат во згрижувачки семејства. Во последните две недели три деца отидоа во семејства. А планирано е уште пет деца да се згрижат. Така ќе направиме баланс со влезот и излезот на децата, се' додека не се дорегулира материјата врзана за подзаконските акти околу промените што се донесоа во Законот за посвојување и воведувањето електронско посвојување“, смета Младеновска-Лазаревска.

За да биде судбината на овие деца уште понеизвесна и уште потешка, искуството покажало дека никој од посвојувачите не сака чедо со инвалидитет, туку здрави деца. За сите оние деца чии биолошки родители ги напуштиле поради нивната ретардација, единствената шанса да имаат свој вистински дом, родителска љубов и грижа е згрижувачко семејство. Сепак, од Домот потенцираат дека досега успешно одработиле во многу случаи мајката да си го земе детето назад, да не се откажува од него, односно да го врати во биолошкото семејство, ако навистина таму има услови за нормален живот. (А.Б.)




#